Регион

Брутални сеќавања: Животот во логор во војната во БиХ

Алмин Ѓелиловиќ имал 21 година кога го заробиле силите на босанските Срби и го одвеле во логор

Кога биле подигнати првите барикади во Сараево, дел од жителите на  селото Кушице, кај населбата Хаџиќи, недалеку од главниот град на Босна и Херцеговина, поради страв, ги напуштиле своите домови.

Алмин Ѓелиловиќ  и неговото семејство останале во селото до 13 мај 1992 година, кога локалните Срби ги одвоиле мажите од жените и ги одвеле до излезот на селото.

Тогаш реагирала една постара жена, баба Стевиница, „која стоеше пред нас и им рече на овие луѓе кои нè држеа на нишан: ‘Вратете ги овие луѓе дома, нема да ги одведете никаде’“, раскажува Ѓелиловиќ.

Тој вели дека баба Стевиница тогаш легнала пред мажите и не дозволиле да ги одведат, па повеќето од луѓето, благодарение на неа, биле вратени дома. Подоцна Ѓелиловиќ дознал дека неговиот дедо спасил член на нејзиното семејство во Втората светска војна.

Но, реакцијата на баба Стевиница успеала да ја зачува слободата на овие Бошњаци само неколку недели, бидејќи селото, на 22 јуни 1992 година, било повторно опколено, куќите и шталите запалени, а населението притворено во објектот на спортскиот центар во Хаџиќи.

Меѓу нив бил и 21-годишниот Алмин: „Кога влеговме во салата, салата веќе беше преполна. Во неа имаше некаде околу 300 мажи. Имаше малолетни лица. Жени во тој дел имаше онолку колку што дојдоа со нас, можеби дваесетина со деца“, раскажува Ѓелиловиќ.

Во вечерните часови, според Ѓелиловиќ, мажите, со автобус, биле превезени во Источно Сараево. За време на транспортот, тие биле тепани од вооружени лица. На крајот биле сместени во касарната „Славиша Вајнер Чича“.

„Бевме пречекани во шпалир, кога излеговме од автобусот … Моравме да поминеме низ него и при тоа повторно нѐ удираа со раце, со нозе, со оружје“, вели тој.

Алмин бил сместен во просторија во која се спиело, заедно со неговиот татко, дедо, чичковците и други роднини. Попладнето, во касарната влегла поголема група униформирани мажи, кои ги претепале затворениците.

„Вечерта на 23 јуни беа прозвани 46 лица, кои беа одвоени. Тие беа преместени во друга просторија“, вели тој.

„Цел ноќ, од таа просторија, се слушаше викање, тоа беше катастрофа, едноставно на човек да му се замрзне крвта во вените од она што го слуша, а камоли да гледа“, додава Алмин.

Истата вечер, тројца млади униформирани лица влегле во просторијата за спиење. Тие претепале неколку затвореници, а Ѓелиловиќ го однеле во тоалетот.

„Додека влегуваме во тоалетот, случајно погледот ми падна на раката на едно момче – сè уште му капеше крв од раката“, вели тој.

„Тогаш помислив, ‘готово е’“, се сеќава Ѓелиловиќ.

Тој нагласува оти тогаш почнале да го тепаат. Тепањето го прекинал еден поручник, кој им рекол да го вратат во делот за спиење и тие тоа го направиле. Тој толку многу бил тепан, што проголтал седум или осум заби.

„На што личев, дури ниту родениот татко не ме препозна. Се насобраа луѓе околу мене, тој ме гледаше, стоеше спроти мене, гледаше во мене и праша: ‘Кој е?’. А еден сосед му рече: ‘Па, твојот Алмин’. Татко ми беше шокиран“, вели Ѓелиловиќ .

600 локации, 160.000 затвореници

 

Силите на босанските Срби во мај 1992 година, започнале да ги затвораат Бошњаците од Хаџиќи, во импровизирани затвори и центри за притвор. Многумина од нив, никогаш повторно не се видени, а многу сторители останаа непроцесирани.

За време на војната во БиХ, според истражувањето на Коалицијата за РЕКОМ објавено во 2016 година, околу 160.000 луѓе биле затворени на околу 600 локации.

На 25 јуни 1992 година, Ѓелиловиќ  бил префрлен во затворот Кула во Источно Сараево, каде поминал повеќе од пет и пол месеци.

Во овој период, тој морал да копа ровови, да сече дрва, да работи на фронтот, да носи мртви и ранети затвореници, па дури и да ограбува бошњачки куќи во селото Горњи Которац и сараевската населба Грбавица.

Ѓелиловиќ  на крајот бил ослободен, со размена на затвореници, во ноември 1992 година. За време на престојот во логорот, тој изгубил повеќе од 30 килограми.

„Подоцна, кога ги резимирате сите овие работи, сфаќате дека, со секој ден што сте го поминале таму, со физичкото малтретирање, присилната работа, со она што сте го гледале, всушност, од ден на ден сте поминувале низ некаква животна школа“, вели тој.

„Тука сфаќате колку е вредна корката леб, кога немате што да јадете, кога секој ден чекате некому да ‘му пукне филмот’, да ве убие, затоа што не владеете со својот живот“, додава Алмин.

Денес, тој живее во Хаџиќи. Претседател е на здружението на затвореници „Да не се заборави и да не се повтори 92-95“ Хаџиќи и работи со деца во училиште за кошарка.

„Имам покрив над главата, најубав брак на светот, семејство… Тоа е живот за мене и тоа никој со пари не може да ми го плати“, потенцира тој.

Тој посочува дека неговото семејство и работата му помогнале да ги надмине страдањата низ кои поминал и бруталноста што ја видел, за време на војната.

„Има луѓе со кои преку здружението разговарам, кои не можат да спијат, имаат трауми“, вели тој.

„Му благодарам на бога, не ги сонувам овие работи ноќе“, вели Алмин.