„Титаник“ – закана од притвори за врхушката на ВМРО-ДПМНЕ
Она што не беше познато од досегашните истраги е дека Груевски е вклучен како обвинет во случајот „Тенк“, а Мијалков и Мендух Тачи се обвинети во предметот „Титаник“
Она што не беше познато од досегашните истраги е дека Груевски е вклучен како обвинет во случајот „Тенк“, а Мијалков и Мендух Тачи се обвинети во предметот „Титаник“
Два дена пред истекот на рокот за поднесување обвиненија, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) поднесе 17 обвиненија. Обвинети се 94 физички и 7 правни лица за случаи поврзани со злоупотреба на службата, злосторничко здружување, даночно затајување, повреда на избирачко право, бесправно градење и многу други дела.
Притвор се бара за 18 лица, меѓу кои и за првите луѓе на поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски, Елизабета Канческа Милевска, Сашо Мијалков како и за градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски. Мерки за претплазливост се бара за 47 луѓе.
Она што не беше познато од досегашните истраги е дека Никола Груевски е вклучен како обвинет во случајот „Тенк“, а Сашо Мијалков и Мендух Тачи се обвинети во предметот „Титаник“. Станува збор за еден од објавените прислушувани разговори, кога Мијалков и Тачи се договараат како да влијаат на одлуката на ДИК за изборите во општина Струмица во 2013 година.
Најмногу обвиненија се поднесени против Никола Груевски, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Горан Грујовски и Гордана Јанкулоска. Случајот „Титаник“, кој е поделен во три обвиненија со над 30 обвинети, е најголемиот од сите и токму за овој случај се бара притвор од раководните лица на ВМРО-ДПМНЕ.
СЈО не поднесе обвинение за случаите „Талир“ и „Табла“, бидејќи, како што рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, рокот за „Талир“ бил премногу краток за да се заврши истражната постапка која почна пред околу еден месец. Јанева најави дека истрагата за овие случаи ќе продолжи, а за тоа каква ќе биде судбината на ова обвинителство во иднина, не беше прецизна.
„За нас први јули не значи ништо. Мандатот на ова обвинителство е 5 години, а што понатаму со истрагите, ќе се договараме со институциите“, рече Јанева.
Сите предмети за кои СЈО поднесе обвинение беа спакувани во кутии и во текот на денешниот и утрешниот ден и ќе бидат поднесени до судот, кој има рок од 24 часа за да одлучи во однос на притворите.
Со ова, вкупно пред суд ќе се најдат 20 обвиненија, од кои случаите „Тврдина 2“, „Транспортер“ и случајот за насилството во општина Центар се веќе во судска постапка, а останатите 17 ќе бидат поднесувани денеска и утре.
Во галеријатаможе да се видат сите обвиненија поднесени од СЈО кои ќе се најдат пред суд, од кои случаите „Таргет“ и „Тврдина“ се соединети во еден.