Колку и да се раскарани политичките партии во Македонија, секогаш лесно наоѓаат заеднички јазик за една тема – како да земат повеќе пари од државата. Но, додека сумите што ги земаат за редовното работење, финансирање изборни кампањи и рекламирање во медиумите редовно го привлекуваат вниманието на јавноста, има еден трошок што е често под радарот, а се исплаќа веќе девет години.
Имале активности или не, партиските истражувачко-аналитички центри на четирите најголеми партии секоја пролет добиваат повеќе од 320 илјади евра, кои им се распределуваат во зависност од тоа колку гласови добиле. Во моментов, партиите што имаат такви центри финансирани од државата се СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците, која ја истурка Беса по изборите во 2020 година.
Сумите што ги добиваат можеби се различни, но она што им е заедничко на партиите е што не поднесуваат сметки за тоа како ги трошат овие пари, и секоја година добиваат нова сума, без разлика дали го потрошиле буџетот за претходната или не.
Во партиските центри треба да бидат вработени најмалку двајца, а просториите во кои работат им ги обезбедува партијата.
Списокот за работни задачи пак за нив не е многу долг. Според законот за партиско истражувачки центри, според кој функционираат од 2015 година, тие треба да прават истражувања, да обработуваат податоци, да ги планираат идните активности, да одржуваат трибини, дебати, семинари, работилници…
Но, никој не мери што всушност направиле ниту пак постои услов за да ги добијат парите. Секоја следна година, вообичаено во мај, Министерството за правда повторно им исплаќа пари без разлика дали ги потрошиле оние од претходната година. Ако им останат пак не смеат да ги префрлат на друга сметка, ниту пак со нив да плаќаат работи кои не се поврзани со партиско истражувачкиот центар.
Грубата пресметка покажува дека на четирите партии во овие девет години им се исплатени околу два милиона евра.
БИРН ги контактираше сите со прашање што сработеле во 2023 година. Сите одговорија дека имале активности, иако за тоа нема извештаи или други пишани траги.
ВМРО-ДПМНЕ водат во правење анкети
Заедничко на центрите на трите партии е што прават испитувања на јавното мислење за кои плаќаат надворешни компании. Но има разлика во бројот на нарачани анкети. Најмногу испитувања на јавното мислење прават ВМРО-ДПМНЕ односно годишно -12. Лани од државата добиле околу 92 илјади евра.
„Секој месец во текот на годината се ангажираат агенции за изработка на месечни истражувања на јавното мислење“, ни одговори Стефан Андоновски, раководителот на партиско истражувачкиот центар „Љубиша Георгиевски“ на прашањето колку често ангажираат надворешни лица.
Најголем дел од парите што ги добиле покрај на истражувања на јавното мислење ги потрошиле и обуки и плати.
СДСМ и ДУИ имаат нешто поскромни буџети но и помалку даваат за мерење на мислењата на граѓаните.
Од 86 илјади евра колку што во просек добива владејачката партија околу 26 илјади евра годинава дале за истражувања како што велат „во соработка со неколку институти“.
„Лани направивме две испитувања на јавното мислење и една анкета“, ни кажаа од СДСМ.
Најчесто споменуван во списокот со сработени задачи кај оваа партија е терминот „база на податоци“ , а партијата, според одговорот што го добивме многу помалку организирала обуки.
ДУИ пак се пофали со тркалезни маси, академии…кои ги организираат со „нивните партнери ИФЕС, ИРИ и НДИ“. Две од овие организации лани им презентирале и две анкети, а сами за „услуги за истражување на јавното мислење платиле две анкети “.
Овој партиски центар, именуван по починатиот министер за образование Абдилаќим Адеми, лани имал и три активности во негова чест- публикација на докторат, документарен филм и Меморијална академија.
ДУИ добива помалку пари од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ годишно, околу 75 илјади евра, а имаат повеќе вработени- четворица.
Исто толку вработени има и четвртата партија Алијанса за Албанците која годишно добива околу 70 илјади евра. И од нивниот партиско истражувачки центар ни набројаа слични активности како и останатите партии. Направиле три испитувања на јавното мнение, теренска и телефонска aнкета со надворешни истражувачки агенции.
„Преку нив покрај тоа што ги гледаме темите кои се приоритетни за граѓаните исто така се мерат и рејтинзите на партиите и партиски лидери“, ни кажа раководителката Идила Пустина.
Милиони евра за партиите
Овие пари се само мал дел од она што го добиваат партиите од државниот буџет. Партиите секоја година добиваат пари за функционирање па на пример лани сите вкупно добија околу 4,8 милиони евра.
За избори пак располагаат со дополнителни средства. Последната изборна година, 2021 кога се одржаа локалните избори партиите добија дополнителни 5,1 милион евра за да се рекламираат во медиумите. Годинава за партиско рекламирање за претседателските и парламентарните избори се предвидени 10,6 милиони евра. Иако технички овие пари не легнуваат на партиските сметки, тие одредуваат каде и колку ќе се рекламираат, додека Државната изборна комисија ги плаќа сметките.
Политичарите кои едногласно ги носеа одлуките со кои си ги зголемуваа парите тоа секогаш го образложуваа дека на тој начин ќе се намали можноста за скриени и криминални пари. За партиското истражувачките центри пак законот е донесен порано, во 2015 година. Неговата цел беше да се изгради „структуирана и квалификувана дебата за политичките процеси“. Ова го пишува во вториот член од содржински скромниот закон напишан на три страници.