Пишува: Марија Петкова – Софија, Анево, Истанбул, Газиантеп и Антакија
Во октомври минатата година, набљудувачите на авиони со доза на возбуда забележаа како товарен авион Боинг 747 со ознаките на Саудиска Арабија слетал на аеродромот во главниот град на Бугарија, Софија.
„Саудиски карго авион никогаш не дошол тука досега… барем не во изминатите 20 години”, објаснува Стефан Гагов, бугарски ветеран во областа на набљудување и фотографирање авиони.
Летовите зачестиле толку многу што Гагов за нив започнал посебен разговор на еден онлајн форум за забележување авиони, користејќи ја фразата „редовна линија” во насловот. Набљудувачите пријавиле дека виделе авиони како слетуваат двапати на крајот од октомври, еднаш во ноември, четири пати во декември, и по еднаш во март и мај оваа година.
Џиновскиот авион ристигнал од Џеда, бил натоварен со стока, а потоа заминал во саудискиот град Табук, на околу 100 километри од границата со Јордан, истакнале набљудувачите, кои користат онлајн алатки за следење на летовите.
Гагов проценил дека авионите секојпат преземале помеѓу 60 и 80 тони товар во сандаци. Тој не можел да види што има во сандаците, но можело да се каже дека се тешки.
Откако саудиските летови престанале, почнале да пристигнуваат товарни авиони од Абу Даби. Ербас A330Ф и Боинг 777Ф носејќи ознаки на авиокомпанијата Етихад, кои слетале во Софија пет пати помеѓу крајот на јуни и средината на август оваа година. Дури и неодамна, на 19 октомври, товарен Ербас 330Ф на компанијата Етихад полетале од Абу Даби за бугарскиот град Бургас, а потоа до воздухопловната база Ал Дафра, воена база јужно од главниот град на емиратот
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и бугарските власти не ја откриле содржината на овие пратки. Но, Балканската истражувачка мрежа (БИРН) може откри дека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати купиле големо количество оружје и муниција од Бугарија во изминативе две години, речиси сигурно за употреба од страна на локалните сили како поддршка на војната во Сирија, а можеби и на конфликтот во Јемен.
„Трговијата со оружје е попрофитабилна од трговијата со дрога“ – бугарски трговец со оружје
Во годишниот извештај на Бугарија за извоз во одбранбената индустрија, кој беше објавен во август оваа година, но медиумско не доби никакво внимание, се наведува дека владата одобрила продажба на муниција и воена опрема во вредност од над 85 милиони евра за Саудиска Арабија во 2014 година, со договори во вредност од речиси 29 милиони евра реализирани до крајот на годината.
Бугарската влада, исто така, изјави за БИРН дека годинава издала одобренија за продажба на оружје на Обединетите Арапски Емирати.
Бугарија произведува и чува резерви на оружје главно од советски стил. Аналитичарите велат дека малку е веројатно оти Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати ќе купат вакво оружје за сопствените сили, кои користат современо западно оружје, и поради тоа е многу поверојатно дека купиле муниција за локалните фракции кои ги поддржуваат во Сирија и Јемен, каде оружјето од советски стил се користи во голема мера.
Еден добро поврзан поранешен бугарски воен офицер изјави за БИРН дека саудиската стока се транспортира во авионите кои ги виделе набљудувачите и дека биле наменети за сириските опозициски борци, а други пратки можеби, исто така, биле користени во Јемен.
Изминатата година, САД, исто така, купиле оружје од Бугарија, како дел од програмата вредна 500 милиони американски долари за обука и опремување на сириските опозициски сили која повеќе не постои.
Опозициски борци и независни аналитичари, исто така, изјавија за БИРН дека бугарското оружје се употребува во Сирија, каде што од избувнување на војната во 2011 година се убиени повеќе од 250.000 луѓе, а над 11 милиони се протерани од нивните домови.
Во времето на комунизмот, Бугарија земја со само седум милиони жители, изгради огромна индустрија за производство на оружје, во која биле вработени 110 000 лица и која носела заработувачка од 1.5 милијарди долари (1.3 милијарди евра) годишно во цврста валута.
Режимот користел советска технологија за да произведува мало оружје и муниција и создала огромни резерви за поддршка на својата војска во чии редови има 100 000 лица и можноста за општа мобилизација.
