Анализи

Офлајн-институции го игнорираат онлајн-демнењето

Од десет пријавени случаи за демнење во онлајн и физички простор, поднесено едно обвинение

Во последните неколку години, онлајн сексуалното насилство „експлодираше“ на Балканот. Во Македонија, најскандалозен беше случајот со „Јавна соба,“ онлајн чет-група на енкриптираната апликација „Телеграм“, со над седум илјади членови, каде што се споделуваа експлицитни фотографии без согласност, профили од социјални медиуми, лични податоци и детска порнографија.

Групата беше затворена во 2020 година, но никој не беше формално казнет. Една година подоцна се појави уште една ваква група со исто име, иста цел и на истата апликација, повторно со илјадници (машки) членови.

Згрозени од насилството, стотици го изразија својот револт и поддршка за жртвите на повеќе протести.

Масовноста на „Јавна соба“ доведе до огромни реакции во јавноста. „Бидејќи се работеше за детска порнографија и излегоа работи пред кои сакаме да замижиме, имаше помасовен одѕив за овие теми“, изјави за БИРН, Калиа Димитрова, главна уредничка на феминистичката платформа „Медуза“.

Во март 2022 година им беа изречени четиригодишни затворски казни на креаторот и администраторот на телеграм-групата за производство и дистрибуција на детска порнографија. Обвинителен акт има и за 22-годишно лице-член на „Јавна соба“ за истото кривично дело, а од ОЈО велат дека се постапува за дел од останатите активности во групата.

Според обвинителството, тие побарале податоци од Телеграм за идентитетите на корисниците во „Јавна соба“, но до ден денес не добиле одговор. Без овие податоци, ОЈО велат дека не може да постапува.                                

Променети закони, заостаната пракса

Згрозени од насилството, стотици го изразија својот револт и поддршка за жртвите на повеќе протести. | Фото: БИРН

Како резултат на јавниот притисок за Јавна соба се изгласаа промени во Кривичниот законик, со што се воведе кривичното дело „демнење“, со кое се предвидува парична казна или затвор до три години за лица што неовластено следат или пробуваат да остварат несакан контакт со друго лице во физичкиот, но и во дигиталниот простор.

Ова дело стапи во сила, во февруари 2023, а од Министерството за внатрешни работи велат дека досега „регистрирани се 10 жртви на кривично дело ‘демнење’, од кои само во два случаи делото е извршено преку интернет.“ Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) велат дека поднесено е едно обвинение преку ова кривично дело.

Потенцијална олеснителна околност по „Јавна соба“ е што жртвите не мора да отидат физички во полициска станица за да го пријават насилството. Тоа сега може да се направи и онлајн преку официјалниот имејл cybercrime@moi.gov.mk или на онлајн-платформата црвенокопче на веб-страницата на МВР.

Иако овие промени се позитивни, многумина сметаат дека институциите сѐ уште се сексистички настроени кон жртвите. Димитрова става посебен акцент на полицијата бидејќи таму е „првиот пункт на барањето на правдата на жртвите каде што секој втор полицаец е сексист или можеби е насилник“.

Дури и кога се соочени со несоодветни институции, активистите апелираат насилството да се пријавува. Димитрова се колеба околу оваа пракса, знаејќи дека голема е веројатноста жртвата да биде осудена и двојно виктимизирана при барањето правда.

„Се надеваме дека со тоа се прават микрочекори и се создава некоја институционална меморија за како да се постапува. Тажно е што тоа се случува на грбот на жртвите“, со разочарување објаснува Димитрова.

Адвокатката Катерина Котеска од Битола, исто така, смета дека во институциите жртвите често се соочуваат со осуда, несоодветни прашања и двојна виктимизација кога бараат помош. Но, истовремено Котеска гледа многу пречки што доаѓаат и од предрасудите од околината.

Котеска застапувала жртва од таканаречената битолска „Јавна соба“, чии интимни скриншотови од видеокол биле споделени во фејсбук-група. Жртвата била позната во градот и тоа се одразило во самиот судски процес. Надевајќи се на поголемо разбирање, Котеска сакала да ангажира жена како вешто лице за проценка на психолошката состојба на жртвата.

„Меѓутоа жената ме одби под образложение дека не сака да се инволвира во тоа, ќе ја озборувале, дека тоа е нешто што ќе се слушне. Со други зборови, сметам дека таа не сакаше да се инволвира во таков скандал“, објасни Котеска.

Адвокатката Наташа Бошкова од организацијата „Коалиција Маргини“ очекувала поодговорен однос од институциите откако  работела на случај поврзан со „Јавна соба“, кој по речиси три години бил отфрлен од обвинителството поради недостиг од докази.

„Сметам дека ваквиот пристап е штетен и спротивен на обврската на институциите да постапуваат со должно внимание, односно навремено и ефикасно да преземат сѐ што е во нивна надлежност да го откријат сторителот, да приберат докази и да се казни, а на жртвите да им се обезбеди компензација за штетата што ја претрпеле“, изјави Бошкова за БИРН.

Подигната свест, ама далеку од решен проблем 

„Се случи нешто многу важно, а тоа е препознавање на самите жртви како жртви“, објаснува Димитрова | Фото: Жарко Чулиќ

Поради „Јавна соба“, онлајн сексуалното вознемирување и насилство станаа поприсутни во јавниот дискурс и се зголеми свеста за овој проблем кај јавноста, институциите, но според Димитрова, и кај самите жртви.

„Се случи нешто многу важно, а тоа е препознавање на самите жртви како жртви. Односно ова им даде можност на повеќе девојки, особено помлади, да сфатат дека некои работи што им се случуваат се нормализирани, а дека, всушност, не се нормални и не треба да бидат.“

Сепак, самото препознавање на насилството од страна на жртвите не е доволно за да се искорени оваа појава. Важно е да се промени однесувањето и кај насилниците, а експертите сметаат дека потребни се превентивни мерки и едукација на младите.

Котеска потенцира дека младите треба да знаат што е интимна комуникација меѓу две лица и да бидат свесни дека препраќањето експлицитни фотографии не претставува само кршење на довербата, туку и кривично дело казниво според законот.

Димитрова вели дека македонските институции сè уште не сфаќаат дека онлајн и физичките идентитети се практично еднакви, а со тоа заостануваат и несоодветно третираат случаи на онлајн-насилство.

„Ние како помлади генерации во нашите напори треба да инсистираме на тоа дека не постои граница меѓу реалниот и дигиталниот свет“.

Сепак, за Димитрова проблемот не лежи само во институциите, туку и во општествените вредности, како и агресијата, која е често присутна во домовите и во училиште. Токму затоа, насилството се перпетуира во сите односи – романтични, пријателски и фамилијарни – во младоста, но и понатаму во животот.

„Кога зборуваме за насилството, тоа е екстернализирано од реалноста и некако демагошки пристапуваме кон тие проблеми. Едноставно како општество треба да се соочиме со тоа дека насилството е дел од нашите животи, без исклучок, и треба да го симнеме на тоа ниво“, заклучува Димитрова.