Регион

Убиствата во Вуковар

БИРН открива кои единици се виновни за убиствата на цивили во Хрватска во 1991 година

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Колку што се сеќавам, најмалку 50 затвореници беа убиени во попладневните часови на 19 ноември 1991 година. Јас бев сведок на некои од овие убиства“.

Ова се зборовите на Иван Гашпаровиќ, еден од ретките сведоци на злосторствата во хрватското село Даљ, извршени еден ден по падот на Вуковар.

Утрото на 18 ноември, денот кога Вуковар по тримесечна опсада, беше заземен од српски паравоени формации и од ЈНА, Гашпаровиќ излегол од подрумот во кој се криел и заедно со уште 150 до 200 други лица, претежно цивили, дошол пред магацинот во близина на железничката станица во Вуковар, чекајќи упатства за евакуација.

Жените и децата биле одвоени од мажите, на кои им било наредено пеш да се упатат кон селото Лужац, оддалечено неколку километри од Вуковар, во придружба на вооружени војници на ЈНА. Мажите потоа биле префрлени во селото Бршадин, каде веќе имало голем број затвореници од Вуковар, а оттаму, со „пет-шест цивилни камиони“, во Даљ.

Според сведочењето на Гашпаровиќ пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, затворениците во Даљ биле испрашувани, мачени и тепани. Потоа започнале убиствата.

Следниот ден, на 20 ноември 1991 година, на Гашпаровиќ му била дадена задача да ги натовари телата на жртвите на камион, од дворот каде што биле убиени.

„Моравме да ги натовариме телата едно врз друго, на задниот дел од камионот“, рече тој пред Хашкиот трибунал.

Исказот на сведокот, Иван Гашпаровиќ, даден пред Хашкиот трибунал. Извор: МКТЈ.

По падот на Вуковар, несрпското население било протерано од оваа област, голем број воени затвореници и цивили биле депортирани во затвори и логори во Србија, додека повеќе од 200 лица биле погубени во блиската фарма Овчара и на други места како Даљ.

Гашпаровиќ сведочеше на судењето на Горан Хаџиќ, воен премиер на самопрогласената Српска автономна област Славонија, Барања и Западен Срем (САО СБЗС), формирана во јуни 1991 година, по одлуката на Хрватска да се отцепи од Југославија.

Според обвинението на Хашкото обвинителство против Хаџиќ, „околу 20 ноември 1991 година, ЈНА префрлила голем број жители на Вуковар, во објекти за притвор во Даљ“.

„Припадниците на локалната српска ТО (територијална одбрана) таму ги издвоиле оние за кои се сомневале дека учествувале во одбраната на Вуковар. Издвоените затвореници биле испрашувани, тепани и измачувани. Најмалку триесет и пет затвореници биле егзекутирани“, се вели во обвинението.

Телата на убиените биле пренесени на фармата Ловас, неколку километри одалечена од Даљ. Повеќето жртви се ексхумирани во 2001 година, иако некои посмртни останки претходно биле пронајдени во друга масовна гробница во Даљ.

Список на жртвите пронајдени во масовната гробница на фармата Ловас, крај селото Даљ. Извор: МКТЈ.

Гашпаровиќ преживеал поради пријателството на неговата ќерка со припадник на ТО, иако во Даљ бил испрашуван, брутално малтретиран и тепан, со „сите средства што ги имале“.

Некои затвореници дури се обиделе да си го одземат животот „скокајќи низ прозорец, затоа што се плашеа дека ќе бидат измачувани до смрт“, изјави тој.

„Го знам тоа, затоа што морав да ги соберам нивните тела. Паравојниците ги убија, откако се обидоа да се самоубијат“, објасни сведокот.

Иако злосторствата извршени во и околу Вуковар беа документирани, само неколкумина кои учествуваа во нив беа осудени.

Хашкиот трибунал осуди двајца високи офицери на ЈНА, Миле Мркшиќ и Веселин Шљиванчанин, за убиства на затвореници на фармата Овчара, додека офицерот, Мирослав Радиќ, беше ослободен од обвинението.

