Регион

Преживување на пеколот во „Омарска“

Сеќавање на шестте месеци поминати во логори

Додека во мај 1992 година водел радиоемисија во Приедор, град во северозападна Босна и Херцеговина, во кој што се родил и израснал, Резак Хукановиќ првпат го слушнал звукот на граната што паѓа.

Слушајќи ги извештаите од другите градови во Босна и Херцеговина, тој се надевал дека војната наскоро ќе заврши. Но, во војната, која наскоро се проширила и во Приедор, Резак и неговиот малолетен син, на 30 мај биле уапсени во семејниот дом и однесени во озлогласениот логор „Омарска“, управуван од силите на босанските Срби.

Никогаш не сфатил зошто и неговиот син бил уапсен.

Се сеќава на „ужасните слики“ во логорот, како сликата „кога гледате дете кое умира во прегратките на татко му. Секогаш велам – за среќа, моето дете преживеа, но нечии деца и нечии родители не“, вели тој.

Резак никогаш не ги заборавил сцените кога неговите соседи се враќаале од тепање со скршени екстремитети.

 

Затвореници во логорот Омарска. Фото: МКТЈ

Неговите најтешки сеќавање се оние на моментот кога професор од Козарац ја поминал ноќта на дрвен стол, поради повредите од мачењето, бидејќи не можеше да легне од болка.

„Горе беа простории за испрашување, горе тепаа, потоа тој рече: ‘Ова е мојот син’, му го препозна гласот, следниот ден му го виде телото до куќата“, раскажува Хукановиќ.

Периодот до месец август, до кога бил во логорот „Омарска“, го памети по мачењето и гледањето на смртта во очи.

Тој вели дека не можел да мисли на ништо друго, освен на мирисот на крвта и на врисоците од ужасот од малтретирањето, што доаѓале од собата за испрашување.

„Што е тоа во човекот, колкава е таа омраза, на таков начин да малтретирате луѓе, да ги убивате, да ги вадите надвор секоја вечер, па за 15 дена да им ги кршите рацете и нозете, а потоа тие да умираат во страшни маки“, вели тој.

Но, тој се сеќава и на хероите, како лекарот од Омарска, Есо Садиковиќ, кој најчесто им помагал на повредените логорски затвореници, кој дури и шиел  рани „со конец“ од сопствената коса.

„Тие (затворениците) даваа валкани маици натопени во вода и правеа од нив облоги, бидејќи овие удари беа направени со разни предмети – сајли, шипки, дрвени палки, кабли – кожата пукаше, а Есо ја шиеше со влакна од косата, тоа беа ужасни слики, тоа никогаш не може да се заборави“, раскажува тој.

Храна несоодветна ниту за животни

Објекти на концентрациониот логор „Омарска“. Фото: БИРН.

Во последната третина од јули, според сеќавањето на Резак, во „Омарска“ пристигнал најголем број автобуси со затвореници, иако логорот во тоа време веќе бил полн. Тој вели дека затвореници биле убивани штом ќе излегле од автобус.

Затворениците во „Омарска“ добивале еден оброк, но таква храна, вели тој,  не им се давала ниту на животните.

„Јадевме некаков грав стар неколку дена, неколку зрна грав, еден до два листа зелка, па некој таму прашува колку луѓе уште има, му велат 200, и тој истура кофа ладна вода за да има количински повеќе грав“, се сеќава Резак.

На 5-ти август 1992 година, околу 120 мажи биле земени од „Омарска“ и убиени, стои во пресудата на Миломир Стакиќ, поранешен претседател на општинскиот кризен комитет и началник на општинскиот совет за одбрана на  Приедор, кој во 2006 година беше осуден на 40 години затвор за истребување, убиства и прогони.

На 6-ти август, Резак, заедно со повеќето други затвореници, бил префрлен во логорот „Мањача“, каде што, како што вели, условите биле подобри, но било многу постудено отколку во „Омарска“.

„Тоа е планина, ужас, тоа се некои ветрови, ти се вовлекуваат под кожа“, раскажува тој, потсетувајќи се на својот престој во „Мањача“.

Затворениците успеале да добијат ќебиња преку Меѓународниот црвен крст, кои ги користеле за да се заштитат во постудените денови, но поради безусловните простории во дрвените плевни, вели Резак, ќебињата не помагале, па се обидувале со најлони да ги изолираат шуплините помеѓу даските, за да го спречат продирањето на ветерот.

„Јас ја добив битката со враќањето во овој град“

Објекти на концентрациониот логор „Мањача“. Фото: БИРН.

Резак поминал скоро шест месеци во логорите. Бил малтретиран и престојувал во безусловни простории, а денес често ги среќава луѓето кои го правеле тоа.

„Една особина што ја имам, ја сметам за доблест. Не знам што е омраза, едноставно не ја знам таа состојба на душата“, вели тој.

„Јас не го мразам ниту оној што ме тепаше, едноставно сакам правдата да го стигне“, вели тој, додавајќи оти верува дека има доволно како него што не сакаат злото на војната да се повтори.

„Никој не може да ме присили. Не сум човек за војна, не сум човек за битка. Ја добив битката со враќањето во овој град, мислам дека со тоа победив и дека ја исполнив својата животна желба“, вели Резак.

Луѓето треба да престанат да го осудуваат градот бидејќи злосторствата ги вршеа луѓе, поединци, вели тој.

„Градот не е виновен за ништо, луѓето се виновни. Некој вели: ‘Приедор не е каков што беше’. Не е, тој е поубав отколку што беше, луѓето се поинакви“, вели Резак.

Од сите злодела што ги видел и доживеал, вели тој, претпочита да зборува за луѓето кои на тие злодела им се спротивставиле. „Се среќавам со некои од овие луѓе, со задоволство пијам кафе со нив“, додава тој.

Кога го пуштиле од заробеништво, дел од животот го поминал како бегалец во Норвешка, но не можел да го помине целиот свој живот надвор од градот што го сакал, па решил да се врати. Го посветил својот живот на пишувањето и зачувувањето на спомените за вистината и луѓето што ги преживеале истите злосторства како и тој.

„Секогаш со гордост посочувам, никогаш не сум видел солзи, многу патував, среќавав луѓе што беа со мене, кои го преживеаја пеколот на ‘Омарска’ и верувајте ми, тие се херои за мене“, вели тој гордо.

Хашкиот трибунал осуди 18 лица на 276 години затвор за злосторствата извршени во Приедор. Пред Судот на Босна и Херцеговина, 21 лице е осудено на вкупно 368 години затвор, за злосторства над бошњачкото и хрватското население во Приедор.

Според Институтот за исчезнати лица на БиХ, сѐ уште се трага по околу 588 жртви на злосторствата во Приедор. Досега се пронајдени и идентификувани околу 2.500 жртви од оваа област. Во овој град беа убиени 102 деца, а и натаму се трага по посмртните останки на уште 40. Најмладата досега ексхумирана жртва е двомесечниот Велид Софтиќ.