Регион

Судбината на „исчезнатите“ војници на ЈНА од Косово, сè уште не е позната

Веќе три децении семејството Гаши тагува, не слави ниту родендени, ниту верски празници

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Мухамет Гаши се сеќава на дождливиот ден на 30 јуни 1991 година, кога неговиот син Весел, заминал на отслужување на воениот рок во ЈНА.

Косово во тоа време сè уште било дел од СФРЈ. Весел штотуку наполнил 21 година и веќе имал добиено три покани да се јави на отслужување на воениот рок и повеќе не можел да го одложува заминувањето.

Гаши вели дека воената полиција неколку пати дошла во неговата куќа во селото Студенчане, кое е оддалечено шест километри од градот Сува Река, лоциран на југот на Косово, и го барала неговиот син.

„Тој доби три покани за војска. Кога дојдоа по четврти пат, ни рекоа дека ако и понатаму ја одбива поканата, наместо во војска, ќе замине во затвор“, вели за БИРН, денес 77-годишниот Гаши, додека седиме во неговата семејна куќа.

Етничките тензии се зголемувале и веќе се гледал крвавиот распад на Југославија. Весниците биле полни со извештаи за убиства на косовски Албанци кои служеле во ЈНА.

„Убиствата на Албанците во армијата, беше нешто што беше добро познато. Знаевме дека не е безбедно за Албанците“, посочува Гаши.

„Во обид да го избегне воениот рок, Весел се скри кај неговиот вујко, во друго село. Но, во поканата се велеше дека ако не одговори на неа, ќе биде уапсен, па затоа тој беше принуден да замине“.

Весел бил распореден во касарната во хрватскиот град Бјеловар. Неговото семејство успеало да разговара со него само три пати по телефон.

„Зборуваше премалку и многу внимателно. Чувствувавме дека се плаши да разговара. Знаевме дека тој не зборува српски“, вели Гаши.

Српскохрватскиот јазик беше еден од трите официјални јазици на Југославија; албанскиот не беше меѓу нив.

„Немавме телефонска линија во куќата и не можевме да си дозволиме финансиски да го посетиме“, додава Гаши.

Последниот пат кога разговарале со Весел, тој од нив побарал пари за да може да избега. Тој му рекол на својот татко оти „сите други војници, освен Србите, избегале“.

„Не можевме да му испратиме пари веднаш. Малку задоцнивме. Тогаш парите ни се вратија по пошта. Беше средина на август 1991 година и веќе не можевме да го контактираме“, додава Гаши.

Војната во Хрватска започна кон крајот на март 1991 година, а во септември истата година, хрватските сили ја презедоа контролата над касарната во Бјеловар, која беше под контрола на ЈНА, контролирана од Белград.

Два месеци подоцна, во потрага по неговиот син, Гаши отпатувал за Хрватска.

„Бјеловар беше половина уништен. Секаде се распрашувавме за него, заедно со некои мои роднини. Некој од Хрватската војска ни рече дека оние што биле распоредени во Бјеловар, биле испратени во Бања Лука“, се сеќава тој.

Два дена подоцна, Гаши заминал во Бања Лука, во Република Српска.

„Тоа беше тешко патување, низ планини. Во Бања Лука имаше многу југословенски сили. Се сеќавам дека ме прими надлежниот командант и тој се обиде да најде некакви информации за мојот син. Ми рече да се вратам дома и да чекам одговор“, раскажува Гаши.

Четири дена по неговото враќање дома, семејството добило писмо од војската.

„Во писмото се велеше дека мораме да се распрашаме на друго место за судбината на нашиот син, бидејќи тој никогаш не бил припадник на ЈНА“, нагласува тој.

По ова, Гаши разговарал со бројни албански, босански и хрватски војници кои биле во Бјеловар заедно со Весел. Од нив дознале оти тие избегале од касарната, а дека неговиот син останал.

„Еден војник ми рече дека Весел бил во тенк кој изгорел за време на борбите. Никој не можеше да го потврди тоа. Тоа беа само гласини“, вели тој.

