Многу подобар јавен превоз што ќе влијае драстично да се намалат сообраќајниот хаос и загадувањето во Скопје, развој на запоставените делови од главниот град и многу, многу екологија.
Овие се темите околу кои се испреплетени главните ветувања на кандидатите за Скопје што влегоа во вториот круг од изборите, актуелниот градоначалник Петре Шилегов од владејачкиот СДСМ и независната кандидатка Данела Арсовска поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Немаше директно ТВ-соочување на кандидатите пред вториот круг.
Арсовска е лута на црната кампања против неа, а два дена пред гласањето в недела, дуелот е уште помалку извесен зашто СДСМ со денови ја обвинува дека има и бугарско државјанство.
Наметнатата тема на крајот од кампањата ја претвори изборната реторика во примитивна кавга за тоа дали и кој „лаже“, а во јавниот дискурс завладеа вистинска хистерија во која за визиите на кандидатите речиси и нема место.
Единствен начин да се споредат нивните замисли за градот е да се сублимира она што тие го напишале во програмите или, пак, го кажале во интервјуата и во настапите.
Kвалитетен јавен превоз наместо автомобили
Централната тема во предизборието е решавањето на сообраќајниот хаос, односно потрагата по вистинскиот начин да се „извадат“ скопјани од автомобилите и да се мотивираат да користат нов еколошки јавен превоз.
И двајцата кандидати имаат идентична цел, меѓутоа концептите не само што им се различни, туку во одредени точки дури се спротивставени.
Актуелниот градоначалник Петре Шилегов верува дека е потребна реорганизација на јавниот превоз и дека таа би се постигнала со воведување Бас рапид транзит (БРТ), или популарно наречениот трамвај на тркала. Овој систем функционира по принципот на трамвај, со тоа што, наместо шински возила, низ Скопје, на одвоени ленти ќе сообраќаат нови автобуси на хибриден погон – гас и електрична енергија.
На пример, посебната автобуска лента е замислена да минува на средина од булеварот Партизански одреди.
БРТ-автобусите нема да бидат попречувани од другите возила и затоа Шилегов уверува дека од една до друга станица ќе се стигнува јапонски точно за три минути, или како што пишува во неговата програма од Ѓорче Петров до Ново лисиче за 35 минути. Тоа е првата БРТ-линија, додека втората е замислена да ги врзува Бутел и Кисела Вода.
Според визијата на Шилегов, со воведувањето на БРТ, постојните линии би се укинале и би се вовеле чести маалски автобуси, чија задача ќе биде да го „хранат“ трамвајот на тркала со патници од околните населби.
Негова замисла е скопјани со истиот билет од 30 денари да се возат и во маалските и во БРТ-автобусите.
Проектот ќе чини 70 милиони евра, цена во која се вклучува изградба на посебните ленти и набавката на автобусите. Парите ги обезбеди владата преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), за што Собранието изгласа и закон за задолжување.
Првата фаза од трамвајот на тркала би требало да стане реалност до 2024 година.
За кандидатката Арсовска, БРТ е утопистички проект, кој дури и да се спроведе, не би ги мотивирал граѓаните да го користат зашто има само две главни линии. Арсовска смета дека тие 70 милиони евра може поинаку и поефективно да се искористат, со што сообраќајниот хаос би се решил побргу – за две години.
Централната тема во предизборието е решавањето на сообраќајниот хаос, односно потрагата по вистинскиот начин да се „извадат“ скопјани од автомобилите и да се мотивираат да користат нов еколошки јавен превоз
Од она што досега јавно го кажала, таа планира да преговара за пренамена на оваа сума за да се купат нови 250 автобуси, 150 на гас и остатокот на електричен погон. Во интервјуата, како извор на финансирање спомнуваше и одредени европски фондови за таканаречена зелена транзиција.
Цената на тие нови автобуси ги надминува 70-те милиони, со оглед дека еден автобус на гас чини околу 300.000 евра, додека електричен половина милион евра.
Меѓутоа, новите автобуси се само дел од замислата.
Арсовска смета дека главната мотивација скопјани да ги користат новите автобуси ќе биде тоа што возењето ќе биде бесплатно. Таа ветува дека веднаш откако би станала градоначалничка, ќе се намали цената на билетoт, додека до крајот на мандатот возењето со автобус постапно би станало бесплатно.
Дополнително, таа предвидува нови автобуски линии за периферните населби и почести автобуси на одредени линии и за време на викендите – по барање на младите.
