Законите за четирите стратешки инвестиции денеска се вратија во собраниска процедура, но без претставници на ДУИ. Нови владини претставници се вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за животна средина, Каја Шукова.
Ова следува откако владата на вчерашната седница одлучи да ги повлече законите за четирите инвестиции. За нив досега владини претставници беа министерот за економија, Крешник Бектеши, и тогашниот премиер Димитар Ковачевски, а дописот до собранието, во име на владата, го испрати вицепремиерот Артан Груби.
Сега законите се испратени со потпис на Битиќи, а актуелниот премиер Талат Џафери го нема меѓу владините претставници. И во двата случаи предлагач на законите е владата.
Тоа значи дека процедурата се враќа од почеток, прво на пленарна седница треба да се усвои потреба од нивното носење, па потоа за нив да се расправа во комисијата за економски прашања.
Законите се најдоа во собранието минатиот месец, а од тогаш Бектеши јавно зборуваше дека има забелешки на текстот на законите.
Вицепремиерот Битиќи денеска рече дека во сегашните варијанти се направени интервенции во самите договори и во два од законите се избришани одредени членови за кои Комисијата за заштита на конкуренцијата имала укажувања. Прецизираше дека имало интервенции кај законите за „Митилинеос“ и „АИМ Греен Тецх“ и во договорите за сите четири инвестиции.
По огласот за стратешки инвеститори, кој траеше цела година, владата одлучи таков статус да им додели на четири странски компании. Француската „Остро солар“, грчката „Митилинеос“, бугарската „ХЕК Солар“ и белгиската „АИМ Греен Тецх“. Сите, освен последната, имаат искуство во енергетски проекти, во повеќе земји во светот.
БИРН, минатата недела откри дека зад „АИМ Греен Тецх“ стои компанија на почесен конзул на Македонија во Белгија, кој е почетник во бизнисот со струја. Од владата рекоа дека се работи за етаблиран бизнисмен, кој досега донел инвестиции вредни 40 милиони евра и оти се уверени дека, иако без искуство во оваа област, оваа компанија ќе го испорача ветеното. Сопственикот Рајес Леменс, пак, инсистира дека неговата позиција на почесен конзул не му обезбедила повластена позиција во изборот за стратешки инвеститор.