Двајца нови членови на Советот на обвинители добија зелено светло од собраниските комисии и останува пратениците да го потврдат нивниот избор.
Комисиските филтри ги поминаа струшкиот адвокат, Ардијан Демири, и истражителот од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ведат Салихи.
50-годишниот Демири во биографијата напишал дека ги завршил студиите на Правниот факултет во 2004 година. Работел како преведувач, соработник и советник за правни прашања во Општина Струга. Положил правосуден испит и станал адвокат.
Демири во биографијата ги издвоил телевизиските настапи во дебати, каде бил соговорник за теми од правосудството. Бил и граѓански активист.
Идејата зошто се пријавил на огласот е поради неговата „желба и надеж за подобра и поефикасна јавнообвинителска служба“.
Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, чија партија, сега е на власт во коалицијата „Вреди“, во ноември 2023 го претстави како координатор на партијата во Струга, а на неговиот фејсбук профил има фотографија на која се ракува со Демири.
Две недели пред Меџити да биде избран за заменик-претседател на Владата и министер, на 13 јуни повторно е фотографиран на партиски настан со Демири.
БИРН се обиде да контактира со Демири, за да го прашаме дали уште има партиски ангажман, но не беше достапен.
Другиот кандидат за член на Советот на јавни обвинители, Ведат Салихи, завршил правен факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, положил правосуден и нотарски испит.
Работел во Владата, во Собранието, бил истражител и во специјалното јавно обвинителство, во Скопското обвинителство, а од годинава е во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Пратеникот на „Европски фронт“ Сали Мурати, на комисијата го оспорил неговиот избор, што се гледа и од самите документи, дека Салихи нема 15 години стаж, колку што се потребни за избор на функцијата, туку 14 години, 10 месеци и 15 дена.
По завршувањето на огласот, стигнал нов документ од Салихи, во кој пишува дека кандидатот има стаж од 15 години и еден месец, што било спорно за Мурати.
„Условите за избор мора да бидат исполнети во моментот на аплицирањето“, рече Мурати.
Во програмата на Владата пишува дека се предвидува распуштање и законска реформа на Советот на јавни обвинители.
„Владата ќе иницира законски измени со кои ќе утврди строги и објективно мерливи критериуми кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на Претседателот на државата“.
Во документот се нагласува дека постапката ќе биде транспарентна и јавна, за да се гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати.
Според постојниот Закон за јавните обвинители, за член на Советот на обвинители се избираат универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд, меѓународни судии и други истакнати правници.
Парламентот во септември распиша оглас за членови што ги избира во Советот на јавните обвинители од редот на немнозинските етнички заедници.
Условот е да бидат дипломирани правници со најмалку 15 години работно искуство во правната професија со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнале со научна или професионална работа или со јавно делување.