Регион

Во Србија правдата е бавна

Коментар на Фред Абрахамс помошник директор на програмите на Хјуман Рајтс Воч.

Тој де јуре и де факто бил одговорен за српските полициски сили кои „извршиле злосторства од масовни размери“, се додава во одлуката.

Моите колеги и јас документиравме многу од овие ужасни дела, кои се резултат на политика, а не на бунтовнички трупи. Во Хашкиот трибунал сведочев против Лукиќ и неговите ортаци, од кои тројца се, како и тој, пуштени на слобода.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), кој се занимава со овие случаи, постави услови за ослободување на Лукиќ од затвор: тој не смее да поседува оружје или да оди на Косово. Ако сака да патува, мора да ги извести надлежните.

Важно е да се напомене дека му е забрането да разговара со медиумите или да велича други осудени воени злосторници. Ова е ново и добредојдено ограничување со оглед на тоа што другите осуденици, кои предвреме беа ослободени од затвор, последователно ги негираа своите злосторства, го оспорија Трибуналот на ООН и ги величеа своите воени дела.

Масовната гробница во Батајница, каде беа пронајдени тела на Албанци, убиени во четирите косовски села, во 1999 година. Фото: Марко Рисовиќ/БИРН.

Српската влада ги пречека овие луѓе како херои, славејќи ги нивните злосторнички дела. Поранешниот потпретседател на Владата на СР Југославија, Никола Шаиновиќ, кој беше осуден заедно со Лукиќ, беше именуван на висока позиција во владејачката партија на Србија. Осудениот поранешен командант на приштинскиот корпус на Војската на Југославија (ВЈ), Владимир Лазаревиќ, беше ангажиран како предавач на Воената академија во Белград.

Гонењето на воените злосторства во Србија, е забавено или запрено, додека случаите на осомничените од понизок ранг, се одложуваат со години. Лицата кои ги преживеале злосторствата во Косово и кои се согласија да сведочат, во неколку наврати залудно патуваа во Белград. Европската унија неодамна ја критикуваше Србија поради „многу лошите резултати во процесирањето на случаите на воени злосторства“.

Веднаш по војната во 1999 година, српските сили префрлија тела на близу 1.000 косовски Албанци кои тие ги убиле, во масовни гробници во полициски комплекси и на други места во Србија, но Владата вложува мали напори да ги пронајде нивните посмртни останки, а камоли да повика некого на одговорност.

Една од тие локации е масовната гробница во рудник во близина на Рашка,  јужна Србија, која беше ексхумирана минатата година, како резултат на заедничките напори на Србија, Косово, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС. Идентификувани се повеќе од десетина жртви, но обвинителите не поднесоа никакви обвиненија во овој случај. Оваа локација се наоѓа на околу 10 километри од каменоломот кај Рудница, каде српските власти во 2014 година пронајдоа тела на повеќе од 40 косовски Албанци.

Човекот кој можеби најмногу знае за операцијата на пренесување на телата и нивно преместување во камиони ладилници, е поранешниот висок функционер на српската полиција, Властимир Ѓорѓевиќ, шефот на Лукиќ, кој отслужува 18-годишна затворска казна во Германија, откако, меѓу другото,  беше осуден и за управување со „тајното транспортирање и повторно погребување на телата“. Ѓорѓевиќ, исто така, побара да биде предвреме ослободен.

ММКТ бара двајца членови на националистичката Српска радикална партија за непочитување на судот, заради нивно влијание врз сведоците во случајот што се водеше против нивниот водач, Воислав Шешељ. И покрај трите извештаи поднесени до Советот за безбедност на ООН за неусогласеноста на Србија, српската влада одбива да ги предаде.

Политиката на заштита на осомничените, може да се промени. Минатиот месец Србија го претстави својот петгодишен план за решавање на воените злосторства, кој препознава некои недостатоци и нуди корисни чекори, вклучително и експедитивно процесирање и подобра соработка со соседните земји. Но, ветувањата лесно се даваат. Белград може да покаже вистински напредок доколку својот план го преточи во акција, со потребните финансиски средства и политичка волја.

Ако Србија вистински не ги истражи и не гони воените злосторства, правдата ќе биде бавна.

Фред Абрахамс е помошник директор на програмите на Хјуман Рајтс Воч.

Ставовите изразени во овој текст се ставови на авторот и не ги одразува нужно ставовите на БИРН.