Три лица обвинети дека сносат одговорност за злосторствата во областа на Вуковар, починаа пред да бидат осудени: поранешниот српски и југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, Горан Хаџиќ и поранешниот градоначалник на Вуковар, Славко Докмановиќ.

Воислав Шешељ, лидер на екстремно десничарската Српска радикална партија, беше ослободен од обвинението дека испраќал доброволци за борба во Вуковар.

Улогата на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, во распоредувањето единици во Хрватска, е дел од повторното судење на бившите највисоки воени функционери на таа служба, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, во Хаг.

Во ова истражување, анализирајќи ги доказите од сите овие случаи пред Хашкиот трибунал, БИРН беше во можност да утврди кои единици на ЈНА и српски паравоени формации, биле присутни на теренот кога се случиле убиствата и кој бил одговорен за тие единици.

„Еден куп човечки тела“

Карта на САО СБЗД, користена пред Хашкиот трибунал. Извор. МКТЈ 

Даљ лежи на хрватската страна на реката Дунав, околу 20 километри северно од Вуковар.

На 1 август 1991 година, ЈНА, заедно со парамилитарните доброволци од Србија, го нападна и ја презеде контролата над тогаш национално мешаното село. До падот на Вуковар, Даљ станал дел од САО СБЗС, предводена од Горан Хаџиќ.

Милан Миладиновиќ, Србин роден во Даљ, работел во земјоделскиот комбинат како багерист.

Во повеќе наврати, за време на војната во Хрватска, Миладиновиќ бил ангажиран на погребување на тела, во подрачјето на Даљ. Според неговата изјава дадена пред Хашкиот трибунал, тој тоа го сторил „во септември или октомври 1991 година“.

Во ноември 1991 година, по падот на Вуковар, тројца припадници на ТО од Даљ, му наредиле на Миладиновиќ да оди на фармата Ловас со неговиот багер.

„Кога пристигнав на фармата Ловас, видов куп човечки тела како лежат на земја, пред полскиот тоалет на фармата“, им рече Миладиновиќ на истражните органи на Хашкиот трибунал, во мај 2001 година.

Миладиновиќ изјави дека му се чинело оти „телата биле убиени неодамна, затоа што не почувствував мирис на распаѓање“.

„Колку што можев да видам, сите беа тела на мажи на возраст од 45 до 55 години. Се сеќавам дека видов глава одвоена од тело, но не можам да се сетам на други детали“, додаде тој.

Фотографија од тренинг центарот на силите на ТО во Ердут. Извор: МКТЈ.

Откако неговиот багер бил натоварен со тела, Миладиновиќ ги одвезол на неколку стотици метри одалеченост од главната порта на фармата Ловас, каде веќе била ископана дупка.

„Како што ми беше наредено, ги ставив тие тела во дупката и веднаш ги покрив со земја“, сведочеше Миладиновиќ.

„Од разговорот што го слушнав таму, разбрав дека тие луѓе се Хрвати, донесени од Вуковар“, додаде тој.

Убиствата на повеќе од 30 луѓе, кои, по падот на Вуковар, биле однесени во Даљ, беа дел од обвинението против Слободан Милошевиќ и Горан Хаџиќ.

Во своето сведочење, Миладиновиќ го идентификуваше Павле Миловановиќ како лице кое му наредило да оди на фармата Ловас. Миловановиќ беше командант на силите на ТО во Даљ. Што се случило со него по војната и каде се наоѓа во моментов, не е познато.

Единици на ТО постоеја и во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, но кога започна распадот на државата, локалното српско население ги воспостави главно како еднонационални единици. Според законот на САО СБЗС, единиците на ТО беа под контрола на Министерството за одбрана на оваа САО.

Во обвинението против Горан Хаџиќ, тој е назначен како највисоко надлежно лице, при што е наведено дека „најдоцна до 26 јуни 1991 година, па заклучно со декември 1993 година, Горан Хаџиќ бил де јуре командант на силите на ТО“. Ова е периодот во кој се извршени злосторствата околу Вуковар.

