Регион

Запалени свеќи пред Претседателството на Србија, во знак на сеќавање на жртвите од Сребреница

Десетици контрадемонстранти се собраа пред полицискиот кордон скандирајќи, „Сребреница не е геноцид“

Активисти на Младинската иницијатива за човекови права и на други невладини организации, вчера вечер се собраа пред зградата на Претседателството на Србија, за да запалат свеќи во знак на сеќавање на бошњачките жртви на геноцидот во Сребреница, извршен во јули 1995 година.

Активистите поставија транспарент со натписот, „Никому да не се повтори“.

Во своето соопштение објавено пред овој настан, Младинската иницијатива за човекови права посочи дека со оддавањето почит кон жртвите на Сребреница, „активистите за човекови права продолжуваат да се борат за поинаква Србија, која ќе се соочи со злосторствата извршени во нејзино име, која ќе умее да покаже пиетет кон жртвите и пресудно да придонесе кон правдата за жртвите“.

Српските власти „отворено и директно“ негираат дека масакрите во Сребреница се геноцид, и покрај пресудите на меѓународните судови, се додава во соопштението.

Како што во него се најавува, наскоро во Белград ќе биде подигнат „виртуелен споменик“ за жртвите на геноцидот во Сребреница.

Како и другите настани во Белград што минатата недела се одржаа по повод одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, како отворањето на изложбата на фотографии „Душата на Сребреница“ и комеморативниот собир на „Жени во црно“ во центарот на градот, и синоќешниот настан се одржа под полициска заштита.

Десетици контрадемонстранти се собраа пред полицискиот кордон, извикувајќи ги имињата на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ и скандирајќи,  „Сребреница не е геноцид“. Тие ги навредуваа истакнатите активисти кои присуствуваа на комеморативниот собир и преку разглас пуштаа српска фолк музика.

Фото: БИРН

Фото: БИРН

Фото: БИРН