Регион

Во БиХ и во Србија нема подршка за закон за негирање на геноцидот

Белгиската влада најави дека планира да го криминализира негирањето на геноцидот во Сребреница, но ваква слична легислатива нема поддршка во Србија и БиХ

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и Меѓународниот суд на правдата (МСП), масакрите во Сребреница, ги окарактеризираа како геноцид.

МКТЈ и судовите во БиХ осудија 46 лица на околу 700 години затвор – плус четири доживотни затворски казни – за геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства против Бошњаците од Сребреница во 1995 година.

Сепак, иако Судот на БиХ има изречено пресуди за геноцид, малку е веројатно дека оваа држава ќе го следи примерот на Белгија и ќе го криминализира неговото негирање, велат експертите.

Во Србија, пак, иако државата има усвоено закон против негирање на геноцидот, масакрите во Сребреница, официјално, не се сметаат за геноцид.

Пресудата на Караџиќ иницира повици за акција

Радован Караџиќ во судницата во Хаг / Фото: МКТЈ

Радован Караџиќ во судницата во Хаг / Фото: МКТЈ

Поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој во март оваа година беше осуден на казна доживотен затвор, е последниот што досега е обвинет за геноцид.

Овој месец, по изрекувањето на пресудата на Караџиќ, 12 здруженија на жртви од војната во БиХ, побараа од домашните и меѓународните институции, поддршка на нивната иницијатива да се запре практиката на негирање на геноцидот и злосторствата против човештвото, како и глорификацијата на сторителите на тие дела.

Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот во БиХ, за БИРН изјави дека иницијативата е испратена на 1.000 адреси, вклучувајќи ги и политичките партии во БиХ, сите членови на Европскиот парламент, сите американски конгресмени и ОБСЕ.

„Добивме назнака од парламентарците во Федерацијата БиХ, дека се подготвува резолуција, која треба да се најде пред Парламентот на БиХ. Очекуваме наскоро реакција и на парламентарците на ЕУ“, рече Тахировиќ.

„Очекуваме отфрлањето на геноцидот конечно да биде запрено. Оние што го негираат да сфатат дека ова се пресуди на меѓународните судови, основани од Обединетите нации, чии членки се БиХ, Србија, Русија и многу други земји“, додаде тој.

Во БиХ неколкупати досега беше предлагано усвојување на закон за забрана на негирањето на геноцидот, но тој никогаш не беше усвоен, бидејќи немаше доволно гласови од претставниците на српските партии во оваа држава.

Рамиз Салкиќ, претставник на Партијата за демократска акција (СДА) и потпретседател на Република Српска, вели дека е сосема нормално да се донесе закон со кој се забранува негирањето на геноцидот во БиХ.

„Треба да покажеме почит кон жртвите, но и да ги санкционираме оние кои го негираат геноцидот. Целосна поддршка за оваа иницијатива, и очекувам пошироката јавност, и академската и секоја друга во БиХ, да бидат вклучени во тоа, со цел да се постигне решение во оваа насока“, рече Салкиќ.

Сепак, властите во РС, негираат дека масакрите во Сребреница се геноцид. Овој месец, со работа почна контроверзната комисија за Сребреница, формирана од страна на РС, чие основање предизвика критики, поради загриженост дека пресудите на меѓународните судови ќе бидат оспорени.

Ненад Стевандиќ, претседател на клубот на Србите во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, изјави дека најверојатно и најновата иницијатива да се донесе закон за забрана за негирањето на геноцидот, ќе пропадне, како што пропаднаа и претходните.

Тој верува дека издвојувањето на злосторствата против една етничка група, „без оглед на нивните размери”, би било контрапродуктивно, бидејќи тоа би предизвикало лутина кај другите и би довело до „пресметка”.

„Јас сум за казнување на сторителите на сите злосторства, без политички манипулации”, нагласи Стевандиќ.

Во меѓувреме, политичкиот лидер на босанските Срби, Милорад Додик, кој во моментов е претседавач со Претседателството на БиХ, во саботата изјави оти геноцидот во Сребреница, е само „лажен мит”.

Србија ги отфрла пресудите на меѓународните судови

Собрание на Србија. Фото Борис Димитров / Википедија

Меѓународниот суд на правдата, во 2007 година, пресуди дека Србија не е одговорна за геноцидот во Сребреница, ниту, пак, е соучесник во него, но, дека и покрај блиските врски со силите на босанските Срби, не ги спречила масакрите. Во одлуката, исто така, се вели дека Србија не му помогнала на Хашкиот трибунал, да ги казни сторителите.

Српските активисти за човекови права го поздравија предложениот белгиски закон за забрана на негирањето на геноцидот и ги повикаа властите во Белград да го следат белгискиот пример.

Иван Ѓуриќ, програмски директор на Младинската иницијатива за човекови права, со седиште во Белград, вели: „Ние во Србија треба да се запрашаме, која е нашата одговорност, за да воведеме ваква законска одредба”.

Во 2016 година, Србија изврши дополна на нејзиниот кривичен законик, кој предвидува затворски казни од шест месеци до пет години, за негирање на геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства.

Сепак, ова се однесува само на оние злосторства, кои ги утврдиле српските судови и Меѓународниот кривичен суд, а не и МКТЈ и МСП, кои утврдија оти масакрот во Сребреница претставува геноцид.

„Значи, во Србија не е забрането негирањето или минимизирањето на тежината на геноцидот во Сребреница, но е казниво, на пример, негирањето на геноцидот во Конго”, вели Ивана Жаниќ, директор на правната програма на Фондот за хуманитарно право (ФХП).

Во 2010 година, српскиот парламент усвои резолуција со која ги осуди масакрите во Сребреница, но не ги дефинира и како геноцид.

Иницијативата дојде од тогашниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, по што мнозинството во Собранието, предводено од неговата Демократска партија, ја усвои резолуцијата, која Владата на Република Српска веднаш ја осуди.

Младинската иницијатива за човекови права повика на усвојување на декларација, со која ќе се признае геноцидот во Сребреница.

„Декларацијата треба да биде историски и правно базирана на вистината и на фактите, и да ја земе предвид онаа одговорност, која со пресудата на Меѓународниот суд на правдата, ни беше дадена – дека не сме го спречиле геноцидот и дека сме им помагале на извршителите на геноцидот, да се скријат од правдата”, истакна Ѓуриќ.

Но, сегашната, повеќе националистички ориентирана српска власт, на чело со претседателот, Александар Вучиќ, најверојатно нема да ги земе овие аргументи предвид.

Иако Вучиќ присуствуваше на комеморацијата во Сребреница во 2015 година, кога беше нападнат од дел од присутните на настанот, кои беа лути поради неговата националистичка реторика за време на војната во БиХ, тој одбива да прифати дека бил извршен геноцид.

Лобирањето на неговата Влада, резултираше со вето на српскиот сојузник, Русија, на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН, за осуда на масакрот во Сребреница како геноцид, во 2015 година.

Минатата година, српската премиерка, Ана Брнабиќ, повторно негираше дека масовните убиства на Бошњаците, од страна на силите на босанските Срби, се геноцид.

„Не мислам дека тоа е геноцид”, рече таа за Дојче Веле.

Поради овој коментар, претседателот на Механизмот за меѓународни кривични трибунали, Теодор Мерон, на состанокот одржан минатиот ноември, ѝ упати критики.

„На Владата на Србија не ѝ помага оспорувањето на пресудите на еден важен меѓународен суд”, ѝ рече Мерон на Брнабиќ.

Сепак, досега нема индикации, дека официјалната позиција на Белград, може да се промени.