Специјалната единица на Гугл ТАГ (Threat Analysis Group), која се занимава со следење хакерски напади врз своите корисници, објави информации за три кампањи во кои бил користен популарниот шпионски софтвер Предатор, развиен од македонската фирма „Сајтрокс“.
Во трите случаи, корисниците на андроид-телефони добиле имејлови со линкови. Кога тие го кликнувале линкот, за кратко нивниот пребарувач ги носел на веб-страница што го „заразувала“ телефонот со вирус дизајниран да ја вчита целосната алатка на шпионскиот софтвер Предатор и веднаш ги префрлала на друга, реална веб-страница за тие да не забележат дека нешто се случува.
Нападите се случиле во август, септември и во октомври минатата година врз десетици корисници. Специјалната единица на Гугл објави дека во моментов следи повеќе од 30 компании што се занимаваат со продавање системи и алатки за надзор.
Претходно, „Ситизен лаб“ откри дека лани, меѓу јули и септември, со помош на Предатор имало хакерски упад врз телефонот на грчкиот новинар Танасис Кукакис. Софтверот на „Сајтрокс“ наречен Предатор бил пронајден и во ајфоните на Ајман Нур, опозициски лидер од Египет – кој живее како азилант во Турција, и на еден египетски новинар. Двајцата забележале дека телефоните необично многу им се загреваат и ги известиле „Ситизен лаб“.
Тогаш Фејсбук, синхронизирано со извештајот на „Ситизен лаб“, ја издвои „Сајтрокс“ како една од седумте компании чии услуги биле најмувани за сајбер-шпионирање. Најпопуларната социјална мрежа блокираше околу 300 профили на Фејсбук и на Инстаграм што се поврзуваат со македонската компанија.
Се претпоставува дека биле следени околу 50.000 луѓе во повеќе стотици земји. Ситизен лаб лани откри дека клиенти на Предатор имало во Грција, како и во Србија, Ерменија, Египет, Индонезија, Мадагаскар, Оман и во Саудиска Арабија.
БИРН, минатата година ја истражуваше скопската фирма „Сајтрокс“, како дел од групацијата Интелекса што нуди софтвер и технологија за разузнавачки операции.
Групацијата ја водат бизнисмени со сериозен воен бекграунд во Израел и главно соработуваат со влади на различни држави. Македонскиот „линк“ со скандалот е 30-годишниот Иво Малинковски, управител на фирмата „Сајтрокс“ од Скопје.
Нашите сознанија укажуваа на тоа дека врската меѓу младиот Малинковски и сериозните разузнавачки играчи е неговиот семеен бекграунд.
Најтесното семејство на Малинковски, покрај познатите ресторан и винарија „Камник“, ја поседува и ја води фирмата за трговија со воена опрема и оружје „Микеи-интернационал“.