Наводната контрола на Србија над единиците на ТО, кои оперирале во Хрватска во тоа време, е исто така, една од точките од обвинението против Станишиќ и Симатовиќ. Тие се обвинети за учество во заеднички злосторнички потфат, со цел отстранување на хрватските и бошњачките цивили, од голем дел од двете држави.

За да се постигне тоа, тие, наводно, организирале центри за обука на српски борци, од кои некои биле распоредени во локалните сили на ТО САО СБЗС.

Југословенските трупи носеа затвореници

Фотографија на Клајд Сноу, од првичната истрага за масовната гробница на Овчара. Извор: МКТЈ.

ЈНА, која првично се постави како „посредник“ во конфликтот, како поминуваше 1991 година, се поотворено превагнуваше кон српска страна, што можеше да се види за време на нападот на селото Даљ, на 1 август.

Во своето сведочење пред Хашкиот трибунал, Миладиновиќ рече дека „во селото слушнал оти по падот на Вуковар, ЈНА донела голем број цивили во хангарите на ИЗК (индустриско-земјоделскиот комбинат) Даљ за да ги смести преку ноќ“.

„Војниците на ЈНА ги чуваа тие луѓе во хангарите … Оние луѓе чии тела ги закопав на фармата Ловас, припаѓаа на група што ЈНА ја превезуваше во логорот во Сремска Митровица (Србија). Автобусот беше запрен на фармата Ловас, а припадниците на ТО Борово Село (Савуља) ги убија“.

Подрачјето што го држеше САО СБЗС беше под одговорност на Првата воена област на ЈНА, чиј командант беше Живота Паниќ.

Првата воена област опфаќаше големо подрачје, а документите покажуваат кои единици се наоѓале во селата во близина на Вуковар, како што е Даљ, каде беа извршени злосторствата.

Во извештајот на Советот за безбедност на ООН од 1994 година, се вели дека во селото Ердут, по падот на Вуковар, војниците на 12-тиот (новосадски) корпус на ЈНА и припадниците на „нерегуларната милиција, составена од српски селани од Ердут“, уапсиле некои Хрвати и Унгарци.

Затворениците што биле уапсени на тоа подрачје, заедно со другите луѓе од несрпска националност, биле однесени во селото Даљ, се вели во извештајот.

Во него се додава дека „е поднесен извештај дека голем број заробени хрватски цивили од Вуковар биле пренесени и привремено задржани во селото Даљ, во текот на последната недела од ноември 1991 година, по падот на Вуковар“.

Понатаму е забележано дека „неколку хрватски цивили уапсени во Ердут од припадниците на новосадскиот корпус на ЈНА и од припадниците на  ‘милицијата на Краина’, биле приведени во Даљ во зградата на кооперацијата“.

Документите на ЈНА од истата област, од летото и есента 1991 година, вклучувајќи извештаи, планови и одлуки, нудат повеќе детали за единиците што биле во Даљ во времето на злосторството и за нивните команданти.

Во извештај испратен до командата на Првата воена област на 21 септември 1991 година, се вели дека 12-от (новосадски) корпус имал команден пункт во Даљ.

Прв командант на овој корпус бил Младен Братиќ, кој загина на 2 ноември за време на битката за Вуковар. По неговата смрт, Андрија Биорчевиќ стана нов командант.

Според извештајот од 4 октомври 1991 година, потпишан од Србољуб Трајковиќ, началник на Генералштабот на 12-от корпус, неговите единици биле распоредени северно од Вуковар и таму учествувале во борбени операции – во областа околу Даљ и Ердут.

Наредба на командата на 12-от корпус на ЈНА, потпишана од генерал-мајор, Андрија Биорчевиќ. Извор: МКТЈ.

На 17 ноември, Биорчевиќ издал наредба со која сите други вооружени групи во таа област, се ставаат „под команда на единиците на ЈНА“, што значи дека ЈНА ефективно ја презела одговорноста за дејствијата на сите паравоени групи и доброволци, кои дејствувале таму.

„Ги убива оние кои не сакаат да се предадат“

Покрај единиците на ЈНА и ТО, во конфликтот во Хрватска учествуваа и доброволци и паравоени единици, а најпозната меѓу нив беше Српската доброволна гарда, предводена од Жељко Ражнатовиќ Аркан.

