Извештај

„Транс-лицата се ранлива група, а не опасност“

Транс заедница по 5ти пат на марш за видливост

„Ве сакаме какви што сте“ и „Јас сум збунет за мојот род колку што ти си збунет за твојот“ беа дел од пораките на денешниот протест на трансродовите луѓе во Скопје. Под мотото „Маршираме храбро – 5 години видливост“, транс-заедница и нивните поддржувачи маршираа по повод меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица кој е на 31ви март.

Трансродовите луѓе имаат различен родов идентитет од полот кој им е означен при раѓање. Освен што се соочени со стигма и дискриминација, тие имаат и административни пречки бидејќи нивните лични документи не се усогласени со родот со кој тие се идентификуваат.

Затоа, тие повторно апелираа да се изгласа Предлог законот за матична евиденција преку кој транс луѓето би можеле преку јасна процедура да ја променат ознаката за пол на своите лични документи.

А оваа година на маршот се потенцираше и опасноста од таканаречените анти-родови движења. Во последните неколку години се сè поприсутни организациите кои се противат на користењето на терминот род, кој реферира на општествените очекувања, улоги и други атрибути на мажите, жените и луѓе со други родови идентитети.

Наместо тоа тие инсистираат  на постоењето на само биолошки пол и на таа основа се противат на правата на трансродовите луѓе, но и на изучувањето за родот во образованието и на родовата еднаквост.

Во својот настап, трансродовиот активист и актер Лео Поповиќ порача да се отфрлат штетните анти-родови наративи за оваа заедница, а да се поддржат, како што смета тој, вистинските семејни вредности: емпатијата, разбирањето и безусловната љубов.

„Конзервативните анти-родови движења се обидуваат да ги поткопаат правата и достоинството на трансродовите лица преку правење лажна паника, предизвикување дискриминација и сеење омраза“, додаде Поповиќ.

Ирена Цветковиќ, Мила Царовска и Мери Јордановска на дебата за анти-родови движења.

Цветковиќ вели дека се шири морална паника за мала идентитетска група | Фото: Europe House

Пред протестот се одржа дискусија токму на оваа тема – „Не се мешај во туѓи штипки: Разобличување на анти-родови дезинформации“ – на која говореа Ирена Цветковиќ, извршна директорка на „Коалиција Маргини“, Мила Цароска, поранешна министерка и сегашна извршна директорка на организацијата „ХЕРА“ и новинарката Мери Јордановска од фондацијата „Метаморфозис“.

Трите говорнички ја потенцираа улогата на медиумите во ширењето на анти-родовите дезинформации преку пренесување на ставови на луѓе кои не се експерти за родовите прашања без соодветен контекст.

„Медиумската писменост е многу ниска и потребни се и дополнителни обуки за новинарите за род и родови прашања“, кажа Јордановска.

Таа објасни дека проблем е што кога се во прашање вакви теми, често се случува медиумите да известуваат пристрасно и да го прекршуваат Член 13 од медиускиот кодекс кој прави разлика помеѓу фактите и мислењата.

Цароска објасни дека ваквото известување може да биде многу штетно и дека кога еднаш ќе излезат дезинформации во јавноста, многу е тешко да се разобличат. Токму тоа се случило со сеопфатното сексуално образование (ССО) кое голем дел од јавноста го перцепираше како нешто што ќе ги втурне децата во рани сексуални односи.

„Во Македонија тинејџерите всушност влегуваат во вакви релации многу порано отколку во земјите каде што има ССО“, рече таа.

Поранешната министерска објасни дека во Македонија просечно момчињата почнуваат со сексуални односи на 15 години, а девојчињата на 16, додека во Холандија каде сексуалното образование е интегрирано во целиот образовен систем тинејџерите во просек влегуваат во вакви односи по 17тата година.

Цветковиќ кажа дека анти-родовите движења се засилени во последните години и дека моментално има триесетина вакви организации кои се обединуваат под „Коалицијата за заштита на децата“.

„Тие се именуваат како заштитници на децата, а всушност ги напаѓаат трансродовите луѓе“, рече таа.

Цветковиќ вели дека се шири морална паника за мала идентитетска група која не им штети само ним, туку и на жените и ЛГБТ заедницата. Таа додаде дека овие движења веќе делуваат на административно ниво и дека во повеќе општини низ државата родовата еднаквост е тргната од различни правни документи и заложби.

„Во приницип се работи за стотина трансродови луѓе во државата кои се претставени како голема опасност, а се всушност прилично ранлива група“, заклучи Цветковиќ.