Јазмина Лазиќ | Белград и Прага
„Никогаш не мислев дека ќе наполнам 35 години и ќе немам семејство. Секогаш сè сум правела по сите прописи- училиште, факултет, работа… Но мајчинството е единствената работа на мојата чек-листа за животот која се плашам дека нема да ми успее“, вели Ивана, адвокат од Белград.
Нејзините родители престанаа да го поставуваат напорното прашање: „Што чекаш?“. Таа верува дека тие се откажале од идејата да имаат внуци. Ивана побара нејзиното презиме да не се користи во оваа статија бидејќи има чувство дека ги разочарала своите родители. На нејзина возраст, нејзината мајка веќе имала две деца – Ивана, која тогаш имала седум години, и нејзиниот брат, кој имал пет.
„Се уште сум немажена, без деца, и не очекувам дека мојот статус значително ќе се промени во блиска иднина“, вели Ивана, додека го пие своето кафе во едно кафуле во центарот на градот. Таа се сеќава на една статија која ја прочитала во весникот Политика минатиот декември. Во статијата пишувало дека скоро половина од жените во Белград, на возраст над 30 години, немаат деца.
„Не бев сигурна дали да се чувствувам подобро што знаев дека нè има толку многу, или да почнам сериозно да се грижам“, ми вели таа. „Но почнувам да се грижам.“
Ивана вели дека многу од нејзините пријатели и колеги се во слична ситуација, загрижени дека- како што стареат и нивната плодност опаѓа- родителството ќе ги заобиколи. Две мажени пријателки добиле деца со помош на ин-витро оплодување, ИВФ.
„Едноставно не си свесна колку брзо поминуваат годините. Одеднаш сфаќаш дека влегуваш во ќорсокак и би дала сè за да го вратиш времето, или барем да го забавиш“, вели Ивана.
„Мислев дека, доколку запознаам партнер во следните неколку години, ќе имам поголема шанса да имам бебе“ – „Клер“, Британка која ги замрзнала своите јајце клетки
Но, постои ли некаков начин да се измами природата и да се забави биолошкиот часовник? Кон крајот на минатата година, две американски компании им дадоа токму таква можност на своите вработени.
Технолошките гиганти Apple и Facebook се појавија на насловните страници на весниците низ целиот свет со нивната понуда да ги покријат трошоците за замрзнување на јајце клетките на нивните вработени, потенцијално овозможувајќи им да се фокусираат на нивните кариери бе страв дека некогаш ќе бидат лишени од мајчинството.
Овие вести предивикаа лудило во медиумското известување и коментари за „социјалното замрзнување на јајце клетки“ – замрзнување на јајце клетките не од медицински причини, на пример, бидејќи жената може да остане неплодна поради хемотерапија, туку за да им се даде на жените повеќе контрола во однос на тоа кога ќе имаат деца.
Медицинскиот директор на една од најголемите клиники за плодност во Европа рече дека замрзнувањето на јајце клетки претставува вториот бран на еманципација на жените, по контрацептивната пилула, и може да биде идеален подарок за 30-тиот роденден.
Но, критичарите ги обвинија клиниките за искористување на стравовите на жените, во врска со испуштање на можноста да бидат мајки, за да ги натераат да трошат многу пари на постапка чија стапка на успех е далеку од јасна.
Но, да се вратиме на балканската реалност. Колку е реално, или мудро, жените во Србија и Хрватска да ги замрзнуваат своите јајце клетки?
Оставање за подоцна
Во теорија, било што, што им помага на жените да забременат кога се постари, би била многу привлечна работа. Како и во многу други земји, жените во Србија и Хрватска чекаат подолго пред да имаат дете, според официјалните статистики.
Во 2013, просечната возраст на мајките во Србија, при раѓањето на нивното прво дете, била 26,4 години. Во Хрватска, просечната возраст на првородилките во 2013 била 28 години – три години постари од 1995.
Од првиот извештај до брзо замрзнување
Првата бременост од замрзната јајце клетка беше објавена во 1986. Замрзнувањето на јајце клетки првично беше претежно користено од страна на пациентите со рак, пред подложување на хемотерапија , која ги уништува јајце клетките, и од страна на жените кои се соочуваат медицински проблеми кои може да доведат до неплодност. До пред неколку години, многу јајце клетки не го преживуваа процесот на замрзнување и одмрзнување. Но, во последните неколку години, експертите развија „брзо замрзнување“, исто така познато како витрификација, кое е брз процес што им овозможува на повеќе од 90 отсто од замрзнатите јајце клетки да преживеат.
