Анализи

Во трката за вакцини, на Србија конечно ѝ се исплати балансирањето меѓу Истокот и Западот

Додека Србија прави планови да ја произведува руската вакцина, некои нејзини балкански соседи, но не сите, исто така, го вртат погледот кон Исток

Многумина го сметаат за неодржливо, но, во вакцинирањето против ковид-19, српското геополитичко балансирање меѓу Истокот и Западот ја стави државата пред своите соседи на Балканот и пред поголемиот дел од Европа.

Полагајќи ги надежите во Ковакс системот на Светската здравствена организација, платформа замислена да го максимизира бројот на вакцини што ќе го добијат сиромашните земји, земјите како Северна Македонија и Црна Гора, двете соседни држави на Србија и поранешни југословенски републики, сѐ уште не ставиле ниту една вакцина.

Србија, за разлика од нив, вакцинираше повеќе од 500.000 од своето 6,5 милионско население, главно со кинески вакцини, и месецов ги најави своите планови да почне со домашното производство на руската вакцина Спутник В. Дури сега некои од соседните земји се борат да обезбедат вакцини од Кина и од Русија, додека други сѐ уште се потпираат на Ковакс и на Европската Унија.

„Пандемијата со ковид-19 ќе трае долго време и домашното производство на вакцини ќе биде многу корисно за Србија, но и за земјите од регионот“, вели водечкиот српски епидемиолог Зоран Радовановиќ.

Ширењето на производството на вакцината ќе ја помогне дистрибуцијата, рече тој, но предупреди дека деталите сѐ уште не се познати. „Сѐ уште немаме многу информации за овој проект, за тоа кој ќе има корист од патентот, кој ќе ги инвестира парите и колку“, рече Радовановиќ за БИРН.

Неодобрена од ЕУ, во масовна употреба во Србија

Ковид-амбуланта (Архивска фотографија) | Фото: Роберт Атанасовски

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој со години се движи по тенката линија меѓу процесот за зачленување во Европската Унија и одржувањето блиски врски со Русија како православна христијанска земја, кон крајот на јануари рече дека Србија досега договорила достава на 6,5 милиони дози вакцини, без да наведе рокови.

Откако неколку илјади дози од вакцината на Фајзер/Бионтек и на Спутник В пристигнаа кон крајот на минатата година, процесот на вакцинирање во Србија почна на големо со доставувањето на еден милион дози од кинеската вакцина на Синофарм. Тоа беше резултат на неколкугодишното продлабочување на економските односи меѓу двете земји.

Во Европската Унија, каде што почетокот на вакцинирањето беше запрен поради доцнења и процесот е значително зад Велика Британија и САД, ниту руската вакцина Спутник В, ниту кинеската не се одобрени од регулаторите. Само Унгарија од сите 27 земји-членки им дала зелено светло.

Србија очекува уште еден милион дози од Синофарм до крајот на февруари, плус уште 87.000 дози од Фајзер/Бионтек, како додаток на 20-те илјади што пристигнаа минатата недела.

На 2 февруари, Мирсад Ѓерлек, државниот секретар на српското Министерство за здравство, рече дека руски експерти за вакцинација ќе пристигнат на 11 февруари за да се состанат со српските експерти во Торлак националниот институт за заразни болести. Вучиќ, откако разговарал со рускиот претседател Владимир Путин на 3 февруари, рече дека Србија би изградила нова фабрика со руска помош и независно би ги произведувала вакцините против новиот корона вирус.

Соседите на Србија, пак, се обидуваат да фатат чекор, без разлика дали се во или надвор од ЕУ.

Романија, Бугарија: Заложници на одложувањата на ЕУ

Со платформата Ковакс се планира да се достават првите вакцини од Астра Зенека на Западен Балкан во февруари, додека кон средината на јануари, Европската комисија, извршното тело на ЕУ, рече дека воспоставило механизам за распределба за да се осигури дека дел од вакцините за ЕУ ќе стигнат до „партнерските држави“, „со посебно внимание кон Западен Балкан, источното и јужното соседство, и Африка“.

До 3 февруари, ЕУ-членката Бугарија, која е слична со Србија според бројот на населението, имаше вакцинирано далеку помалку луѓе – 45.917, главно медицински лица и некои наставници или постари лица.

Бугарија, која е слична со Србија според бројот на населението, имa вакцинирано далеку помалку луѓе – 45.917, главно медицински лица и некои наставници или постари лица

Земјата засега се потпира на Фајзер/Бионтек и на Модерна, но чека да ѝ пристигне и поголема нарачка од Астра Зенека, која веројатно ќе ѝ стане главен снабдувач пролетоска, кога Владата се надева дека ќе почне со масовното вакцинирање.