За време на нејзиното 45-годишно владеење, Комунистичката партија на Бугарија, исто така развила силни трговски врски со Блискиот Исток и Африка, кои ги одржувале многу трговци, вклучувајќи ги и оние кои се во бизнисот со оружје.
Профитабилен бизнис
Гледајќи низ големите очила, Николај Николов попатно спомнува дека седел на иста маса со Карлос Чакалот, озлогласениот марксистички милитант кој бил активен во Блискиот Исток и Европа во 1970-тите и 1980-тите години.
Николов, псевдоним кој го користиме за да се заштити неговиот идентитет, е во трговијата со оружје повеќе од 25 години.
„Секој добива дел”, вели тој, вклучувајќи ги и владините претставници и посредниците. „Провизиите се во вредност што е неколку пати поголема од вредноста на договорот за оружје. Ако нешто чини 10 милиони евра, на крајот цената е 35 милиони евра”.
Седнат во едно мало кафуле во центарот на Софија, каде што сака да се среќава со луѓето и да склучува бизнис, Николов пали цигара по цигара и се сеќава.
Запрашан во врска со продажбата на оружје за Блискиот Исток, тој раскажува приказна за влечењето куфери полни со пари преку арапската пустина во тоа време.
По падот на комунизмот во 1989 година, производството на оружје во Бугарија значително се намалило. Официјалната вредност на извозот во областа на одбраната паднала на 111 милиони евра во 2006 година. Но, тогаш продажбата одново почнала да расте и до 2014 година стигнала 403 милиони евра, велат цифрите на владата.
Николов вели дека Бугарија продава големо количество оружје од старите резерви.
„Кулминација на извозот на оружје беше достигната за време на војните во Југославија. Многу оружје беше извезено во Србија и во Албанија”, вели тој. „Тогаш имавме резерви во вредност од милијарди, а сега имаме само неколку стотици милиони евра”.
Иако производството и продажбата, се само дел од нивото од пред 1989 година, трговијата со оружје во Бугарија останува високо профитабилен бизнис. „Таа е попрофитабилна од трговијата со дрога”, вели Николов.
Заливски интерес
Саудиска Арабија не била голем клиент за бугарските фирми за оружје во последниве години. Но, тоа се променило во 2014 година.
Во извештајот на бугарската влада се вели дека минатата година се издадени одобренија за продажба на оружје и воена опрема во вредност од 85.5 милиони евра за Саудиска Арабија, вклучувајќи и муниција во вредност од 65.4 милиони евра, оружје од голем калибар во вредност од 12,5 милиони евра и малокалибарско оружје во вредност од 5 милиони евра. До крајот на 2014 година, бугарските компании во овој сектор склучиле зделки за извоз во заливската држава вредни 28.9 милиони евра.
Министерството за економија на Бугарија, кое ја надгледува трговијата со оружје, во соопштение доставено до БИРН вели дека зделките вклучуваат малокалибарско, како и лесно и тешко оружје.
Во извештајот на ОН се наведени 827 лесни митралези и 120 СПГ-9 противтенковско оружје како дел од извозот на Бугарија на оружје на Саудиска Арабија во 2014 година.
Бен Мурс, виш аналитичар во консултантската фирма во областа на одбраната „ИХС Џеинс“, вели дека таквото оружје најверојатно оди за Сирија и Јемен. Саудиската војска е вооружена со белгиски пушкомитралези и не користи оружје од типот СПГ-9с, додава тој.
„Овој тип на оружје е многу неверојатно да се користи од страна на Саудиската војска, но во голема мера се користи во Јемен, во Ирак и во Сирија”, вели тој.
Бугарскиот поранешен воен офицер, кој сакаше да остане анонимен, изјави за БИРН дека летовите меѓу Софија и Саудиска Арабија имале за цел да вршат транспорт на бугарско оружје за сириските опозициски групи. Кога авионите ќе слетале во Табук, оружјето било товарено на камиони и транспортирано во дистрибутивен центар во Јордан за сириските опозициски сили, вели тој.
Саудиска Арабија е голем поддржувач на борците кои се против сирискиот претседател Башар ал-Асад. Ријад финансираше големо купување на пешадиско оружје од Хрватска за сириските опозициски сили, објави Њујорк Тајмс во 2013 година, повикувајќи се на американски и западни официјални лица кои „биле запознаени со купувањето”.
