Анализи

Стигнаа фактурите за наплата на изборните реклами

„Солена“ медиумска пропаганда за локалните избори

Изборите завршија, мандатите се поделија. Сега на ред се парите, оние за наплата на фактурите за изборната пропаганда. Скапите секунди на телевизиите и бројот на повторувања на одреден банер на веб-порталите (што се нарекува импресија), за парламентарните партии ќе се исплаќаат директно од буџетот.

Во петокот пред да почне изборниот молк за вториот круг, па и во саботата, на 30 октомври, додека траел молкот, медиумите на кои се рекламираа партиите и коалициите за овие локални избори до државата ги испорачаа „сметките“ за наплата.

Така било и во следните денови, односно, на први ноември, ден по гласањето, кога вриеја политичките штабови за изборните резултати.

И тогаш телевизии, портали, радија и весници до надлежните ги доставувале извештаите за наплата.

Максимум 15 илјади евра за портал или за весник

Изборниот законик пропишува дека сумата што може ја добијат портал или весник од еден учесник во изборниот процес не може да биде поголема од 15 илјади евра без ДДВ.

На неколку листа со точно пресметано време за рекламирање, односно импресии кај порталите, одговорните лица во медиумите ја известиле Државната изборна комисија и три други институции, колку пари побаруваат од државата, за тоа што партиите се рекламирале кај нив.

Тоа се четириесетина портали, триесетина телевизии и триесетина радија, весници и агрегатор за вести.

Од досегашните објавени извештаи, БИРН пресмета колку пари ќе се одлеат од државниот буџет за изборната медиумска пропаганда за локалните избори. Износите се без пресметан данок на додадена вредност.

Над 3,3 милиони евра за изборната кампања

Податоците се од досегашните објавени извештаи на ДЗР | Илустрација: БИРН

Од извештаите што досега се објавени на веб-страницата на Државниот завод за ревизија, излегува дека изборна медиумска пропаганда имало на повеќе од 100 медиуми.

Рекламен простор на партиите им понудија над 290 медиуми, од кои, над 190 портали.

Но, учесниците во кампањата биле заинтересирани да се рекламираат на една третина од нив. За нив досега се испорачани извештаи, кои „тежат“ повеќе од 200 милиони денари, односно околу 3,3 милиони евра.

Судејќи според бројките, партиите и коалициите процениле оти најмногу треба да се рекламираат на телевизиите. Ова го покажуваат податоците, според кои,  националните и другите сателитски, кабелски и локални телевизии –  ќе добијат над 2,8 милиони евра.

Порталите пак, нешто повеќе од  360 илјади евра, а над 140 илјади евра радијата.

Лимити во ценовниците

Просечната цена по секунда на рекламен простор за едно деноноќие, за три различни периоди за телевизиите и радијата и цената на закуп во весник не смее да ја надмине вкупната просечна цена на рекламирање на секој радиодифузер одделно пресметана во последните пет изминати изборни циклуси.

За реклами на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, од овие 3,3 милиони евра се потрошени повеќе од 1,8 милиони евра. Најмногу, поточно 950 илјади евра за ВМРО-ДПМНЕ, и над 900 илјади евра за СДСМ.

На трето место, според потрошените пари е ДУИ, а на четврто место, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Далеку зад нив се помалите партии: Беса, Левица, коалицијата ДОМ и ЛДП и ДПА. Сите заедно емитувале реклами, кои заедно се околу 230 илјади евра.

Кај некои медиуми, партиите и коалициите се рекламирале, не само на телевизиите, туку и на веб-страниците, па така, на пример, Канал 5, во извештаите ги пресметале емитуваните секунди на телевизија, но и импресиите на веб-порталот на медиумот.

Кај поголемите медиуми, ставките за попуст на изборното време за рекламирање се нула, што значи дека медиумите не биле расположени за да им даваат попусти на партиите.

22 дена нон-стоп изборни реклами

Најатрактивни за рекламирање на партиите им биле телевизиите | Фото: Pexels

Над два милиони секунди. Толку време вкупно се рекламирале партиите и коалициите на телевизиите и на радијата. Тоа се медиумите каде најмногу се емитувале партиските спотови.

Кога ова време би се превело во денови, тогаш тоа се како непрекинато да течат само реклами дваесет и два и пол дена на еден медиум.

30 дена рок за исплата

Во рок од 30 дена од објавувањето на конечните резултати, ДИК треба да им ги исплати трошоците за објавеното платено политичко рекламирање на медиумите.

Досегашните објавени податоци покажуваат дека на телевизиите и радијата најмногу време се рекламирале владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

Останатото време го делат Алијанса и Алтернатива, интегративците на Али Ахмети и останатите партии.

Во меѓувреме, Државниот завод за ревизија ги потсети оние медиуми што не ги доставиле извештаите, тоа да го направат во законскиот рок.