Ракопис

„Tитовоужичка“

Раскази: Улиците што ги нема

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

 

 

 

 

– Добро – рече Валерија, длабоко се издиша и седна на софата. – Ќе заминеме! – помолчи некој миг, потоа со раката отсутно мазнејќи го мебел-штофот, речиси изрецитира:

– Не сакам ниту еден единствен ден да бидеме без нашиот дом. Ќе најдеме најголем можен шлепер и во него ќе наредиме сѐ како што ни е дома. Додека втасаме, сакам домот да ни постои таков каков што е, не каков што бил или каков што ќе биде. Ние ќе возиме зад шлеперот со нашиот автомобил сѐ дотаму. Во него ќе си бидеме четворицата само со двата куфера во багажникот како кога одиме на море.

– А дали ти е јасно дека од ова море веројатно нема да се вратиме никогаш? Кажи ми, те молам, за да кажам и јас дефинитивно ДА таму каде што сѐ уште чекаат одговор од мене… Со години… – последното го додаде претивко, со одвај забележлив прекор.

– Кажи ми ти дали тебе ти е јасно? Ти сакаш со години да заминеме од земјава, јас само се согласувам… или се предавам, како сакаш. Токму сега, во мигов. Не вели ми дека ќе ни биде подобро, те молам. Не вели ми ништо што веќе си ми рекол. Еве ти го моето ДА и давај го кому сакаш. Прави со него што сакаш.

Огромен шлепер се движеше по „Рузвелтова“. На раскрсницата со „Орце Николов“ речиси се занесе вртејќи лево, под прав агол. Подисправајќи се, ги одмина уличките од десно и кога се најде спроти самиот влез на Центарот за странски јазици, сфати дека требаше да скршне во една од нив. Немаше шанси да сврти 180 степени, затоа внимателно почна да се враќа во рикверц. Го здогледа вистинското уличе во ретровизорот и како на забавена снимка од спортски натпревар , назадечкум се паркираше пред куќата број тој и тој, маневрирајќи со минути и минути. Сета среќа што сѐ беше договорено и организирано однапред, па возилата на мештаните беа тргнати од тротоарите. Уличето се ширеше на коловозот, чекајќи го својот шлепер. Во нормални околности, кој било друг ден во годината или во животот, немаше никакви шанси толкаво чудо воопшто да му се приближи на домот на Кадиеви.

Валерија излезе со необичен израз на лицето. Истовремено беше и иста како секогаш и поинаква од кога било. Косата ѝ беше крената високо со некаква детска, розова штипка со цветчиња каква што вообичаено не користеше. Со став на искусна генералка даваше команди што-како да се внесува во шлеперот. Првин требаше да се прострат теписите. Двата. Големиот правоаголен со геометриски шари и малиот кружен, темнозелен. Во дното на шлеперот мораше да се постели кујнската патека со пластифицирана опачина. Никој да не се лизне на плочките. Особено не малите ќеркички кои стоеја на терасата облечени во свечени фустанчиња. Целата кујна, елемент по елемент, идентично како во куќата, се пренесуваше во шлеперот. Низ дворот поминуваа предметите, еден по еден, во совршена колона. Првин мијалникот, па фиоките, работната плоча, електричниот шпорет, фрижидерот и на крајот малото масиче за појадок на извлекување со жолтите столчиња на расклопување. Кога кујната заличе на кујна во шлеперот, беше време за трпезарискиот дел. Белата маса со модерните полипропиленски столови требаше да се постави на кружниот темнозелен тепих. Ногарките да влезат во вдлабнатинките на тепихот, никако потаму или поваму, а на неа да се стави големиот порцелански сад со суви, декоративни ливчиња.  И до него вазата, донесена од најважното патување на ова семејство. Аголната седечка гарнитура требаше да се нареди до самите рабови на долгата и на кратката страна од големиот правоаголен тепих со геометриски шари. Ни милиметар од тепихот не смееше да влегува под неа, за да не се оштети. Не смееше ни да се гледа преголем гол простор од подот. Од паркетот дома или од металното дно на шлеперот…  Кога гарнитурата се најде каде што треба, каде што сакаше и како што сакаше Валерија, на ред беше сетот од три клуб-масички со скалести височини. Плетените кошнички од бамбус под секоја од нив. Во кошничките – точно одредени дребулии, списанија и по некој важен рекламен флаер кој требало да биде зачуван. Големата квадратна табуретка заедно со мобилното масиче за лаптопот требаше да биде во продолжение на замислената линија на гарнитурата. Никој не ја гледаше толку јасно како Валерија, затоа табуретката мораше да се поместува повеќе пати. Исто така и мобилната масичка. На крајот, сѐ беше како што треба и Валерија издаде команда за комодата отспротива, малата библиотека со книгите стокмени само во еден ред, за да им се читаат ‘рбетниците. Собните цвеќиња, исто така едно по едно, го минуваа дворот и влегуваа во патувачкото дома. Застануваа покрај вертикалниот метален ѕид на шлеперот точно таму каде што би требало да биде прозорецот. Собните растенија стојат покрај прозорци. На бенџамините и сансевериите им треба светлина. Кактусите, особено стариот, огромен мексиканец, стојат во потемниот агол. На таа страна во шлеперот не мораше да се замислува прозорец. Кујната, бањата, трпезаријата, дневната, спалната и детската соба беа наредени во шлеперот. Имаше место и за дворот и за терасата. За сушарката секогаш распната на неа, зашто Кадиеви вечно переа, простираа, сушеа и собираа алишта. И аливца на ќеркичките.