Постојат многу различни причини поради кои жените подоцна имаат деца. Некои жени сакаат да воспостават кариера. Други се плашат дека ќе ја изгубат својата работа доколку затруднат. Некои се двоумат бидејќи не се сигурни дали ќе можат да обезбедат сигурна финансиска иднина за нивните деца. Некои не можат да најдат партнер.
Но, особено на Балканот , жените исто така чувствуваат силен општествен притисок да станат мајки – и оние кои немаат деца може да бидат силно осудувани. Во статијата на Политика за жените без деца над 30 години, новинарот ги опиша причините за немање деца како „хедонистички“, што предизвика бес кај некои читатели.
„Жените не се машини за бебиња. Можам да правам што сакам со своето тело“, рече една читателка која коментираше на статијата.
„Значи треба да се откажам од учењето и да се фатам со првиот маж кој ќе го сретнам на улица за да се размножуваме како зајаци? Супер, благодарам што ми ја кажавте вистината, очигледно немам никаква вредност освен ако не си ја држам устата затворена и имам деца“, пиша друга читателка.
Смиљка Томановиќ, професор по социологија на Универзитетот во Белград, вели дека постои традиционално верување во Србија дека жената може да биде исполнета само откако ќе стане мајка.
„Никогаш нема да слушнете некој да каже дека некој маж е исполнет од неговата улога како татко, нели?“, вели Томановиќ.
Сепак, притисокот со кој се соочуваат жените не е само социјален. Исто така постои и отчукувањето на биолошкиот часовник. Експертите предупредуваат дека плодноста на жената почнува полека да се намалува на возраст меѓу 25 и 35 години, а потоа падот е поостар, што прави повеќето жени над 40 години да имаат тешкотии да забременат. Ова оди во прилог на фактот дека, кога жената е постара, ризикот од неуспешна бременост или спонтан абортус е поголем.
Ладна пресметка
Во современиот свет, осигурување е достапно за секоја евентуалност. Но, дали е возможно да се изготви полиса за минимизирање на ризикот од немање деца? Вака некои гледаат на замрзнувањето на јајце клетки.
Процесот е официјално познат како криопрезервација на ооцити. Едноставно кажано, тој функционира на следниот начин: жената прима лекови за плодност кои го стимулираат производството на јајце клетки кои потоа се собираат, замрзнуваат и чуваат на температура од минус 190 Целзиусови степени. Откако ќе се замрзнат, тие може да се чуваат со години. Кога жената ќе реши да оформи семејство, јајце клетките се одмрзнуваат и се оплодуваат, а потоа ембрионот се култивира и се става во матката.
Во Соединетите Американски Држави, цената на оваа постапка е приближно помеѓу 10.000 и 15.000 долари, додека во Велика Британија се движи околу 3.500 и 5.000 фунти.
Понудите на Apple и Facebook за покривање на трошоците може да се покажат како многу контроверзни. Некои гледаат на тоа како потег на одговорни работодавачи, а некои како чин на експлоатација – плаќање на жените за да заборават на раѓање деца со цел да се посветат на работата.
Но, идејата дека една жена може да ги замрзне своите јајце клетки со години, а потоа да ги земе назад откако ќе изгради кариера или ќе најде партнер (или двете), дефинитивно им се допаѓа на некои.
Една жена која се одлучила на оваа опција е Клер, консултант за човечки ресурси од Манчестер, Англија, која имала 38 години кога дознала за замрзнувањето на јајце клетки од интернет.
„Само неколку недели претходно ја прекинав врската со мојот долгогодишен партнер и се чувствував напуштена и изгубена. Во мојата тага сметав дека тоа ќе биде добар проект на кој можам да се фокусирам и тоа ме принуди да гледам напред наместо назад“, вели Клер, псевдоним кој се користи на нејзино барање.
Таа одлучила веднаш да ја истражи оваа опција, бидејќи нејзината локална клиника не замрзнувала јајца клетки на жени над 38 години.
„Мислев дека, доколку запознаам партнер во следните неколку години, кој навистина сака семејство, ќе имам поголема шанса да имам бебе. Јас самата се колебав дали сакам да бидам мајка“, вели Клер, која сега има 42 години.
Клер отишла во клиника која, во тоа време, била блиску до нејзиниот дом. Таа се сомнева дека ќе го направела тоа да не и била клиниката веднаш пред нејзиниот праг.