Во интервју за Би-би-си на крајот од октомври 2015 година, министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија Адел ал-Џубеир отворено призна дека Ријад испорачува оружје на сириските опозициски борци. „Ние треба да придонесеме за промена на балансот на моќта на теренот”, рече тој.
Поранешниот бугарски воен офицер изјави дека дел од оружјето што се испраќа во Саудиска Арабија „можеби се користи и за Јемен, бидејќи некои летови се совпаднале со почетокот на саудиската операција таму”. Саудиска Арабија започна воена акција во Јемен на крајот од март за поддршка на силите лојални на протераниот претседател Абд-Рабу Мансур Хади.
За разлика од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати веќе имале традиција на купување оружје од Бугарија. Во еден дипломатски допис од Американската амбасада во Софија, објавен од страна на Викиликс, се вели дека во 2010 година ОАЕ финансирал договор за купување десетици илјади пушки, 100 000 високо-експлозивни полнења, ракетни гранати и муниција за тогашната влада на Јемен.
Во дописот, исто така, се вели дека Бугарија се консултирала со Американската амбасада за потенцијално контроверзни зделки со оружје. Контактирана од страна на БИРН, амбасадата одби да каже дали биле свесни дека и други земји купуваат бугарско оружје за употреба во Сирија.
Оваа година, бугарската влада издала дозволи за извоз на муниција, оружје и одбранбена опрема во ОАЕ, изјави за БИРН Министерството за економија, но одби да се изјасни во врска со вредноста на овие договори.
Питер Веземан, истражувач во Меѓународниот институт за мировни истражувања од Стокхолм, изјави дека „е бесмислено” ОАЕ да купува оружје и муниција од Бугарија за своите сопствени сили. Тој вели дека се сомнева оти оваа муниција ќе биде пренасочена или во Сирија или во Јемен. Мурс дојде до сличен заклучок.
„Многу е поверојатно [оружјето што го купува ОАЕ] да биде пренасочено кон трети земји”, рече тој.
И Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се дел од коалицијата во Јемен, која учествуваше во воздушните напади, распореди копнени сили и испорача оружје на локалните борци, со цел да се борат против шиитските сили познати како Хути. Ријад, исто така, беше вклучен во набавката на оружје во Јемен, пред неговите сили да интервенираат таму, вели Веземан.
Амбасадите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати одговорни за Бугарија, не одговорија на прашањата на БИРН. Министерството за економија на Бугарија соопшти дека нема да издава дозволи за зделки со оружје кога се зголеми загриженоста околу можното пренасочување или повторен извоз на оружјето.
Американска несреќа
Законска рамка
Не постои забрана од страна на ОН за снабдување со оружје на Сирија и повеќето елементи на ембаргото на ЕУ беа укинати во 2013. Во војната во Јемен, ОН воведе забрана само на снабдувањето со оружје на силите на Хутите. Сепак, како потписник на Спогодбата за трговија со оружје која стапи во сила во декември 2014 година, Бугарија, исто така, има обврска да спречи оружјето да се пренасочи кон други земји или групи од назначените примачи. Законитоста на било која од овие зделки што овозможиле бугарското оружје да стигне до Сирија може да зависи од прецизните одредби на тие договори.Во зделките со оружје, државата увозник мора да обезбеди сертификат за краен корисник, што може да вклучува клаузула прецизирајќи дека оружјето нема да бидат пренесено на трети лица. Но, дури и ако постои таква клаузула, државата увозник може да се соочи со мала или никаква казна доколку не ја почитува. „Ако извозот е овластен и се случува пренасочување, државата извозник може да преземе ограничен акција (да не извезува оружје за таа земја / субјект повторно),” изјави во е-меил Сара Паркер, висок истражувач во истражувачкиот центар со седиште во Женева „Истражување за мало оружје“. „Според спогодбата, државата извозник има обврска да го адресира и спречи пренасочувањето. Значи, ако види дека кај примателот постои ризик за пренасочување, таа исто така треба да ги сподели овие информации со други извозници”, додаде таа.
На 6 јуни оваа година, фатална експлозија на местото каде што се тестира оружје во рурална Бугарија ги принуди САД да признаат дека купувале оружје во Бугарија, како дел од напорите за поддршка на сириските опозициски борци.
Претприемачот од САД, 41-годишниот ветеран во американската морнарица Френсис Норвило, загина кога експлодирала ракетна граната додека била ставана во ракетен фрлач РПГ-7. Двајца други американски државјани и двајца Бугари, исто така, биле повредени.