Уморната генералка на преселбата беше задоволна. На нејзините невидливи еполети на рамењата се создаде место за нови ѕвездички и чинови. – Готово е! – рече и ги протри очите како што работниците ги протриваат дланките по завршена  работа. Косата ѝ беше отпуштена,  штипката со цветчиња ја немаше никаде. 

Шлеперот-дом тргна прв. Зад него внимателно се движеше автомобилот на Кадиеви со сите четворица во него и само двата куфера во багажникот како кога одaт на море. Всушност, како да одат и сега, ама на најдлабокото море каде што не биле никогаш. Каде што можеби има и чудовишта и ајкули. Или јата сребрени рипчиња… Девојчињата во свечени фустанчиња седеа на задното седиште преблиску еднододруго. Кога поминаа покрај „Сокаче“, двете срамежливо ѝ мавнаа на кафеаната каде што родителите им дозволуваа да пијат кока-кола. Необичниот, несиметричен конвој од две возила успеа да излезе на „Орце Николов“,  па преку „Никола Тесла“ на Булеварот „Илинден“, околу Сити мол, и се дограби до широката и удобна „Партизански одреди“. Оттаму веќе сѐ стана полесно. Оттаму веќе полесно се напуштаат градот, земјата, поранешните животи.

– Застани! Застани, Анди! – му свика Валерија на својот маж. – Заборавив нешто важно, мора да се вратиме!

– Толку важно?

– Најважно! Те молам!

Андреј Кадиев вешто го престигна шлеперот, позборува кратко со него, и тој се паркираше на страна.

Со автомобилот се вратија назад по истите улици, само во обратната насока. Кога стигнаа пред куќата која веќе не беше нивни дом, Валерија излета од совозачкото седиште и се стрча кон влезната врата. Десно над неа стоеше табла „Титивоужичка“ број тој и тој. Вознемирената жена почна да ја корне таблата од ѕидот. Андреј, воздржувајќи се од каква било реакција, ѝ помогна да ја откорне, зашто таа немаше доволно сила во рацете.

– Ќе ја заборавевме улицата, Анди.

– Носи ја в раце, после ќе ја ставиме и неа во шлеперот.

 – Нема. Ќе ја држам в раце сѐ дотаму – рече Валерија, влегувајќи во автомобилот. За кратко, несиметричниот конвој од две возила повторно се спои некаде на „Партизански одреди“ и замина од Скопје. Најверојатно засекогаш.

Само неколку месеци подоцна, улицата „Титовоужичка“ беше преименувана во „Драган Ѓаконовски Шпато“. Којзнае дали Кадиеви воопшто дознаа.

Фотоилустрација: З.Р.