Поголеми пратки од вакцината на Фајзер/Бионтек се очекуваат во март, според Министерството за здравство, додека Бугарија, исто така, се обидува да обезбеди вакцини и од Џонсон и Џонсон и од Санофи, иако последниве се сметаат за проблематични.

Досега немало официјална индиција дека властите планираат да купат руски или кинески вакцини.

Слично на тоа, соседната Романија се потпира исклучиво на програмата за вакцинирање на ЕУ, која е под силни критики, и која подразбира заеднички набавки во име на сите земји-членки. Според програмата, оваа држава од 19,4 милиони луѓе ќе добие повеќе од 20 милиони дози, рече нејзиниот министер за здравство кон крајот на јануари. Од нив, 2,5 милиони дози од вакцините на Модерна и Фајзер/Бионтек треба да стигнат до крајот на март.

Романија досега потроши 748.732 дози од Фајзер/Бионтек и вакцинираше 610.383 луѓе.

Северна Македонија: Сѐ уште се чека на првата вакцина

Македонскиот министер за здравство, Венко Филипче (Архивска фотографија) | Фото: Роберт Атанасовски

До крајот на минатата година, Северна Македонија се потпираше исклучиво на Ковакс и на Европската Унија, што ја остави земјата без ниту една доза вакцина до почетокот на февруари. Скопје сѐ уште чека 833.000 дози преку Ковакс и преговараше да купи уште 800.000 од Фајзер/Бионтек. Преговараше и 200.000 вакцини од кинеската Синофарм, а очекува и 800.000 дози преку солидарниот фонд на ЕУ, но по крајот на март.

Северна Македонија, според изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, денеска треба да потпише договор со кинеската компанија Синофарм за 200.000 дози од нивната вакцина. Како што рече министерот, тој се надева дека вакцините ќе пристигнат во најкраток можен временски рок.

Министерот претходно рече дека Ковакс-пакетот ќе пристигне во февруари, но кратко потоа го помести тој рок за март. Преку Ковакс прво треба да пристигнат вакцините на Астра Зенека. Според последните официјални најави, за Северна Македонија се планирани меѓу 103.200 и 175.200 дози, од кои околу 35 проценти треба да пристигнат во првиот, а остатокот во вториот квартал од годинава.

Првата пратка од 5.850 дози од Фајзер/Бионтек се очекува во февруари, но договорот допрва треба да се потпише и да се плати нарачката.

„Министерството за здравство ги заврши сите процедури во врска со договорот и сега се чека од производителот Фајзер да појасни некои делови од договорот“, рекоа за БИРН од Министерството. „Сѐ уште нема точен датум кога првата пратка вакцини ќе пристигне“.

Србија најави дека ќе донира 8.000 дози од фајзеровата вакцина на својот јужен сосед, но не е наведен датум кога ќе се случи тоа.

Од Министерството рекоа дека немаат планови за директна набавка на вакцината Спутник В.

Слично како Северна Македонија, и Босна и Херцеговина првично се потпираше исклучиво на Ковакс, каде што уплати околу 10 милиони евра за околу 1,23 милиони дози.

Кон крајот на јануари, властите рекоа дека треба да ја очекуваат првата пратка преку Ковакс во февруари – 23.400 вакцини од Фајзер/Бионтек и меѓу 153.000 и 259.000 од Астра Зенека.

Сепак, поради загриженоста од доцнењето, владата на земјата, на 21 јануари најави дека ќе почне директни преговори за купување вакцини со Фајзер/Бионтек, како и за вакцини од Русија и од Кина. Десет дена подоцна, пристигна првата пратка од околу 2.000 Спутник В вакцини во Република Српска, еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, главно населен со Срби.

Властите во Република Српска, кои самостојно преговараа со Москва, велат дека 200.000 дози од вакцината Спутник В треба да пристигнат во март, а за тоа локалната влада обезбедила околу 7,5 милиони евра.

Црна Гора: Промена на владата, промена на стратегијата

Во Хрватска, последната земја досега што ѝ се придружи на Европската Унија, и покрај распространетото јавно незадоволство од стратегијата за вакцинирање на ЕУ, сѐ уште останува на ставот дека тоа и е најдобриот начин да обезбеди доволни количества.

„Знам дека некои ќе речат оти има и други производители, но ние како членка на Европската Унија сме определени, како и сите други членки, за доброто на нашите граѓани, да користиме само вакцини што ќе ги поминат процедурите на европската медицинска агенција“, изјави за новинарите, министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, на 3 февруари.

