Името на директорот на оф-шор фирмата „Ексико“ Тодор Мирчевски, фигурира во повеќе компании, за кои е заедничко што се сите директно или индиректно поврзани со бизнисменот Орце Камчев
Ако се погледнат документите од Централниот регистар, може да се види дека Тодор Мирчевски е директор на „Ексико“, фирмата на која никој не знае кој e вистинскиот газда. Таа е регистрирана во Лугано, Швајцарија.
Оваа фирма е еден од купувачите на 4,5 илјади квадратни метри земјиште на Водно, локација за која СДСМ тврди дека е купено од страна на премиерот Никола Груевски.
Освен што директорува со Ексико, Мирчевски, заедно со Орце Камчев, во јуни минатата година е дел од Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“ АД Битола, каде Ексико има удел во сопственоста.
Акционери во ЗК Пелагонија се четири компании – „Орка Холдинг“ (18 отсто од акциите), оф-шор компанијата „Ексико“ (8,7 отсто), „Жито Полог“ – Тетово (11,9 отсто) и „Тимох“ ДОО (8.1 отсто).
Тодор Мирчевски, заедно со сестрата на Камчев, Кристина Камчева – Стојческа, фигурира и како неизвршен член на одборот на директори во Жито Полог АД – Тетово.
Најголемиот број акции во оваа фирма ги има токму ЗК Пелагонија, над 37 отсто.
ште една компанија ги поврзува Камчеви со директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски. Станува збор за градежната фирма „Бетон Штип“, која градеше голем број од објектите за проектот „Скопје 2014“ и каде повторно Ексико има сопственички удел.
Акционери во Бетон Штип се четири компании – „Ексико“, „Орка Холдинг“, „Езимит“ и „ТИМ“. „Орка холдинг“ има 17 отсто од капиталот, а „Ексико“ 14,35 отсто.
Во „Бетон Штип“, неизвршни членови во управниот одбор меѓу другите се Тодор Мирчевски, Орце Камчев и кумот на министерот за транспорт и врски Дејан Панделески.
БИРН се обиде да контактира со Тодор Мирчевски, но тој рече дека не може да разговара поради, како што ни рече, приватни причини.
Компанијата со која тој раководи во последно време ја бранува јавноста, особено откако беше објавено дека „Ексико“ и „Кара“ се јавуваат како купувачи на вредното земјиште на Водно. За ова, СДСМ веќе објави снимки кои наводно се водат меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески во кои тие договараат купување на земјиштето и градење пат пред ВМРО-ДПМНЕ да ја изгуби власта во Центар на локалните избори во 2013 година.
Засега никој не може да утврди кој е вистинскиот сопственик на фирмата „Ексико“. БИРН го посети седиштето на оваа компанија која поседува голем број акции во повеќе фирми но таму немаше никој, а единствен доказ за постоење на фирма на таа локација беше поштенското сандаче.
Сопственик на „Ексико“ е фирмата T&МЈ Инвестмент, лоцирана во Лугано, Швајцарија.