Каде се сега осомничените?

Горан Хаџиќ беше премиер на САО СБЗС, а потоа, до крајот на 1993 година, претседател на Република Српска Краина. По војната, тој се пресели во Србија, каде живееше до објавувањето на обвинението за воени злосторства што Хашкиот трибунал го покрена против него, по што избега. Тој беше уапсен во 2011, а почина во 2016 година, во текот на судењето.

Милорад Стричевиќ, припадник на Тигрите на Аркан, наводно одговорен за разни убиства, исто така, почина. Сведок на Хашкиот трибунал изјави дека тој бил убиен во 1992 година, заедно со неговото семејство, додека се обидувал да им помогне да ја напуштат Славонија. Друг сведок изјави дека телото на Стричевиќ било пронајдено во бунар во Даљски Атар, во близина на Даљ; во истиот бунар во кој беа фрлени жртвите од Ердут.

Жељко Чизмиќ, командант на полициската станица Даљ, беше осуден на една година и десет месеци затвор од Окружниот суд во Осиек во 2011 година. Според обвинението, во 1991 година, за време на вооруженото востание на локалните Срби во Даљ и Ердут, Чизмиќ, како комадир на полициската станица Даљ, организирал, наредувал и спроведувал незаконски апсења и приведувања на голем број цивили и на неговите подредени им одобрувал да вршат физичка и психолошка тортура. Врховниот суд на Хрватска подоцна ја укина првостепената пресуда, а во 2014 година, кривичната постапка против Шизмиќ беше сопрена.

Живота Паниќ, командантот на Првата воена област на ЈНА, по опсадата на Вуковар напредуваше во воената кариера. Во 1992 година, тој беше накратко началник на Генералштабот на ЈНА, а исто така и сојузен секретар за народна одбрана на СФРЈ. После тоа, тој стана началник на Генералштабот на новоформираната Војска на Југославија. Почина во 2003 година.

Андрија Биорчевиќ, командант на 12-от (новосадски) корпус, го заврши својот активен воен рок во 1993 година. Лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешеj, изјави пред Хашкиот трибунал во 2014 година, дека Биорчевиќ „почина пред неколку години“.

Жељко Ражнатовиќ Аркан беше убиен во хотелот Интерконтинентал во Белград во јануари 2000 година. Поранешниот полицаец, Добросав Гавриќ, кој ја напушти Србија и во моментов се бори против негова екстрадиција од Јужна Африка, беше осуден за неговото убиство. Аркан се споменува во Србија и по неговата смрт, поради бракот со пејачката Светлана Цеца Ражнатовиќ, со која има две деца, кои, исто така, станаа славни личности.

Пред војната, Аркан беше криминалец, крадец кој крадеше и во странство, и дома. Кога, пред да започнат војните, почнаа да растат националистичките тензии, Аркан стана водач на навивачите на фудбалскиот клуб Црвена Звезда.

Во 1990 година, заедно со неколку блиски пријатели, тој ја формираше Српската доброволна гарда, позната и како Тигрите на Аркан.

Иако формално беше единица на доброволци, документите на Хашкиот трибунал откриваат дека таа била поврзана со ЈНА и со локалните српски власти.

Според извештајот за активностите на Српската доброволна гарда, потпишан од генерал-мајор Миле Бабиќ, од Првата воена област на ЈНА, од 18 октомври 1991 година, нејзините припадници „биле ангажирани во борбени активности и расчистување на подрачјето, заедно со оперативните единици на ЈНА“.

Воените документи покажуваат дека ЈНА го забележа проблематичното однесување на Аркан на теренот во есента 1991 година.

На 18 октомври, полковник Милиќ Јовановиќ од безбедносната служба на 12-от корпус, ѝ напишал на безбедносната служба на Првата воена област, дека „однесувањето на Аркан во зоната на борбени дејствија, предизвикува неодобрување на жителите и на војниците на ЈНА“.

Во својот извештај од јануари 1992 година, Јовановиќ напишал дека Аркан бил во регионот Славонија од мај 1991 година и оти од септември 1991 година се наоѓа во седиште во Ердут, село на десет километри од Даљ.