Според хрватскиот Институт за јавно здравје, како дел од стратегијата на ЕУ, Хрватска нарачала 5,6 милиони дози вакцина за првата фаза од вакцинацијата од Астра Зенека, Фајзер/Бионтек, Џонсон и Џонсон, Модерна и од Кјурвак. До 3 февруари, вакцина добиле околу 59.000 луѓе.

Во Црна Гора, пак, која се потпира само на Ковакс, никој не е вакциниран.

За време на претходната влада, државата во октомври се договорила да уплати 646.000 евра во иницијативата за да добие 248.800 дози, доволно за да покрие 20 проценти од своето население.

Во Црна Гора, пак, која се потпира само на Ковакс, никој не е вакциниран. Руската вакцина Спутник В се очекува да стигне прва

Министерот за здравство во тоа време, Кенан Храповиќ, рече дека Ковакс бил „најповолната опција за сите помалку развиени држави и држави во транзиција, вклучувајќи ја и Црна Гора, за набавка на вакцини за ковид-19, бидејќи обезбедувал високо ниво на безбедност и на транспарентност“.

Сепак, наследникот на Храповиќ, Јелена Боровиниц-Бојовиќ го обвини својот претходник дека губел време и најави директни преговори за купување вакцини со Фајзер/Бионтек, Астра Зенека и со Русија.

Руската вакцина Спутник В се очекува да стигне прва, рече на 2 февруари. „Станува збор за околу 50.000 руски вакцини, па ќе можеме да го почнеме вакцинирањето кон крајот на февруари или во март“, рече таа. „Тие вакцини се за 25.000 луѓе“.

Првата пратка од Ковакс, од околу 21.000 дози од Астра Зенека, се очекува да пристигне до крајот на март, а вкупно 84.000 дози треба да бидат доставени до крајот на јуни.

Рускиот олигарх Олег Дерипаска, кому му загорчи црногорската инвестиција за време на претходната влада, во јануари се понуди да донира вакцини за земјата преку неговата фондација „Волное дело“, а такво нешто понуди и грчкиот бизнисмен Петрос Статис. Владата, сепак, ги одби тие понуди, велејќи дека може да ги загрозат преговорите со руските и со кинеските производители.

Албанија гледа кон Запад, а не кон Исток

Здравствени работници (Архивска фотографија) | Фото: Роберт Атанасовски

Кај Албанија, соседот на Црна Гора, вакцинацијата почна на 11 јануари со 975 дози вакцина од Фајзер/Бионтек донирани од држава-членка на ЕУ, која, според владата, сакала да остане неименувана.

Истиот ден, премиерот Еди Рама рече дека неговата влада обезбедила 500.000 дози преку Ковакс платформата, но и дека, исто така, преговарала со четири неименувани држави за набавка на вакцини.

„Европската Унија мисли на себе“, рече Рама. „Останува само земјите-членки да контактираат со држави што не се членки околу набавката на вакцини“.

Првата пратка од 10.750 вакцини на Фајзер/Бионтек преку Ковакс требаше да стигне во првата недела од јануари, но стигнаа само 1.170 дози на втори февруари.

Албанија, чие население брои околу 2,8 милиони, исто така смета на 141.600 дози од Астра Зенека преку Ковакс.

И покрај бавното темпо на вакцинацијата, Рама нема намера да го следи примерот на Србија.

„Што се однесува до руската и до кинеската вакцина, ние немаме предрасуди од научна природа, ги почитуваме научниците што го посветија животот на овие две вакцини, но нашиот избор е да бараме вакцини на Запад, а не на Исток“, рече тој на 2 февруари.

За Косово чекањето продолжува. Иако министерот за здравство на најмладата држава во регионот, во јануари рече дека обезбедил 535.000 вакцини на Фајзер/Бионтек, ниту една доза сѐ уште не пристигнала.

Косово, кое е поранешна провинција на Србија со околу 1,8 милиони луѓе, исто така има ветување за 600.000 дози од Австрија и за 720.000 преку Ковакс.

Премиерот во заминување, Авдула Хоти, на почетокот на јануари рече дека владата обезбедила 40 милиони евра за да набави вакцини против ковид-19, ветувајќи дека првите ќе пристигнат во февруари. На 3 февруари, од иницијативата Ковакс соопштија дека Косово ќе добие 100.800 дози од Астра Зенека, а дистрибуцијата ќе почне кон средината на февруари.