Анализи

Зад „пучот“ се крие обид за замолчување на опозицијата и на медиумите

Oбидите случајот да се претстави како државен удар со полициско име „Пуч“ се само фарса, во име на пропагандата. Не се исклучува можноста власта да ги искористи сите мерки и механизми против медиумите за да го спречи објавувањето на информациите, доколку Заев одлучи да ги обелодени во јавноста.

Експертите не ја исклучуваат можноста власта да ги искористи сите мерки и механизми против медиумите за да го спречи објавувањето на информациите, доколку Заев одлучи да ги обелодени во јавноста

Експертите не ја исклучуваат можноста власта да ги искористи сите мерки и механизми против медиумите за да го спречи објавувањето на информациите, доколку Заев одлучи да ги обелодени во јавноста

Што содржат доказите на лидерот на опозицијата Зоран Заев и кој треба да сноси одговорност за тоа, дали оној што ги прибавил или оној на кого се однесуваат, се прашањата кои допрво, но, итно, треба да се одговорат за таканаречениот случај „Пуч“.Професорите и аналитичарите што ги консултираше БИРН, тврдат дека обидите случајот да се претстави како државен удар со полициско име „Пуч“ се само фарса, во име на пропагандата. Тие не ја исклучуваат ниту можноста власта да ги искористи сите мерки и механизми против медиумите за да го спречи објавувањето на информациите, доколку Заев одлучи да ги обелодени во јавноста.

„Станува збор за термини кои не можат да се користат во конкретниот случај, барем не според она што можевме да го слушнеме од премиерот и од министерката за внатрешни работи. Името на акцијата „Пуч“ е пропаганда за набивање страв. Јас не знам како така своеволно ги одредуваат имињата на овие полициски акции. Тоа секаде во светот се прави компјутерски и најчесто се неутрални термини од типот ‘Операција 25’ и слично“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Министерката Гордана Јанкулоска и премиерот Никола Груевски излегоа со два терминa во однос на случајот – државен удар и насилство врз државни органи. И двата терминa, според познавачите, не кореспондираат со она што беше презентирано во јавноста.

Државен удар спроведува оној кој располага со вооружена сила, вели Ристески

„Државен удар е сериозна работа. Такво нешто имаше во Романија во 1989 година и резултираше со егзекуција на претседателот, а го спроведуваа вооружени сили. Обид за државен удар паметиме и во Србија во времето на Милошевиќ, но и тогаш беше вклучено насилство“, вели Муслиу.Со сличен став е и професорот Темелко Ристески, декан на правниот факултет при Универзитетот ФОН, кој вели дека „државен удар спроведува оној кој располага со вооружена сила“.

„Каков е тој државен удар што го подготвувале четворица луѓе со два пиштолa и неколку компјутери?!“

Професорот по кривично право и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Гордан Калајџиев, вели дека „многу повеќе елементи за државен удар има насилното бркање пратеници од Собранието отколку таканаречениот случај ‘Пуч’“.

Кои се странските служби што биле користени за шпионажа?

Според кривичната пријава, делата за кои се товарат поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, и неговата сопруга Соња, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и вработениот во општина Струмица, Бранко Палифров, се шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

„Министерството за внатрешни работи за прв пат во историјата на независна Македонија реализираше случај во кој е сузбиен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, односно суспендирање на волјата на граѓаните“, се вели во соопштението на МВР.

Ако Заев навистина го уценувал премиерот, тогаш станува збор за еден лош политички пристап. Доколку тој има докази, треба секако да ги обелодени, а не да бара нешто за возврат, смета Калајџиев

Според пријавата, осомничените лица, „преку употреба на незаконски средства на следење и шпионирање со упатување сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги“.Познавачите на правото велат дека во случајов не постојат елементи на шпионажа, бидејќи шпионажата постои само кога информации се даваат на странски служби, а не и кога се прибираат информации од нив.

„Не е кривично дело ако ти прибавиш информации. Тоа би рекол и дека е добро, разузнавачи да ни даваат информации за состојбата во државата. Кривично дело е доколку ти прибавиш информации и истите ги предадеш на странски разузнувачки служби. Тогаш дури може да се каже дека работиш против државата“, вели Ристески.

Политичкиот аналитичар Муслиу вели дека процедурите во случај на сомнежи за шпионажа се многу различни од оние што досега ги спроведе МВР.

