Репортажи

Со светлото од мобилните најавена новата ера на ВМРО-ДПМНЕ и во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ пред Владата најави нова победа на изборите со илјадници македонски знаменца, традиционални вмровска иконографија и комитски песни и со по некое заталкано руско знаме

Како на партија со баксузен реден број на гласачкото ливче, која го закажала завршниот митинг на уште побаксузниот петок 13-ти, оваа октомвриска вечер, сепак, ѝ се погоди на ВМРО-ДПМНЕ.

Температурата во ниту еден момент не падна под 13 Целзиуса, а атмосферата само стана уште пожешка во миговите кога на сцената го најавија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

На крајот од неговиот говор следуваше неколку минутно пиротехничко шоу, кое силно одекнуваше во скопско Дебар Маало.

Груевски најавен со светлината од мобилните

Дел од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ останаа зад оградите | Фото: БИРН

Довчерашните властодршци последниот митинг го одржаа на истото место кадешто нивните лути противници од СДСМ се собраа пред неколку дена.

Затоа неизбежно се наметнува дилемата кој собра повеќе народ и може да се каже дека резултатот е до некаде изедначен, со напомена дека на вечерашниот митинг, како впрочем и на сите големи собири на ВМРО-ДПМНЕ, улицата „Илинденска“ беше оградена од двете страни за да не се “прелева“ народот.

И вечерва имаше луѓе од сите делови на Македонија, распоредени од раскрсницата пред Владата, па сѐ до мостот Гоце Делчев, меѓутоа далеку од тоа дека, ако некој фрлеше игла, таа немаше каде да падне.

Кога сме кај споредбите, треба да се каже дека и вечерва и покрај бројниот собир, вратите на Владата останаа отворени, само што нив ги чуваа нешто повеќе полицајци од редовниот состав, споредено со нивниот број неделата на митингот на владејачката СДСМ.

Во еден момент без никаква најава уличните светла на „Илинденска“ се исклучија, потег што ги зачуди илјадниците граѓани кои се прашуваа што се случува.

Мистеријата брзо ја откри водителот на партиската манифестација, актерот Роберт Велјановски кој побара сите присутни со светлата од мобилните да го најават лидерот на партијата Никола Груевски.

„Следува победа над помрачувањето“, најави Велјановски.

[cincopa A8JAJF-gEOFn]

Груевски вечерва зборуваше подолго од сите говорници, неколку пати повтори дека партијата е пред нова изборна победа, ги советуваше граѓаните да не паѓаат на голите фрази на другите политичари, како што се „животот“ и „воздухот“.

Тој се исповеда дека многумина го прашувале зошто ВМРО-ДПМНЕ на овие избори не направила спотови со негативна кампања за како што рече, погубниот договор со Бугарија, понижувачкиот однос кон националните прашања, секојдневната корупција и за ослободувањето на криминалците од затворите.

„Немаме негативна кампања зошто сите гледаат што се случува и јасно е. Владата сама си прави негативна кампања“, рече Груевски и потоа продолжи со напади кон политичките противници.

Ги нарече неспособни, луѓе без визија и капацитет и порача:

„На овие избори мора да им испратиме порака, за да не забегаат“.

Пред Груевски на бината беше актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски кој освен што за себе кажа дека е човек што малку зборува, а многу работи, најави дека Скопје ќе стане велометропола и зелен град, со нови булевари, кружни текови и со почист воздух.

„Ги поздравувам гордиот Бутел, урбаниот Центар, силниот Аеродром, верната Гази Баба, стариот Чаир и патриотското Ѓорче“, им се обрати Коце Трајановски на симпатизерите од Скопје.

Другите кандидати за градоначалници на скопските општини, како Јохан Тарчуловски, Дарко Костовски и Дејан Јовановски ги донесоа групите со своите поддржувачи до улицата пред Владата.

Се подредено на патриотскиот имиџ

Нема митинг на ВМРО-ДПМНЕ без популарниот Бате Геле | Фото: БИРН

Таму, пак, доминираа жолтата и црвената боја од македонското знаме, она официјалното, иако имаше и по некој бајрак со сонцето од Вергина.

Немаше транспаренти.

Организаторите поделија илјадници знаменца и едно огромно кое пред Владата го донесоа неколку десетици луѓе. Во тие мигови на бината Андријана Јаневска ја пееше комитската песна за војводата Пере Тошев, „Проклети биле шпиони“.

Вечерва уште еднаш се пееше за „проклетите шпиони и неразбрани трговци“ и тоа во песната „Послушајте патриоти“ или попозната како „Жими крст и кандило“.

Целата иконографија беше подредена на патриотскиот дух. Сретнавме скопјанец кој држеше отворен чадор во боите на македонското знаме, ни објасни дека пролетва со чадорот бил на сите протести на движењето За заедничка Македонија и затоа така дошол вечерва.

Другите, пак, на паузата меѓу партиската и химната на Македонија, пееја „Никола, Никола“.

Покрај тезгите со семки и сокчиња, за 100 денари врамени се продаваа икони, слики од илинденците и етничка карта на Македонија, а Бате Геле, човекот што постојано и на маицата и на јакната го носи ликот на Сашо Мијалков, ја делеше својата книга „Македонија му остана во срцето“ посветена на таткото на Сашо, Јордан Мијалков.

За истите 100 денари вечерва можеше да се купи хамбургер или хот-дог од комбето паркирано пред Владата, кое исто така беше офарбано во боите на македонското знаме и накитено со сонцето од Вергина.

Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ традиционално се недоверливи кон медиумските куќи што не ги следат.

Така и овој пат одбиваа да ни дадат изјави, прво што ги интересираше е од која медиумска куќа доаѓаат прашањата, па затоа добивавме одговори од типот – „што ве интересира од каде сме“ или „не сакаме да дадеме изјава, ќе нѐ затворат ко оној од Собранието“.

Еден од ретките што се сложи да каже нешто, беше Аце Камчев од кавадаречка Ваташа, кој порача во недела да победи подобриот и додаде дека:

„Од ослободувањето навака најхуманиот човек е Митко Јачев, кандидатот за градоначалник на Кавадарци и сопственик на „Кожувчанка“, тој најмногу помогна лани за време на поплавите во Стајковци, а државата не му оддаде признание“, порача Камчев од Ваташа, селото кое според него и неговите пријатели било едно од упориштата на ВМРО уште во илинденскиот период.

Руско знаме и унгарски новинари во потрага по мигранти

Руското знаме на митингот на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: БИРН

Како по обичај на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ ги имаше и оние што носат црни маици со ликот на контроверзниот Тодор Александров, а вечерва едно од овие момчиња за својата лична архива го фотографираше и човекот што на митингот го вееше руското знаме.

Геополитичиот шмек на вечерашниот собир го дополнија и новинарите од првиот канал на државната унгарска телевизија МТ.

Тие ни кажаа дека во Македонија дошле неделава со задача да прават прилог за „планот за згрижување на мигрантите во Македонија“, што наводно го направила министерката за труд и социјала, Мила Царовска.

„Самата Влада си прави негативна кампања“, изјави Груевски | Фото: БИРН