Тој бил припадник на резервниот полициски состав во Вучитрн, а во војната бил стражар во затвор и од мај до почетокот на јуни 1999 година, учествувал во незаконско приведување на голем број албански цивили, во притворниот центар Смрековница.
Во овој период, затворениците биле изложени на нехуман третман, тортура и тепање, за што Вукотиќ лично бил одговорен.
Во мај 2018 година, тој беше осуден на шест и пол години затвор, за малтретирање и тортура на цивилни затворени во Смрековница. Апелацискиот суд на Косово, ја потврди оваа пресуда во април следната година.
Но, овој случај не вклучуваше и обвинение за силување. Дури во меѓувреме косовското Обвинителство доби сознанија дека Вукотиќ, наводно, силувал 16-годишно девојче, во регионот на Митровица.
Дрита Хајдари, шеф на Одделот за воени злосторства при Специјалното обвинителство на Косово и обвинител во овој случај, вели дека „Вукотиќ намерно и насилно ја злоупотребил жртвата“.
Таа нагласува оти жртвата сама го пријавила случајот во Обвинителството. „Таа го познава сторителот, иако обвинетиот ги негираше обвиненијата. Побаравме судот да го заштити идентитетот на жртвата, така што за време на судењето ќе се користи само нејзиниот прекар“, рече Хајдари за БИРН.
Таа ја објаснува комплексноста на којашто наишла во истрагата, но посочува и на проблемите кои се вообичаени во вакви чувствителни случаи на сексуално насилство. „Жртвата е многу кревка и морав да ја интервјуирам на посебно место, во присуство на психолог“, ни вели Хајдари.
Осудените се ослободени во жалбена постапка
Во време кога мисиите на ООН и ЕУ беа одговорни за гонење на воените злосторства во Косово, не беа донесени правосилни осудителни пресуди за сексуално насилство.
Во 2013 година, Основниот суд во Митровица ги осуди Јовица Дејановиќ, поранешен српски полицаец, на 12, а Ѓорѓе Бојковиќ на 10 години затвор, за силување на тинејџерка во април 1999 година.
Но, Апелацискиот суд на Косово ја поништи првостепената пресуда и во 2014 година, ги ослободи и двајцата.
Жртва во овој случај била Васфије Красниќи-Гудман, која е една од ретките лица кои преживеале сексуално насилство на Косово, кои ѝ се спротивставија на општествената стигма и јавно проговорија за насилството.
Красниќи-Гудман за БИРН изјави оти е оптимист дека случајот Вукотиќ ќе резултира со осудителна пресуда.
„Еден од неуспесите (на мисиите на ООН и на ЕУ) беше мојот случај. Сепак, мислам дека овој тековен случај дава надеж и мотив за враќање на чувството на правда“, потенцира таа.
„Врз основа на тоа што ми е кажано, има повеќе вакви случаи и јас ги охрабрувам и ги повикувам другите жртви да истапат и да побараат правда“, додаде Красниќи-Гудман.
Пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) беа водени неколку судења во кои обвиненијата, покрај другите воени злосторства, вклучуваа и силување.
Наводите за одговорност за сексуално насилство беа дел од обвиненијата на Хашкиот трибунал, против шестмина високи функционери на режимот на Слободан Милошевиќ – потпретседателот на Владата на Југославија, Никола Шаиновиќ, помошник министерoт за внатрешни работи (МВР) на Србија Властимир Ѓорѓевиќ, началникот на МВР Србија, Сретен Лукиќ, командантот на третата армија на Војската на Југославија (ВЈ) Небојша Павковиќ, началникот на Генералштабот на ВЈ, Драгоjуб Ојданиќ, и командантот на приштинскиот корпус на ВЈ, Владимир Лазаревиќ.
Павковиќ беше осуден, при што МКТЈ заклучи дека, заради неговиот чин и командни овластувања, тој можел да ги спречи инцидентите на сексуално насилство во селото Белег, во општината Дечани, и во Ќирез, во општината Глоговац. Сепак, МКТЈ го ослободи од одговорноста за неспречување на други три инциденти во Приштина.