Наводно прикривање

Мухамет и Илмије Гаши, родители на исчезнатиот војник на ЈНА, Весел Гаши. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

Се верува дека, кога започнала војната во Хрватска, десетици албански војници од Косово кои служеле во ЈНА, како Весел, исчезнале. Десетици од нив биле убиени.

Со распадот на СФРЈ, ЈНА скоро целосно се најде под српска контрола.

Во ноември 1994 година, војската го повикало семејството да дојде во воената база во Батајница, во Белград, за да идентификуваат посмртни останки што се наоѓале таму, а кои можеби му припаѓале на Весел.

„Отидовме во Батајница. Видов труп во мртовечницата, но тоа не беше Весел. Тоа беше војник убиен во Босна. Видов дека има рана во грлото. Беше премногу млад“, вели братот на Весел, Нуриш Гаши.

Тој вели дека постојано се прашува дали можеби по грешка телото на неговиот брат е предадено на некое друго семејство на паднат војник: „Често велам дека и тоа можеби се случило. Бог знае“.

Беџет Шала, претседател на приштинскиот Совет за одбрана на човековите права и слободи, невладина организација што ги следи кршењата на човековите права и е активна од раните 90-ти, посочува дека сè уште не е познат бројот на косовски Албанци, кои исчезнале додека биле во ЈНА.

„Регистриравме најмалку 66 албански војници кои беа убиени додека служеа во ЈНА во периодот од 1988 до 1993 година. Но, сè уште не е јасно колку исчезнаа. Немаме прецизен број на исчезнати војници, особено на оние кои беа присилно регрутирани“, истакнува Шала за БИРН.

„Беше тешко да се идентификуваат случаите, особено кога младите Албанци беа насилно регрутирани во армијата. Имавме докази дека најмалку пет војници и девет цивили исчезнале за време на војната во Хрватска и во Босна. Но, мислам дека реалната бројка е поголема“, вели тој.

Југословенските воени власти нивната смрт ја завеле како самоубиство.

„Успеавме да документираме некои случаи, во кои телата на албанските војници беа вратени на нивните семејства во запечатени ковчези. Собравме сведоштва кои докажуваат дека тие всушнот биле убиени, имале дупки од куршуми, модринки и знаци на давење“, додава Шала.

Хјуман рајтс воч во 1992 година објави дека голем број млади косовски Албанци, биле убиени додека служеле во ЈНА.

„Во некои случаи, воените и медицинските власти, одбивале да извршат обдукција. Во други, обдукцијата била извршена од медицински лица, но семејствата се сомневале во нејзината автентичност и побарале да се изврши уште една обдукција во Косово. Српските или воените власти одбиле голем број такви барања“, се вели во извештајот на Хјуман рајтс воч.

„Ваквите случаи предизвикуваат загриженост дека југословенските воени претставници можеби се обидуваат да ја сокријат причината за смртта на некои албански војници“, се додава во извештајот.

Пронајдени тела во Белград

Комисијата за исчезнати лица на косовската Влада, нема мандат да се занимава со случаите на исчезнати лица, кои датираат од периодот пред војната во Косово, од 1998 до 1999 година.

Но, Куштрим Гара, шеф на секретаријатот на комисијата, вели дека прашањето за исчезнатите војници е покренато пред властите во Белград.

Тој нагласува дека посмртни останки на 26 лица биле пронајдени на гробиштата во белградската населба Лешќе.

„Според српските власти, тие им припаѓаат на луѓе кои наводно исчезнале пред војната во Косово“, објаснува Гара за БИРН.

„Побаравме потврда дали се тоа останки на косовски Албанци, кои исчезнале за време на војните во поранешна Југославија, вклучувајќи ги и  косовски Албанци кои беа присилно регрутирани во ЈНА“, информира тој.

„Весел се ожени една година пред да замине во војска. Неговата сопруга го чекаше седум години“, вели неговата мајка, Илмија.

Веќе три децении семејството Гаши тагува, не слави ниту родендени, ниту верски празници.

„Немаме никакви прослави или свечености веќе 30 години“, вели мајката на Весел.

Неодамна, членовите на семејството донираа примероци на крв на Меѓународната комисија за исчезнати лица, но нивната надеж дека ќе бидат пронајдени останките на нивниот син, исчезна.