Анализи

Порталите помеѓу синиот и црвениот алгоритам

Што се смени по една година од професионалниот регистар на медиуми

Платформата Промедиа.мк беше најавена во декември 2019, како проект кој треба да ги издвои професионалните медиуми од тие што не ги почитуваат новинарската етика и стандарди.

Овој Регистар требаше да им овозможи на читателите полесно да ги разграничат професионалните портали од тие што, претставувајќи се како медиуми, сервираат манипулација и пропаганда и ги уриваат новинарската професија и довербата во информациите. За бизнисмените, пак, требаше да значи заштита од уценувачите и од непрофесионалните медиуми.

Една година подоцна, агрегаторот на вести Тајм.мк воведе можност да следите вести во т.н. „сина верзија“, на која се излистани портали што се во регистарот на професионални медиуми и „црвена“, во која се оние кои таму не се.

Ова е прв чекор во филтрирањето медиумски содржини надвор од квантитативните критериуми, какви што се бројот на кликови или посети.

Игор Трајковски, сопственикот на агрегаторот за вести Тајм.мк, за БИРН рече дека идејата им била да ја заменат опцијата за персонализација што постоела за селекција на медиуми што имаат про-десна или про-лева уредувачка политика, со поделба на медиуми што се членки на Регистарот во една и сите други медиуми во друга категорија.

Сега има нова персонализација: „Една верзија на професионални медиуми, кои се поминати низ филтрите што тие ги имаат, и една верзија со сите, и да се покаже разликата“. Со ова решение има простор за сите медиуми, „но да се знае дека едните се обележани како професионални медиуми“.

Рано е за драматични поместувања

Нов импулс за заживување на Регистарот на портали | Фото: Промедиа

Катерина Синадиновска, претседателка на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите, организација која стои зад Регистарот, за БИРН вели дека е „создадена екстензија за десктоп-пребарувач, кој ќе им овозможи на граѓаните на своите компјутери да ги имаат само медиумите-членки на Регистарот“. Тоа, како што рече, претставува „заштита од другиот тип ‘информирање’“.

Смета дека би било преамбициозно да се очекува оти за една година ќе се среди медиумската ентропија во интернет-просторот. Впрочем, вели, обидите за да се дојде до професионалниот регистар, во најмала рака, траеле двојно повеќе.

Александар Дамовски, главниот уредник на порталот МКД.МК, е самокритичен и констатира дека и самите медиуми можеле повеќе да направат за презентација и промоција на Регистарот во јавноста.

„Ние затаивме. Дојдовме до објавувањето на Регистарот и тука застанавме кога требаше да се продолжи со наши кампањи (не со банери), туку со средби со сите субјекти што учествуваат во бизнисот: стопански комори, фирми, маркетинг-агенции да им се објасни која е целта“.

„Нема ни бенефит, нема ни штета“, за БИРН, пак, рече главниот уредник на СДК.МК, Горан Михајловски. Смета дека никој не може да му забрани на некој портал што не е член на Регистарот да уценува за реклами: „Не можеш да му забраниш некому да продолжи да рекетира“, вели Михајловски.

Фирмите не го „есапат“ Регистарот

Партиите се рекламираа на портали без импресум | Фото: БИРН

Идеите дека економски бенефит од Регистарот ќе имаат професионалните портали се потпираа на препораките за рекламирање за оние медиуми што членуваат во Промедиа.мк. Зад ова застана и Стопанската комора, но таа поддршка засега се чини дека е само декларативна.

Синадиновска вели дека Комората презела обврска да ги информира и да ги мотивира членките да се рекламираат на порталите што се дел од Регистарот, меѓутоа евидентно е дека фирмите се рекламираат и кај порталите што не се членови на Регистарот.

„Кај голем дел од медиумите, кои, не само што не се наши членки, туку се еклатантни и негативни примери за отворен говор на омраза, дискриминација, лаги и манипулации, гледаме реклами на наши економски гиганти. Ова укажува на тоа дека тука има сериозен проблем“.

И Дамовски, за БИРН, се повикува на џентлменскиот договор со комората на стопанствениците.

„Тогаш кога имавме средба со Бранко Азески, тој лично зеде обврска да седнеме и отворено да позборуваме, но тоа не се случи“, рече Дамовски, алудирајќи на тоа дека требало да се среќаваат со луѓе од бизнис-секторот за да им се доближи идејата.

Од Стопанската комора не одговорија на прашањата на БИРН дали во овој период од една година, на каков било начин разговарале со фирмите за професионалниот Регистар.

Младен Чадиковски, првиот човек на ЗНМ, се согласува дека бизнисмените не се придржуваат до препораките: „Ова е проблем затоа што продолжува финансирањето портали што секојдневно ги кршат етичките стандарди“.

До Советот стигнале и такви искуства од фирми, кои тврдат дека никогаш не дале пари за реклами, ниту се огласувале во одредени медиуми, туку дека порталите ги користеле нивните логоа само за да си додадат на тежина и кредибилитет.

„На почетокот, дел од спонзорите, кога слушнаа за иницијативата, самите дојдоа кај нас и кажаа дека имајќи предвид со какви сѐ уцени се соочуваат (ова е голем проблем и низ градовите, на локално ниво) подготвени се да се вклучат во битката. Време е да видиме акција“.

Во меѓувреме, трагајќи по одговор на прашањето дали и зошто не се користи регистарот како препорака за огласување од лице вклучено во индустријата, добивме коментар: „Професионален регистар на медиуми – првпат слушам“.

Но, не се само бизнисмените и компаниите. Промовирајќи ги целите на проектот, беше кажано и дека Регистарот ќе биде тест за политичките партии, за тоа дали ќе се промовираат во професионалните онлајн-медиуми или кон нивните „приврзоци“.

Во пракса и тоа се изјалови. На парламентарните избори во 2020, политички партии се рекламираа на портали без импресум, кои никнуваа речиси пред почетокот на кампањата.

Како почна и како се развива

Над 140 портали регистрирани во професионалниот Регистар | Фото: Pexels

Регистарот го основаа Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите, а го поддржаа Стопанската комора, Владата и меѓународните организации.

По нешто над една година од формирањето, наместо првичните 72, сега брои двојно повеќе портали, 142. Но, бројката и натаму расте, како печурки по дожд.

Во Советот за етика за медиумите се убедени дека Регистарот, за време од една година, успеал да ја зголеми свесноста кај граѓаните и институциите за тоа какви се разликите меѓу професионалните и непрофесионалните медиуми.

Критериуми за членство

Главните критериуми што треба да ги исполнат порталите за да станат дел од Регистарот се: транспарентно сопствеништво и импресум, почитување на Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ. Текстовите треба да се потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми, тоа треба да биде наведено.

Потврда е и тоа што најголемиот број претставки до Советот за етика во медиумите во 2020 се за порталите (90,7%).

И самите граѓани, граѓански организации, адвокати и јавни институции, вели Синадиновска, кога се обраќаат со жалба за некој медиум, „го користат аргументот дали тој медиум е или не е дел од Регистарот“.

Најчестите прекршители на Кодексот на новинарите не се членки на Регистарот. Статистиката што ја направи Советот за етика во медиумите покажа дека порталите најмногу го прекршуваат првиот член од Етичкиот кодекс на новинарите, кој пропишува објавување точни и проверени информации.

Индикативно е тоа што над 40 проценти од жалбите се само за пет медиуми, од кои ниту еден не е член на професионалниот Регистар на медиуми.