„Прво што се прави е се излегува со конкретни информации за тоа за кои служби станува збор и се известува амбасадорот на таа држава“.

„Кои се тие странски служби? Што има во тие докази прибавени со помош на странски служби? На овие прашања мораше веднаш да биде одговорено за да нема забуни во јавноста“, вели професорот Калајџиев.

Кривични дела без содржина

„Уцена“ е единственото нешто што засега можат да го видат политичките и правните експерти за случајот „Пуч“. Со оглед на изјавата на премиерот Никола Груевски кој излезе во јавноста со ставот дека бил уценуван, според експертите, на потег е лидерот на опозицијата Зоран Заев кој треба да даде подетално образложение.

„Ако Заев навистина го уценувал премиерот, тогаш станува збор за еден лош политички пристап. Доколку тој има докази, треба секако да ги обелодени, а не да бара нешто за возврат и во тоа време да молчи. Но, потенцирам дека сето ова не го амнестира Груевски од одговорност, кој и самиот кажа дека дел од материјалите се точни“, вели Калајџиев.„Ова што досега ни беше презентирано може да се протолкува само како уцена, а не како државен удар. Но, во случајов ги имаме само зборот на премиерот и зборот на лидерот на СДСМ. Обвинителството, кое треба да биде независен играч во сето ова, е институцијата што треба да ги провери наодите. Ние овде цело време зборуваме за кривични дела, а содржина не гледаме. Се прашувам зошто сите избегнуваат да зборуваат за содржината?“, прашува Муслиу.

Медиумите се ставени под притисок

Македонската асоцијација на новинари (МАН) ги повика сите медиуми во Македонија „да бидат одговорни и да го почитуваат законот кој наложува да не се објавуваат материјали или прислушкувани телефонски разговори

Македонската асоцијација на новинари (МАН) ги повика сите медиуми во Македонија „да бидат одговорни и да го почитуваат законот кој наложува да не се објавуваат материјали или прислушкувани телефонски разговори

Она што останува како отворено прашање е дали медиумите ќе смеат да ги пренесат информациите од таканаречената „бомба“, доколку Заев одлучи да ги обелодени пред јавноста? Дилемите се јавија откако вчера, наводно на каналот Youtube, беа објавени снимки од разговор помеѓу премиерот и претседателот на СДСМ. Со соопштение излезе ВМРО-ДПМНЕ кое ги повика надлежните институции да откријат „од каде се актуелните снимки, дали смее да се објавуваат вакви снимки, кој го сторил тоа и дали потекнува од законски издадени специјални истражни мерки?“.Денеска со соопштение се јави и Македонската асоцијација на новинари (МАН) која ги повика сите медиуми во Македонија „да бидат одговорни и да го почитуваат законот кој наложува да не се објавуваат материјали, прислушкувани телефонски разговори, кои се незаконски создадени и прибавени, како и видео снимки со истите карактеристики“.

„Тие сами по себе се кривично дело, а нивното објавување кое нанесува ненадоместлива штета на учесниците е исто така кривично дело, кое при објавување или пренесување би го сториле новинари и медиуми за што би потпаднале под кривична одговорност“, се вели во соопштението на МАН.

Дали сето ова значи и најава дека доколку Заев ги објави јавно информациите што ги поседува, медиумите нема да смеат да ги објават? БИРН го упати прашањето до Зоран Трајчевски, претседател на Агенцијата за медиуми.

„Морам да се консултирам со правните служби, ова е деликатно прашање“, ни рече Трајчевски.

Прашањето го испративме и по електронска пошта, а од Агенцијата најавија дека ќе добиеме одговор во текот на денот, најдоцна утре.

Членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидува дека „аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија или се повикува на вооружен конфликт…“

„Со оглед на искуството, мислам дека е голема веројатноста на овој начин власта да направи обид да ги замолчи медиумите да не ги објават информациите. Според Кривичниот законик, не смеат да се објавуваат доверливи податоци, но ако некој веќе ги објави, а медиумите само ги пренесат, тие престануваат да бидат доверливи. Сепак, сметам дека власта ќе се труди да бара и ќе најде механизми за да го спречи објавувањето на информациите кои не ѝ одат во корист“, смета професорот Ристески.