Американците работеле за една американска компанија по име „Виолетова лопата“, ангажирана од страна на војската на САД да помогнат во обуката и опремувањето на опозициските борци во Сирија, изјави американската амбасада во краткото соопштение.
„Тројцата претприемачи спроведуваа обука за запознавање за вработените од други компании за време на инцидентот”, изјавија од амбасадата, одбивајќи да дадат дополнителни коментари.
Базата на податоци за набавки на владата на САД покажува дека Командата за специјални операции (СОКОМ), која била задолжена за воените американските напори да им помогне на сириските војници, и доделила договор на „Виолетовата лопата“ во вредност од повеќе од 26.7 милиони долари (24.6 милиони евра) во декември 2014 година за набавка на странско оружје и муниција. Како земја на потекло е наведена Бугарија.
Договорот бил двапати изменет и достигнал вкупна вредност од 28.3 милиони долари, се вели во базата на податоци.
Запрашан во врска со договорот, портпаролот на СОКОМ, Кенет МекГроу преку е-меил изјави: „Оружјето што е купено со овој договор вклучува АТ-5 противтенковски ракетен проектил, СПГ-9 противоклопно оружје и РПГ-7 ракетен минофрлач”.
Но, тој рече дека оружјето од експлозијата во Анево не било дел од договорот. И покрај фаталниот инцидент, МекГроу изјавил дека договорот не бил откажан.
Запрашан во врска со договорот, портпаролот на СОКОМ, Кенет МекГроу преку е-меил изјави: „Оружјето што е купено со овој договор вклучува АТ-5 противтенковски ракетен проектил, СПГ-9 противоклопно оружје и РПГ-7 ракетен минофрлач”.
Но, тој рече дека оружјето од експлозијата во Анево не било дел од договорот. И покрај фаталниот инцидент, МекГроу изјавил дека договорот не бил откажан.
Според бугарските власти, кои водат истрага за инцидентот гранатата била произведена во 1984 година. Во извештајот на Базфид се наведува неименуван експерт за оружје кој вели дека на граната со таа година на производство „одамна и поминал рокот на траење”.
Но, двајца бугарски поранешни воени офицери за БИРН изјавија дека муницијата има рок на траење со децении ако се чува соодветно, па гранатата произведена во 1984 година нема да биде премногу стара за да се користи безбедно.
Александар Димитров, сопственикот на „Алганс“, приватна компанија што го изнајмила имотот за тестирање на гранатата на денот на експлозијата, одби да коментира.
„Виолетовата лопата“, компанија со седиште во Стерлинг, Вирџинија, исто така, одби да коментира за инцидентот или договорот со СОКОМ.
Базата на податоци за набавки на САД покажува дека СОКОМ, исто така, добил договорвреден повеќе од 32.000 долари (28.200 евра) со друга американска компанија, УДК САД, за снабдување на муниција од Бугарија.
Договорот бил потпишан на истиот датум како договорот со „Виолетовата лопата“ и го има истиот „број за идентификација на понудата”, шифра што се користи на писмениот повик за прибирање понуди за да се исполни договорот.
Запрашани преку телефон дали договорот е за воените сили на САД што ги вооружуваат сириските борци, претседателот на компанијата Метју Херинг изјави за БИРН: „Не, не, ние не сме дел од тоа и не можеме да зборуваме за тоа”.
Воените напори на САД да ги обучат и опремат силите за борба против милитантната група ИСИС во Сирија беа жестоко критикувани од страна на членовите на Конгресот на САД дека се неефикасни. На 9 октомври оваа година, администрацијата на Обама објави дека ја напушта програмата.
Но, тајната програма на ЦИА за вооружување на Сиријците во борбата против силите на Асад и понатаму останува.
Турската врска
Едно топло утро кон крајот на јули, десетина команданти на сириската опозиција муабетеа во кафулето на еден мал хотел во близина на плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, откако присуствувале на координативните состаноци. Се подготвувале да се упатат за јужна Турција, а потоа назад на линијата на фронтот во северна Сирија.
Тројцата мажи, команданти на единиците во провинциите Идлиб и Алепо, се согласија да разговараат со БИРН. Еден од нив објасни дека оружјето се доставува до опозициските сили преку две „воени оперативни комори”, една во Турција и една во Јордан.
