Не е чудно ако српски бизнисмен купи македонска фирма за одгледување канабис. Особено кога бизнисот со „зеленото злато“ е во подем, a Maкедонија размислува дополнително да ја олабави политиката за производи што се добиваат од една од најбараните билки во светот.
Но, чудно е ако купи фирма, која заедно со сопственикот и управителот се обвинети за нелегално одгледување 1,3 тони канабис, за тоа има тековен судски процес, а материјата ја одзеде полицијата и ја чува во магацин за сладолед во скопски Бутел.
Згора на тоа, ако купопродажбата е за „ич пари“.
Токму тоа и се случи.
На 29 октомври, српскиот бизнисмен Љубомир Самарџиќ, до македонскиот централен регистар достави пријава за купување на македонската фирма „Канатек“.
Меѓу стотиците страници документација, во коja БИРН направи увид во Централниот регистар, е и купопродажниот договор, во кој пишува дека продажбата е симболична – само едно евро.
Наместо дотогашниот сопственик, Израелецот Менахем Коен, кој е еден од обвинетите за одгледување канабис без дозвола, нов газда, 100 процентен сопственик и управител стана 46-годишниот Србин Љубомир Самарџиќ.
БИРН испрати прашање на официјалниот имејл на фирмата, со кој бараме контакт од новиот сопственик за да го прашаме за причините за купувањето, но одговор не стигна.
Неговото име на македонската јавност не ѝ значи многу.
Но, затоа во Србија не е непознат. За него се зборуваше како за „кумoт на Јеремиќ“ во аферата „Агробанка“. Самарџиќ зел кредит без банкарска гаранција, за што беше и притворен.
Има и богато „деловно досие“. Постојано бил на различни позиции во фирми, кои поради нешто биле проблематични. Најголемиот дел се со блокирани сметки поради присилна наплата, а некои се во стечај.
Во некои од нив бил прокурист, некаде директор, а некаде и сопственик, како на пример во „Пропексим ДЈ Комерц“ од Белград за изнајмување и лизинг на возила, или во фирмата за недвижности, која носи идентично име „Пропексим Риал Истејт“.
На оваа листа од фирми од месецов има уште една – македонската „Канатек“, чиј вкупен удел од 10.100 евра го презел.
Дејноста на фирмата останува непроменета „одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и на растенија за употреба во фармацијата“.
Адвокатот на „Канатек“, уште на првото закажано, па откажано рочиште во септември, пред формално да се случи купувањето, на судијката ѝ рече дека фирмата има нов газда и оти за тоа ќе достави извод од централниот регистар до судот.
Претходниот сопственик, односно Израелецот Коен, независно од тоа што не е повеќе газда, и натаму останува обвинет, заедно со менаџерот Ненад Јованов и самата фирма.
До 29 март в година, кога е следното рочиште, преку нова замолница, Македонија од Израел треба да бара негово присуство, што, пак, со оглед на израелското државјанство и досегашната пракса, тешко дека ќе се случи.
Дотогаш ќе се навршат точно две години од бомбастично најавената полициска акција, во која МВР се пофали дека запленила 1,3 тони марихуана, а подоцна Обвинителството дека е обичен коноп.
Обвинетиот Јованов, пак, во разговор со БИРН, рече дека имаат докази со кои ќе го убедат судот дека полицијата и обвинителството направиле грешка, а одземеното количество, како што кажа, „е веќе скапано“ во магацинот, со што на фирмата ѝ е нанесена голема штета.