Врховниот суд ги одби сите 17 приговори од судиите од Основниот суд Скопје 1, кои беа незадоволни од новиот распоред што го направи в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев.
Судот го одби и приговорот што го поднесе врховната судијка Лидија Неделкова, која реагираше откако Вангеловски ја тргна од Кривичниот совет, а со самото тоа, беше оневозможена да работи на предметот за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, кој се наоѓа во бегство.
Одбиено беше и барањето на Специјалното јавно обвинителство за изземање на новиот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски од Кривичниот совет, кој треба одлучува за притворот на осомничениот бизнисмен Кочан во случајот на СЈО „Труст“. Барањето за негово изземање беше побарано затоа што Вангеловски го има на прислушуваните аудио разговори во кој тој разговара за судски предмет со тогашниот министер Миле Јанакиески. Вангеловски јавно призна дека е негов гласот на снимките.
Врховниот суд денеска излезе само со штуро соопштение во кое ја известува јавноста дека сите поднесени приговори се одбиени.
Скопскиот Кривичен суд веќе подолго време се наоѓа на тапет на јавноста. Откако Татјана Михајлова поднесе оставка како в.д. претседател, Судскиот совет избра нов в.д. претседател, Стојанче Рибарев, кој направи нов распоред и голем број долгогодишни и искусни судии, беа распределени на пониски позиции и оневозможени да работат на предметите од СЈО.