Сите тројца рекоа дека добиле оружје од оперативната комора во Турција, која тие ја нарекуваат со кратенката МОМ, вклучувајќи ги и пушките АК-47, РПГ-7 ракетни минофрлачи и СПГ-9 противтенковско оружје.
На прашањето дали добиле бугарско оружје, едниот од нив рече: „Цело оружје во Сирија е од руски тип. Го користат и режимот и револуцијата [опозицијата]. Тие можеби се од земји како Бугарија, Украина, Чешка, но не.. знаеме каде точно се произведени”.
Кога им беше кажано дека бугарското оружје понекогаш го има бројот 10 во два круга, еден командант испрати порака по „WhatsApp“ од неговиот мобилен телефон на еден борец во неговата единица во Сирија, кои му врати три фотографии со оружје. Две од нив го имаа симболот за идентификација.
Еден специјалист по муниција, кој сакаше да остане анонимен, подоцна ги идентификуваше овие две оружја како ракетни минофрлачи и ПK митралез. Командантот изјави дека тие биле користени во западната провинција Алепо.
БИРН не може да провери каде се снимени фотографиите, но НР Џензен-Џонс, директор на британската консултантска фирма „Истражувачки услуги за вооружување“, изјави дека има „значајни количини на оружје и муниција произведени во Бугарија кои се документирани во Сирија”.
Поголемиот дел од оружјето датира од 1970-тите и 1980-тите години и вклучува малокалибарско оружје, лесно оружје, како што се противтенковски оружја, муниција и експлозиви како што ракетни гранати и минофрлачки проектили, изјави тој преку е-меил.
Бугарија со години претходно доставувала оружје за војските на Сирија и Ирак, така што некои оружја можеби се од постојните залихи во тие земји. Но Џензен-Џонс вели дека неговата организација добила „бројни наводи дека вишокот бугарски материјал е даден за сириските бунтовнички фракции”.
„Не сме во можност самостојно да ги провериме овие тврдења”, додаде тој.
Турција, исто како Саудиска Арабија и САД, е во голема мера вклучена во давањето поддршка на опозициските групи во Сирија.
Нихат Озџан, пензиониран воен офицер и аналитичар во Фондацијата за економски и политички истражувања на Турција, вели дека државите кои ја поддржуваат сириската опозиција ја користеле Турција како транзитна точка за да се достави оружјето во Сирија.
„Тие го собираат овој тип на старо советско оружје и опрема од земјите, како Бугарија, Романија [поранешниот Источен блок] и од Централна Азија. Ги носат во Турција, и потоа ги пренесуваат за Сирија под контрола на САД, Турција и на Алијансата”, рече Озџан.
Сириски хуманитарен работник, кој ги познава умерените анти-Асад групи во провинциите Идлиб и Алепо рече оти оружјето купено од странските држави било префрлено на опозициските сили, преку воените оперативните комори.
Оружјето било предавано на турско-сириската граница, каде ги преземале сириските борци, изјавил тој во едно интервју во турскиот град Газиантеп, во близина на границата.
Воените оперативни комори во Турција и Јордан се поддржани од група на западни и арапски земји, вклучувајќи ги САД, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, како и земјите домаќини, велат различни извори на сириската опозиција.
Освен овие трансфери на оружје санкционирани од страна на националните влади, постојат докази дека исто така е шверцувана муниција во Сирија преку приватни зделки.
Друг човек со групата во хотелот во Истанбул, кој се претстави како член на опозицискиот воен совет во провинцијата Хомс, изјави за БИРН дека видел како пратка со бугарско оружје пристигнува со камион во Хомс во август 2012 година.
Човекот, кој побара да биде претставен само како Абу Фатима, изјави дека некој сириски бизнисмен наводно платил 1.6 милиони долари (1.4 милиони евра) за оружје, вклучувајќи пушки АК-47, минофрлачи и муниција. Тој рече дека договорот бил склучен меѓу бугарските и сириските трговци со оружје.
Во одделно интервју, еден поранешен борец на сириската опозиција, изјави дека бил вмешан во 12 трансфери на бугарско оружје од 2013 година, при што најголемиот бил во вредност од 7 милиони долари (6.4 милиони евра).
Борецот, кој побара да остане анонимен, рече дека пратките биле испорачани на турско-сириската граница во два камиона, а биле договорени од страна на сириски и турски државјани кои се поврзани со бугарските трговци со оружје.