„Подготовката не ми се чинеше тешка, а јас имам фобија од игли, но брзо го надминав тој страв бидејќи морав. Како и да е, вадењето на јајце клетките беше ужасно. Бев под некој многу силен анестетик и не бев будна за време на постапката, но потоа неколку часа имав големи болки“, се потсетува Клер.
Таа морала да се подложи на две постапки за вадење на јајце клетки бидејќи првата не била многу успешна, со само две извадени јајце клетки кои можело да се зачуваат. При второто вадење извадиле 7 јајце клетки. Ова сепак не било идеално – за да се смета за успешна, постапката мора да извади повеќе од 10 јајце клетки.
„Но не можев да издржам да ја направам трет пат“, признава таа. Секоја постапка чинела 3.000 фунти.
Клер гледала на замрзнувањето на јајце клетките како оставање на можност за избор. Но, таа вели: „Реално не направи никаква разлика“.
„Не мислам дека тоа ми помогна да најдам партнер бидејќи влегувањето во врска откако наполнив 38 години беше многу тешко, со оглед на тоа дека мажите на моја возраст, а дури и малку постарите, доколку сакаат да имаат семејство, се заинтересирани само за жени во нивните рани 30-ти или помлади, и затоа мислам дека постапката беше губење на време и пари“, вели Клер.
Претходно оваа година, Клер сретна партнер за кој има сериозни намери и кој веќе има две мали деца. Тие разговарале за нејзините замрзнати јајце клетки и тој е заинтересиран за идејата да има уште едно дете, доколку тоа е нешто што Клер го сака.
Но, таа се уште се двоуми дали мајчинството е прав избор за неа.
„Мислам дека ова ќе биде последна година што ги чувам и мислам дека ќе побарам да ги уништат до крајот на оваа година. Можам да ги чувам додека не наполнам 45 години, но не гледам никаква поента во тоа да продолжам да плаќам за нивно чување ако никогаш не ги искористам, а се сомневам дека ќе ги искористам“, вели таа во нејзиниот е-мејл.
Балканска практика
Во Србија и Хрватска, можностите за жените кои сакаат да ги замрзнат нивните јајце клетки се многу ограничени.
Српскиот закон експлицитно не забранува социјално замрзнување на јајце клетки, но тоа ретко се случува во локалните клиники. Постои таква понуда во една приватна клиника, Специјална болница за гинекологија Јевремова во Белград. Трошоците за замрзнување на јајце клетките се околу 500 евра, иако оваа цена не вклучува други трошоци , како што се подготвителните процедури , медицинските тестови и лековите.
„Сега за сега, оваа метода е сеуште нова и не ѝ е многу позната на пошироката јавност“, вели Ана Црнобариќ-Обрадовиќ, генерален директор на клиниката. „Затоа е многу важно да се поддржи секоја жена што ќе одлучи да го направи тоа и таа да биде информирана за секоја предност и секој недостаток на одложеното мајчинството.“
Најпрво, вели таа, жените треба да разберат дека најдобро време за замрзнување на нивните јајце клетки е помеѓу 25 и 35 години, затоа што тогаш тие се со најдобар квалитет.
„Жените вообичаено доаѓаат кај нас подоцна, на возраст околу 40 години, кога нивните резерви на јајце клетки се или ниски или пак со низок квалитет“
Маријана Чулибрк, Центар за плодност во Прагa
Во Хрватска, исто така, концептот за социјално замрзнување на јајце клетки не се дискутира многу. Кон крајот на минатата година, Маријана Бивчиќ, хрватска студентка, започна анонимно онлајн истражување за ставовите на жените на оваа тема. Досега, околу 100 жени го пополниле прашалникот и половина изјавиле дека не знаат многу за оваа тема.
„Дојдов до истиот заклучок и за време на неформалните дискусии и фокус групи“, вели Маријана.
Хрватскиот закон за медицински потпомогнато оплодување дозволува замрзнување на јајце клетки кога кај жената или мажот има ризик од неплодност заради здравствени причини. Во законот конкретно не се споменува замрзнување на јајце клетки поради социјални причини. Но, Мирна Чурковиќ од РОДА , хрватска организација која ги застапува правата на родителите и децата, вели дека некои клиники почнаа да ја нудат постапката.
Балканската истражувачка мрежа побара од седум клиники во Хрватска да одговорат на серија на прашања во врска со социјалното замрзнување на јајце клетки, вклучувајќи и тоа дали тие ја нудат постапката. Шест не одговорија додека седмата даде само краток одговор без директно да одговори на прашањата.
