Истражувањa

Уште еден владин хонорарец во случајот „Рашковски“

Од четворица осомничени, двајца биле владини хонорарци

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

И четвртиот осомничен во случајот со набавка на софтвер за МВР бил хонорарно ангажиран од Генералниот секретаријат на Владата, открива БИРН.

Претходно, 360 степени објави дека џипот што го вози eкс-генсекот Драги Рашковски е на име на еден од „тајните хонорарци“ во Владата, кој е осомничен во аферата.

Со тоа се исцртува кругот на засега четворица што ги осомничи Обвинителството, Рашковски, сопственикот на „Инвока груп“, Даниел Станчев и две лица, кои истовремено биле хонорарно ангажирани од Генералниот секретаријат додека на негово чело бил Рашковски.

На двајцата хонорарци ангажманот им почнал во време додека на чело на Секретаријатот бил сега првоосомничениот Драги Рашковски.

На денот на истрагата раскинат договор за хонорар

Трeто и четвртоосомничениот меѓу владините хонорарци| Фото: БИРН

Позицијата координатор за дигитализација на ниво на РСМ не беше меѓу фактурите што БИРН ги доби од Владата откако со жалба успеа да ги добие насловите на ангажманите, но не и имињата на ангажираните. Оваа фактура, заедно со уште една за графички дизајн не ни беа доставени затоа што, како што велат од Владата, не биле исплатени во декември.

Како и да е, зад тој ангажман се крие професор, чиј идентитет, поради заштита на претпоставката на невиност, БИРН нема да го открие. Станува збор за универзитетски професор од ФИНКИ, кој трипати бил ангажиран од Генералниот секретаријат додека со него менаџираше Драги Рашковски. Првиот пат во 2019 година.

Според извори од истрагата, тој е осомничен во случајот „Рашковски“, во делот за изготвување на техничката спецификација за тендерот. Обвинителите се сомневаат дека ја направил спецификацијата на тендерот да соодветствува со патентот на поранешниот генерален секретар на Владата.

Воедно, тоа е и осомничениот, кој не го форматирал телефонот и во кој е пронајдена комуникацијата со Рашковски со пораката „зборувај стручно, глупи се, нема да те разберат“.

БИРН контактираше со професорот, кој негираше дека ангажманот во Владата е поврзан со истрагата за случајот „Рашковски“, за која пак, не сакаше да коментира.

Рашковски на прес | Фото: Влада на РСМ

Ја прашавме Владата за што бил ангажиран професорот. Одговорот беше широкоописен: „Изработка на анализа на придобивките од вклучување на Blockchain технологија во е-Governance сервиси, имплементација на дополнителна функционалност во системот за мерење ефикасност на државната администрација во Влада на Северна Македонија, и анализа на архитектура на ID-SOFTWARE“.

За оваа позиција немало конкурс. „Ми се јавија од таму“, вели за БИРН професорот. Дополни дека според договореното, на Владата ѝ поднесувал извештаи за сработеното.

„Последната година немав ангажман воопшто. Претходната година бев ангажиран за пакет-мерките што се спроведуваа за консолидација на базите меѓу различни институции“, рече тој. Појасни дека за тој период немало работа, немало потреба од извештаи и затоа побарал раскинување на договорот.

Коинциденција или не, тоа се случило истиот ден, 12 април, кога Владата ги објави имињата на актуелните хонорарци, односно четири дена пред апсењето на Рашковски.

Судија им определи притвор нему и на второосомничениот, а на другите двајца им ги одзеде пасошите, им забрани да го напуштаат градот, им наложи еднаш неделно да се јавуваат во судот и им забрани да „преземаат работни активности поврзани со кривичното дело“.

Во просек околу 40 илјади денари по хонорарец

Во март 2021, во споредба со декември 2020 биле ангажирани 11 хонорарци помалку| Фото: Влада на РСМ

Фактурите што БИРН ги доби за договорни услуги што Владата ги исплаќа за ангажирање екстра луѓе во периодот декември 2020 до април 2021, освен вториот ‘владин хонорарец’ во случајот Рашковски, открива чудни коинциденции, како на пример дека по барањето на БИРН за достава на фактурите, нивниот број почнува да опаѓа.

Имено, првата видлива разлика кога ќе се споредат фактурите што Владата ги исплатила во декември со оние последните од март е тоа што за третиот месец од годинава, во споредба со декември 2020, биле ангажирани 11 лица помалку, 49 наместо 60 колку што беа во декември.

Трендот на намалување на потребата од ангажирање почнува од јануари. Тоа е периодот во кој БИРН го поднесе барањето за слободен пристап до информации, до Владата за да дознаеме што се троши под оваа ставка.

Број на фактури (декември 2020 – март 2021) | Фотоколаж: БИРН

Просечниот исплатен износ на хонорарците со мали варијации е четириесетина илјади денари нето од декември до март.

Додека износите на некои услуги на хонорарците не се менуваат, некои „поскапеле“ за нијанса, во просек за 3000 денари нето.

Анализата на добиените документи покажува дека постојано се ангажирани само тие што работат на медиуми, пи-ар и комуникација во Владата. Останатите се ангажираат по потреба.

Некои хонорарци биле ангажирани само еднаш, како на пример за изготвување и ревизија на проекти за енергетска ефикасност за намалување на аерозагадувањето, или за анализа на правната регулатива за интеграција во Европската Унија.

Евидентно е дека Владата продолжила авторски да ангажира нови луѓе и во 2021 година, за услуги што ги немало лани во декември. На пример, од годинава, во Владата е ангажирано лице што ќе прави „анализа на информации и податоци од областа на стратешки комуникации“.

Асистент за дигитални комуникации и социјални медиуми и логистичка поддршка на Комисијата за именување во Кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, се некои од овие – нови позиции, за кои, Владата хонорарно ангажира лица, чии имиња сега се и јавно објавени.