Регион

Oдбиено барањето да се прифатат нови докази за Младиќ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

ММКТ соопшти дека го одбил барањето за прифаќање на нови докази, поврзани со масакрите во Сребреница и опсадата на Сараево, во жалбената постапка на судскиот процес против Ратко Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска (ВРС).

Одбраната на Младиќ побара да се вклучат докази врзани за гранатирањето на пазарот Маркале во Сараево, за настаните во Сребреница во 1995 година и гранатирањето на Сараево.

Одбраната тврди дека овие докази ја оспоруваат одлуката на Судскиот совет, донесена во ноември 2017 година, за негово учество во четири здружени злосторнички потфати.

Документите содржат транскрипт на сослушувањето на поранешниот командант на УНПРОФОР, Мајк Роуз, пред Горниот дом на Парламентот на Велика Британија, три декласифицирани документи на Балкан Таск Форс на ЦИА, како и кодирана порака од генералниот секретар на ООН, Кофи Анан, до генералот на УНПРОФОР, Ларс-Ерик Валгрен.

При донесувањето на одуката, претседавачот на Жалбениот совет, судијата Приска Матимба Нијамбе, имаше поинакво мислење од другите членови на советот, изјавувајќи дека сите пет барања на Младиќ треба да бидат одобрени во целост.

Таа изјави дека „смета оти материјалот што е предложен е релевантен, кредибилен, со висока доказна вредност и ослободувачки, и дека обврската за откривање на ослободувачкиот материјал е од суштинско значење за правично судење“.

Во ноември 2017 година, МКТЈ го прогласи Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и на Хрватите низ цела земја, за тероризирање на цивилите во Сараево со гранатирање и со снајперски оган, како и за земање на мировници на ООН како заложници.

Младиќ ја обжали оваа пресуда, а истото го стори и обвинителството, кое побара тој да биде прогласен за виновен за геноцид во шест други општини во 1992 година.

Презентацијата на жалбите на пресудата, беше закажана за 17 и 18 март, но беше одложена, затоа што Младиќ мора да оди на операција за отстранување на полипи во дебелото црево.

Повторно ќе биде закажана за околу шест недели, по завршувањето на операцијата.

Младиќ (76) досега имаше неколку сериозни здравствени проблеми во притворот во Холандија, и претрпе два мозочни и еден срцев удар.

Датумот на конечната пресуда сè уште не е утврден, но ММКТ најави оти таа ќе биде донесена до крајот на оваа година.