Тој додава дека Аркан е официјално подреден на 12-от корпус, но дека „влегува и излегува од борбата кога сака“. Тој спомнува и дека Аркан е „професионален криминалец“.

Тој нагласува дека „активностите (на Ражнатовиќ) за ликвидација на хрватското и унгарското население, биле забележани и за нив се пишувало неколку пати“. Според него, тие убиства најчесто ги извршувал Милорад Стричевиќ, „возач од Осиек, кој има голем број кривични пресуди“, на кого Ражнатовиќ му доделил чин полковник.

На состанокот во Бели Манастир во областа Барања, командантот на 12-от (новосадски) корпус на ЈНА, Андрија Биорчевиќ, на 1 јануари 1992 година, во присуство на Ражнатовиќ, одржал говор, што е документирано од ТВ Бели Манастир, при што ги пофалил доброволците на Аркан.

„Ова не се паравоени формации, тоа се луѓе кои доброволно дојдоа да се борат за српскиот народ – ние заземаме село, тој го презема и ги убива оние што не сакаат да се предадат, а ние продолжуваме понатаму“, изјавил Биорчевиќ.

Командантот на полициската станица Даљ, Жељко Чизмиќ, документирал дел од активностите на Аркан во своите извештаи.

Така, според извештајот од 5 октомври 1991 година, Милорад Стричевиќ, шеф за безбедност на ТО Даљ, претходната вечер дошол во затворот Даљ со четворица мажи, за да испрашуваат некои затвореници. По два и пол часа, пристигнал и Аркан со 20 свои луѓе и побарал да го види Стричевиќ.

Чизмиќ во извештајот нагласува дека од собата каде што биле Аркан и затворениците, повремено слушал звуци како звук на „предмет што удира во маса“.

Во 4.00 часот наутро, тројца затвореници извадиле 12 мртви луѓе од собата, ги ставиле во камион, кој „ги одвел некаде“.

Во првостепената пресуда, што во 2013 година им беше изречена на Станишиќ и на Симатовиќ, Хашкиот трибунал утврди дека на 4 или 5 октомври 1991 година, Аркан и голем број негови луѓе, вклучувајќи го и Стричевиќ, убиле 22 затвореници „во зградата на полицијата во Даљ или во нејзина близина и кај устието на потокот Јама во реката Дунав, во која биле фрлени телата на жртвите“.

Во извештајот на Чизмиќ од 23 септември се вели дека два дена претходно, Аркан и Горан Хаџиќ одвеле 11 лица од затворот Даљ.

Истиот ден, Хаџиќ издал наредба во која се вели дека Аркан „досегашниот командантот на специјалната единица на територијална одбрана на САО Славонија, Барања и Западен Срем, со ова се назначува за командант на Центарот за територијална одбрана во Ердут“.

На Аркан никогаш не му се судеше за воени злосторства, затоа што беше убиен во Белград во 2000 година. Не му се судеше ниту на Стричевиќ, кој наводно бил убиен во војната во 1992 година.

Горан Хаџиќ и Слободан Милошевиќ, исто така, починаа пред да биде задоволена правдата за убиствата кај Вуковар.

Од другите осомничени, Хрватска го гонеше Жељко Чизмиќ, заради неговата улога во незаконското апсење и нечовечното постапување со затворениците. Тој првично беше осуден, но потоа пресудата беше укината, за во 2014 година целата постапка да биде сопрена.

Хрватска процесираше и петмина припадници на ТО и војници на ЈНА. Еден беше ослободен од обвинението, а на тројца не можеше да им се суди, затоа што живееја надвор од Хрватска. Но, еден од нив, именуван само со иницијалите М.Л., беше осуден на пет години затвор во 1993 година, за „помагање на тортура и нехуман третман во Даљ“, се вели во овогодишен извештај на хрватското обвинителство.

Доказите и изјавите на сведоците анализирани од БИРН, сугерираат дека и на други осомничени лица можело да им се суди за злосторствата извршени по падот на Вуковар. Но, освен неидентификуваниот М.Л., никој досега не е осуден со правосилна пресуда.