Во жалбена постапка, Лазаревиќ, Шаиновиќ и Лукиќ беа прогласени за виновни за неспречување на инциденти на сексуално насилство на војниците во Белег и Ќирез, како дел од заеднички злосторнички потфат, во кој и тие учествувале.
Но, Ојданиќ и Лазаревиќ беа ослободени од одговорноста за инцидентите на сексуално насилство во Косово.
Наводите за сексуално насилство, беа, исто така, дел од хашките обвиненија во случајот на поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Рамуш Харадинај, Идриз Балај и Лахи Ибрахимај.
Балај беше обвинет дека силувал жена од ромска националност, но иако судот утврди дека силувањето се случило, жртвата не можеше да го идентификува Балај како нејзин напаѓач и тој беше ослободен од ова обвинение.
Обвинувањата за сексуално насилство се дел и од судскиот случај што се води во Србија, против поранешни членови на ВЈ, обвинети за воени злосторства, вклучувајќи и 100 убиства извршени во селата Ќушка, Павлан, Захаќ и Љубениќ, во април и во мај 1999 година.
На судењето во Белград, неколку членови на 177-тата бригада на ВЈ, позната како „Чакали“, со првостепена пресуда, во 2014 година, беа осудени на вкупно 106 години затвор.
За време на судењето, Шехрија Балај, жена од ромска националност, и две жени од албанска националност, сведочеа дека биле силувани. Сепак, српскиот Апелациски суд ја поништи оваа пресуда и нареди повторно судење.
„Жртвите треба гласно да говорат за овие злосторства“
По обвинението против Зоран Вукотиќ, минатата недела, кога унгарските власти уапсија Србин, по кого косовското судство имаше распишано потерницаа, во јавноста беа изнесени детали за второто обвинение за воено силување.
Имено, неименуван маж е обвинет дека тепал и силувал бремена жена во селото Видање, општина Клина, во јуни 1999 година, објави општинскиот суд во Будимпешта. Косовските обвинители го потврдија апсењето, но одбија да дадат дополнителни детали за случајот.
Дрита Хајдари вели дека обвинителството има специфична стратегија за истрагите за сексуални злосторства.
„Решив дека со овие случаи треба да се занимаваат обвинителки. Исто така, треба да ја подобриме заштитата на жртвите“, рече Хајдари.
Фериде Рушити, извршна директорка на Центарот за рехабилитација на жртвите од тортура во Приштина, кој обезбедува медицинска, правна и финансиска поддршка на жртвите на воено силување, за време на истрагата и помогнала на жртвата во случајот „Вукотиќ“.
Рушити истакнува дека верува оти случајот ќе ги охрабри и другите да побараат правда.
„Ги охрабруваме жртвите гласно да говорат за злосторствата што ги преживеале. Овие злосторства треба да бидат соодветно документирани и изложени, а потоа да бидат и казнети, за да нема простор за негирање“, вели Рушити за БИРН.
Максин Маркус, директорка на американската Клиника за транзициска правда и поранешен обвинител на МКТЈ, смета дека е потребна политичка поддршка и достапност на ресурсите.
„Има голем број случаи на кои Обвинителството работи, со цел да се реши нередот што го остави меѓународната заедница и конечно да им се донесе правда на бројните преживеани во Косово“, истакна Маркус за БИРН.
На крајот на 2018 година, Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, му предаде стотици необработени случаи на воени злосторства, на косовското судство.
„Времето истекува и има само тројца обвинители (на Специјалното обвинителство) кои работат на предметите на воено злосторство. Во исто време, тие се занимаваат и со другите секојдневни кривични случаи“, додава таа.
Маркус истакнува дека на Косово му треба тим од најмалку пет обвинители за воени злосторства.
„Може да се направи тоа, иако не секој инцидент ќе биде гонет, но многу ќе бидат, доколку се достапни ресурси“, истакнува таа.
Красниќи-Гудман смета дека повеќе од 20 години по завршувањето на војната, Косово треба да развие ефикасна стратегија за гонење на случаите на сексуално насилство.
„Време е Косово да внесе живот во својот правосуден систем, кој се занимава со воените злосторства“, заклучува таа.