Жените од Србија и Хрватска имаат уште една опција – законот не забранува заминување во странство за замрзнување на јајце клетки.
Туризам за плодност
Прага, живописниот главен град на Чешка, е атрактивна дестинација не само за туристите, туку и за луѓето кои се обидуваат да најдат начин за да добијат бебе. Еден пријател на Ивана, адвокат од Белград, отиде таму пред две години поради ИВФ и сега има една ќерка.
Прага стана центар за оваа гранка на медицински туризам бидејќи има добри клиники и прилично либерална законска рамка. Посебна атракција е ИВФ преку користење на донирани јајце клетки од помлади жени. Според чешкиот закон, оваа постапка може да се изведе на жени до возраст од 49 години. Законот исто така предвидува дека донаторите на јајце клетки и сперма остануваат анонимни, за разлика од многу други европски земји, меѓу кои и Хрватска .
Центарот за плодност во Прага, една од водечките клиники од таа област, е одалечена околу 15 минути возење со автобус и трамвај од срцето на градот. Приемниот дел е тивок но полн со луѓе, претежно двојки. Некои се држат за раце, а во воздухот се чувствува чувство на надеж.
На мое изненадување, многу од вработените зборуваат српски. „Половина од нашите пациенти се од Балканот“, ми вели Маријана Чулибрк, координатор во центарот. Други пациенти доаѓаат од Германија, Велика Британија и Франција.
Многу луѓе доаѓаат за ИВФ користејќи донирани јајце клетки, бидејќи тоа е постапка со поголема стапка на успех, со оглед на тоа дека донираните јајце клетки доаѓаат од млади жени чие здравје било внимателно проверено.
„Постапката на вештачко оплодување со донирани јајце клетки има стапка на успех од околу 60-65%. Инаку стапката на успех е околу 45%“, објаснува Чулибрк на течен српски јазик.
За 2.200 евра, центарот исто така нуди социјално замрзнување на јајце клетки. Цената го вклучува медицинскиот третман, тестови, вадење и замрзнување на јајце клетките и нивно чување во времетраење од 2 години. Секоја дополнителна година чини 150 евра.
Но, вели Чулибрк, бројот на жени кои избираат да ги замрзнат своите јајце клетки не е голем.
„Некаде помалку од 100 жени“, вели таа. „ Жените вообичаено доаѓаат кај нас предоцна, на возраст од околу 40 години, кога нивните резерви на јајце клетки се или ниски или пак со низок квалитет.“
На другата страна од градот се наоѓа клиниката Пронатал, уште една популарна и почитувана дестинација за луѓето кои сакаат да се обидат со ИВФ. Таа нуди социјално замрзнување на јајце клетки за околу 2.400 евра, што вклучува чување на јајце клетките во времетраење од пет години.
Но, и тука, вели гинеколог Тонко Мардешиќ, директор за медицинска нега во клиниката, многу жени доаѓаат да прашаат за замрзнување на јајце клетки „10 години предоцна“ – кога нивната плодност е веќе во опаѓање.
„Вообичаено имаат околу 38 години“, вели тој. „Се разбира, тие можат да ги замрзнат своите јајце клетки, но мора да бидат реалистични во однос на нивните очекувања.“
Нема жени од Балканот кои дошле во Пронатал за замрзнување на јајце клетки, вели Мардешиќ. Повеќето се од Германија.
„Имаме замрзнати јајце клетки, но сеуште не сме имале бебиња од нив“, додава Мардешиќ, исто така на течен српски јазик.
Мардешиќ потенцира дека, кога една двојка има проблем со зачнување, проблемот може да не е до жената. Постојат сè повеќе докази дека и машката плодност опаѓа.
Но, за жените, некои работи се јасни. Тие мора да бидат свесни колку брзо опаѓа нивната плодност, особено по возраст од 35 години, за да бидат во можност да донесат информирана и навремена одлука – за тоа дали сакаат да се обидат да забременат или да ги замрзнат своите јајце клетки.
„Би дала сè за некој да ми кажеше да ги замрзнам своите јајце клетки кога имав 32 или 33 години“, вели Маја, маркетинг експерт од Белград на возраст од 44 години, која поминала низ шест неуспешни ин-витро оплодувања.
„Сега знам дека е бесмислесно после 38-та година“, вели Маја. „Но тогаш ќе платев било колку на било кого, било каде.“