Јавниот превоз го чини ЈСП годишно 30 милиони евра и затоа многумина, меѓу кои и Шилегов, беа скептични дека може да се реализира бесплатниот превоз за граѓаните.
Арсовска, пак, смета дека градот и ЈСП можат да го понесат тој товар бидејќи новите автобуси ќе имаат пониски трошоци за одржување, а пари би се ослободиле и со добро менаџирање на ЈСП и со кратење на непродуктивните трошоци, кои, според неа, се огромни.
Развој на Скопје
Развојот на запоставените делови од Скопје е во програмите на двајцата кандидати, иако кога во јавните настапи тие го објаснуваат својот пристап, всушност не зборуваат секогаш за истата работа.
Шилегов смета дека треба интензивно да се развива северниот дел од Скопје, кој со децении бил запоставуван. Тој е уверен дека главниот град треба да се шири на север и така да се намали притисокот за градење во центарот и во населбите како Аеродром и Карпош.
Она што би го направило северно Скопје атрактивно за живеење, според Шилегов, првенствено е квалитетното сообраќајно поврзување на населбите како Бутел и Чаир со центарот. Во тоа би придонела втората линија на БТР-системот од Бутел до Кисела Вода, која е замислена да минува низ денес исклучително тесното грло – булеварот Цветан Димов кај Јаја Паша.
И Шилегов и Арсовска ветуваат проширување на овој булевар.
Развојот на запоставените делови од Скопје е во програмите на двајцата кандидати, иако кога во јавните настапи тие го објаснуваат својот пристап, всушност не зборуваат секогаш за истата работа
Според настапите на актуелниот градоначалник, развој на северниот дел од Скопје ќе се постигне и со нова клучка кај Момин поток и со старото и досега нереализирано негово ветување – тунелот под Кале, кој би го поврзал булеварот Св. Климент Охридски, кој минува покрај Соборната црква и покрај Владата, со Пластичарската улица.
Програмите на Шилегов и на Арсовска се допираат и кај ветувањата за пробивање на булеварот Хрватска од Бутел до Автокоманда и продолжување на булеварот Словенија до Ѓорче Петров, кои, исто така, би го олесниле животот на граѓаните во северниот дел од Скопје.
Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ ветува уште три булевари во различни делови од Скопје, меѓутоа кога таа говори за „заборавени населби“, сепак, мисли на нешто друго.
Таа критикува дека на само седум до осум километри од центарот на Скопје има десетина населби што немаат редовна и чиста вода, канализација или асфалтирани улици.
Арсовска би ги решавала тие проблеми со проект наречен Скопје без заборавени населби, во кој се вклучени места како Волково, Топаана, Шуто Оризари, Долно Лисиче, Глумово, Кондово и други.
Околу ова ветување, пак, беше критикувана дека навлегува во надлежностите на другите општини.
Зелена агенда
Во делот на екологијата, поагресивен настап има кандидатката Данела Арсовска, што до некаде е и очекувано, со оглед дека таа е опозициски кандидат и преку решенијата сака да покаже дека малку или воопшто ништо не било направено на овој план до сега.
Арсовска ветува дека за 82 дена, симболично како нејзиниот број на гласачкото ливче, ќе ги исчисти сите диви депонии во Скопје. Во нејзината агенда има зелен совет што ќе го сочинуваат експерти и претставници на невладините организации. Предвидува таканаречена зелена линија, преку која ќе се пријавува загадување и, како што таа ги нарекува, инциденти од областа на екологијата.
Во делот на екологијата, поагресивен настап има кандидатката Данела Арсовска, што до некаде е и очекувано, со оглед дека таа е опозициски кандидат и преку решенијата сака да покаже дека малку или воопшто ништо не било направено на овој план до сега
Таа во програмата си задава сериозна задача да изгради пет мегапаркови во Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров по примерот на Градскиот парк, но и 100.000 садници секоја година.
Шилегов, големи надежи полага во формирањето комунална полиција со широки надлежности.
Во неговата програма, зеленилото ги следи сите ветени булеварски и други сообраќајни содржини, додека во делот на парковите повторно и на овие избори го ветува паркот во Општина Карпош и уредувањето на Спортскиот центар Сарај.
Пред првиот круг, ветувањата на Шилегов и на Арсовска не дојдоа до израз од шумот што го создаваа многубројните кандидати. Истиве теми пред вториот круг паднаа во втор план откако премиерот Заев ја стави својата фотелја како влог за победата на Шилегов, која виси поради поразот во првиот круг, додека неговите противници предводени од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, секојдневно се „закануваат“ со ново парламентарно мнозинство.