Анализи

Помилувањата на Иванов се поклопуваат со кривичните пријави на СДСМ

Извори за БИРН тврдат дека кога претседателот ги носел одлуките за аболиција, првично се раководел од поднесените кривични пријави на опозицијата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Владо Апостолов и Мери Јордановска

Одлуките за аболиција и за помилување што ги донесе претседателот Ѓорге Иванов пред дваесетина дена, во голема мера се поклопуваат со содржините на кривичните пријави што СДСМ ги поднесе до Јавното обвинителство, откако ги објави таканаречените „бомби“. Извори за БИРН тврдат дека кога претседателот ги носел одлуките, првично се раководел од поднесените пријави, а за да го стори тоа, морал да има пристап до предметите во Јавното обвинителство со кое раководи Марко Зврлевски.

Ако се разгледаат сите 39 одлуки за помилувања на вкупно 56 лица и кривичните пријави што СДСМ ги поднесе до Јавното обвинителство минатата година, можат да се видат истите имиња, напишани по ист редослед.

На пример, СДСМ на 20 март 2015 поднесе кривична пријава до ексминистерот Миле Јанакиески и до директорот на затворот „Идризово“, Живко Пејковски, бидејќи наводно ги присилувале затворници како да гласаат, а токму за овој двоец се однесува првата одлука за аболиција што ја потпиша Иванов.

Ист е случајот и со кривичната на опозициската партија за лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и за неговиот сопартиец во Држаната изборна комисија (ДИК), Бедредин Ибраими, како и со уште десетина кривични на СДСМ и одлуки на Иванов.

Од овој аспект не се спорни помилувањата во случаите „Пуч“ и „Поткуп“, каде што главниот осомничен е првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, бидејќи таму има обвинение, кое е јавно достапно, а веројатно најчиста е ситуацијата кај осудениот – вработен во УБК, Звонко Костовски, кој со одлука на Иванов беше помилуван од затворска казна.

Како претседателот дознал за Крпач?

Сепак, Иванов не се држел само до ланските пријави на СДСМ, а доказ за тоа е и одлуката со која го аболираше сега веќе починатиот Коста Крпач, а во која се наоѓаат и Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП и директорот на НВСП, Христијан Панев. Овие тројца не се спомнати во кривичните пријави на опозицијата, иако фирмата НВСП беше дел од „бомбата“ за набавката на израелската опрема.

За случајот со опремата, СДСМ поднесе кривични само за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, неговата соработничка Светлана Костова и за израелскиот бизнисмен Хаим Хакијни, а Иванов токму по овој редослед ги аболираше.

DSC06184

СЈО барало дозвола да се изврши претрес во станот на Крпач. Оваа информација од судот била проследена до Иванов, кој го ставил Крпач на списокот за аболиција, иако тој бил само сведок, самиот се пријавил и соработувал со СЈО

Според нашите неофицијални информации случајот за кој е помилуван Крпач индиректно е поврзан со израелската опрема и затоа уште е поголема енигмата како Иванов дознал за истрага која се оформила во СЈО и за која можеле да знаат само специјалните обвинители. СЈО веќе се изјасни дека Крпач не бил осомничен за ниту еден предмет што се води во ова обвинителство, а тој, сепак се најде на листата помилувани.
Одговорот на дилемата може да се бара во завчерашното соопштение на Основниот суд – Скопје 1 од кое дознавме дека СЈО барало судска дозвола за претрес во станот на Крпач.

Така размислува и адвокатот Александар Тортевски.

„СЈО барало дозвола да се изврши претрес во станот на Крпач. Оваа информација од судот била проследена до Иванов, кој го ставил Крпач на списокот за аболиција, иако тој бил само сведок, самиот се пријавил и соработувал со СЈО. Ниту судот, ниту Ѓорѓе Иванов не знаеле дека претрес може да се бара и во просторија на лице кое не е осомничено или е сведок, како што било во случајов“, коментира адвокатот.

Тортевски потенцира дека сите овие постапки се тајни информации.

„Овие постапки не смеат да се објавуваат и до нив по легален пат не смеел да дојде ниту Ѓорѓе Иванов,“

Адвокатот Александар Тортевски смета дека СЈО мора да воспостави надлежност за сите случаи кога лица или институции вршат каква било опструкција на нивната работа.

„Па, така и во случајов СЈО мора да ги документира сите притисоци на кои Крпач бил изложен.“

Судски извори коментираат дека токму обелоденувањето на името на Крпач и неговото ставање на списокот на помилуваните, го загрозило неговото својство на сведок пред Специјалното јавно обвинителство. СЈО на 1 април поднесе иницијатива до Собранието за измени и дополнување на Законот за заштита на сведоци, со цел да се заштитат овие лица, но Собранието се распушти без да ги изгласа измените.
Крпач во средата беше најден со прострелна рана во градите во својот стан, откако пред тоа наводно пукал врз комбе паркирано пред зградата во скопската населба Капиштец. Истрагата уште не открива дали станува збор за самоубиство.

Адвокатот Тортевски смета дека и за другите постапки изворот на информации е скопскиот кривичен суд.

„За мене нема дилема дека Основниот суд – Скопје 1 е изворот од кој Горѓе Иванов ги добил информациите за тоа кои се лицата против кои се водат како истражни така и предистражни постапки. Направен е целосен преглед за сите предистражни мерки кои СЈО ги барало од судот и за кои лица и кое кривично дело и по тие информации се изготвени решенијата за аболиција.“.

Хелсиншкиот комитет денот по одлуката за аболиција им поднесе кривична пријава на претседателот Иванов и на непознати лице или лица кои му ги откриле доверливите податоци од постапките на СЈО. Комитетот нема дилеми дека е повредена тајноста на постапката во овој случај, а самиот чин е кривично дело за кое законот предвидува парична или казна затвор до една година.

Иванов не ја заврши целата работа

Прашањето за тоа од каде Иванов точно знаел кого да помилува беше долго време поставувано во јавноста, бидејќи станува збор за голем број предистражни постапки, кои треба да бидат тајни. Кога ова прашање му беше поставено на Иванов за време на неговото гостување на МРТВ, тој кратко одговори дека „претседателот на државата има начини да дојде до сите информации во државата“.

Ако кривичните пријави на СДСМ зачинети со информации од другите правосудни инстиуции, биле ѕвездите водилки за аболирањата на Иванов, интересно е дека лани опозицијата во еден момент престана да поднесува кривични, а продолжи со објавувањето на снимените разговори во кои имаше индиции за криминали.

Па така, СДСМ не поднесе кривична пријава за нејзините сомнежи дека експремиерот Никола Груевски и ексминистерот Миле Јанакиески договорале милионски провизии при дилот со кинеската компанија која гради автопатишта во Македонија со парите од кинески кредити.

За овој случај, Иванов не аболираше ниту едно лице.