Регион

Вознемиреност кај сведоците што треба да сведочат пред Специјалниот суд

Тешко е да се охрабрат жртвите да учествуваат во процес што не ужива поддршка од значителен број косовски граѓани

Кога Гани, жртва на војната во Косово, слушнал дека поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Пјетер Шала, е уапсен и екстрадиран во Хаг заради судење, тој во мислите се вратил во мај 1999 година, во центарот за притвор во кој го држела  ОВК.

Гани вели дека Шала, заедно со уште еден човек, го тепале и него, и другите затвореници од албанска националност. Него Шала го тепал со железна шипка, додека друг затвореник тепал со безбол палка покриена со гума.

После ова, Шала, кој бил познат во војната под прекарот „Командант Волк“, му фрлил сол во лицето и по раните на другиот затвореник, вели Гани.

Гани бил уапсен од припадници на ОВК во бегалски камп во северна Албанија, една недела откако кон крајот на април 1999 година, за време на воздушната кампања на НАТО која имаше за цел да стави крај на репресивната кампања на Слободан Милошевиќ над косовските Албанци, избегал од Косово. Го обвиниле за соработка со српските власти.

Во декември 2019 година, обвинителите на Специјалниот суд разговараа со Гани во својство на сведок. Патем, ова не е неговото вистинско име, БИРН користи псевдоним за да го заштити неговиот идентитет. Многу сведоци стравуваат од можна одмазда во Косово; ова е една од причините зошто седиштето на Специјализираните совети на Косово (ССК), пред кои ќе им се суди на поранешни припадници на ОВК, е надвор од земјата.

Гани неодамна беше информирана дека Шала е обвинет за воени злосторства извршени врз затвореници приведени во фабрика за метали во Кукс, град во северна Албанија. Шала минатата недела пред ССК се изјасни за невин по наводите од обвинението, кои тој ги опиша како „смешни“.

ССК им дава можност на жртвите, да се пријават за учество во судските постапки. Гани би можел да се пријави како учесник во судењето на Шала, но сè уште не е сигурен дали да го стори тоа.

„Размислувам дали да одам. Не би сакал повторно да се соочам со него. Но, од друга страна, сите овие години чекам да го видам во затвор“, вели Гани за БИРН, додека разговаравме со него во неговиот дом во едно косовско село.

„Кога станува збор за нив (за командантите на ОВК), овде (во Косово) никој не се грижи за жртвите“, додава тој, додека на лицето истовремено му се гледаат и гнев, и тага.

Засега не е утврден крајниот рок за пријавување на жртвите во случајот Шала.

„Секој што претрпел штета поради злосторствата содржани во обвинението, може да учествува во постапката, а Службата за учество на жртвите е подготвена да вложи максимални напори да им помогне“, нагласува за БИРН, Ангела Грип, портпарол на ССК.

„Жртвите кои учествуваат пред ССК, може да бидат признати како жртви, така што судиите ќе бидат целосно свесни за влијанието на злосторството“, објаснува таа.

Тука е и сатисфакцијата што можат да ја добијат, знаејќи дека тие помогнале да се оствари правдата, додава Грип.

„Тие можат да придонесат за откривање на вистината, правдата и истовремено да дознаат повеќе факти за тоа што им се случило и ним, и на нивните семејства“, нагласува таа.

 

Седиштето на ССК. Фото https://www.scp-ks.org/

„Судот ги промовира правата на жртвите“

Во случајот против поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи, кој, заедно со уште тројца високи припадници на ОВК, меѓу кои се и поранешните политичари Кадри Весели и Јакуп Красниќи, е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, има најмалку 416 познати жртви, се вели во обвинението.

Минатата недела беше објавена редактирана верзија на првата одлука на судот, за учество на жртвите, во која се наведува дека 19 лица се пријавиле да учествуваат како сведоци во случајот против Тачи. Од нив, одобрени се девет.

Во одлуката на судот се вели дека ним ќе им биде даден пристап до „целото досие на случајот, вклучувајќи ги и сите јавни и доверливи поднесоци, записници и докази“. Сепак, тие нема да имаат пристап до „строго доверливиот материјал“.

Тие, исто така, ќе можат да присуствуваат на предсудските расправи и ќе им биде дозволено да поднесуваат усмени и писмени поднесоци секогаш кога ќе почувствуваат дека се засегнати нивните „лични интереси“, се додава во одлуката.

Секој од нив ќе добие анонимност заради чување на нивниот идентитет во тајност. Сепак, некои жртви стравуваат дека и покрај ова, постои можност тие да бидат идентификувани.

Во октомври 2020 година, Здружението на воени ветерани на ОВК, објави дека во нивното седиште во Приштина, анонимно им биле доставени повеќе од 4.000 документи на Специјализираното обвинителство на Косово (СОК), вклучително и список на сведоци.

Ова беше видено како закана за жртвите и сведоците, како што е Гани. Претседателот и заменикот претседател на Здружението, беа уапсени и префрлени во Хаг, каде беа обвинети за попречување на правдата и за заплашување на сведоци. Двајцата изјавија оти не се виновни.

Малком Симонс, главен судија на Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) во периодот 2013-2017 година, вели дека ССК ќе се соочат со тешкотии, при обидот да ги убедат воените жртви да учествуваат во судските процеси, затоа што косовските Албанци се против т.н. Специјален суд и сметаат дека тој е навреда за војната што ја водеше ОВК.

„Тешко е да се охрабрат жртвите да учествуваат во процес што не ужива поддршка од значителен број косовски граѓани“, изјави Симонс за БИРН.

„Исто така е јасно дека, и покрај уверувањата, ССК не може да ја гарантира безбедноста на жртвите и заштитените сведоци, кои ќе сведочат пред судот“, додава тој.

Учеството на жртвите во судските постапки пред ССК е новина кога зборуваме за судењата поврзани со југословенските војни, иако нешто слично беше применето во Хашкиот трибунал и во Специјалниот суд за Либан.

Во постапките пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), кој функционираше до крајот на 2017 година, како и во судските процеси за воени злосторства во Косово, жртвите беа вклучени само како сведоци.

Ехат Мифтарај, директор на Косовскиот правен институт со седиште во Приштина, смета дека вклучувањето на жртвите како учесници, е чекор напред.

„Специјалниот суд на Косово ги промовира правата на жртвите и овозможува полесен пристап до правдата“, нагласува Мифтарај.

ССК, исто така, можат да наложат осуденото лице да им исплати отштета на своите жртви.

Амер Алија, од Фондот за хуманитарно право Косово, кој со години ги документира злосторствата извршени за време на војната 1998-1999 година, смета дека основањето на Службата за учество на жртвите, е позитивен чекор. Но, додава оти се потребни дополнителни напори на теренот, за да се обезбеди жртвите да го пријават своето учество во судењата.

„Сè уште има жртви кои се повозрасни, кои не се информирани за своите права или не знаат како да се пријават“, објаснува Алија за БИРН.

„Многу е важно сите жртви да учествуваат, бидејќи судењето се одвива за нив“, заклучува тој.