Регион

Случај „Медикус“: Сведокот го препозна осомничениот од аеродромот во Приштина

Дие Морина, Приштина
 

Од рочиштето пред судот во Приштина. Фото: БИРН

Џавит Плаколи, кој во 2008 година како полицаец работел во единицата за жртви во одделението на косовската полиција за борба против трговија со луѓе, пред судот изјави оти на 4 ноември 2008 година, добил информации дека било планирано, лице врз кое била извршена операцијата, да биде префрлено надвор од земјата.

Плаколи додаде дека тој и неговиот колега, Самир Џемаили, отишле на аеродромот во Приштина, каде што виделе две лица, од кои „едното имало околу 40 до 50, а другиот 20-тина години“.

Кога обвинителката, Валерија Болици, го праша сведокот дали може да препознае некое од овие лица на фотографијата што му беше предочена, Плаколи веднаш го идентификуваше Моше Харел, како лицето за кое рече дека има околу 40 до 50 години.

Плаколи истакна дека видел кога на помладото лице, кое влегло во просторот за контрола, Харел му средувал околу картата.

„Постариот се занимаваше со авионскиот билет … помладиот влезе во просторот за контрола, а моите колеги го следеа … Јас бев надвор, го следев постариот“, рече сведокот.

Другото лице кое сведок го идентификуваше на фотографијата, беше, како што рече обвинителот, Мајкл Шафран.

„Подоцна сфатив дека тој (Шафран) бил син на пациент кој бил опериран“, рече Плаколи.

Истакна оти се сеќава дека двете лица (Шафран и Харел) го напуштиле аеродромот заедно, додавајќи дека со нив имало и трето лице, но оти не можел да го види.

„Од местото каде што седев, видов како двајцата заедно излегуваат и влегуваат во автомобил, колку што се сеќавам, тоа беше голф 3, со темно сина боја. Уште едно лице беше со нив, но не можев да го видам“, додаде Плаколи.

Сведокот не можеше да се сети на името на лицето за кое рече дека било оперирано. „Мислам дека беше од турска националност“, додаде тој.

Косовските власти поднесоа барање за екстрадиција на Харел, кој беше уапсен овој месец, а кој во моментов е во притвор во Кипар.

Овој израелски државјанин и вториот главно осомничен во случајот „Медикус“, турскиот лекар Јусуф Сонмез, во бегство се од 2010 година.

Пред Основниот суд во Приштина, во јули 2017, започна повторното судење на сопственикот на клиниката „Медикус”, Лутфи Дервиши, на неговиот син Арбан Дервиши и на главниот анестезиолог, Сокол Хајдини, обвинети за организиран криминал, во врска со трговија на луѓе.

Апелацискиот суд на Косово во март 2016 година им ги потврди првостепените пресуди, со кои Лутфи Дервиши, и неговиот син, беа осудени на осум, а Хајдини на пет години затвор. Меѓутоа, Врховниот суд ја поништи првостепената пресуда, поради процедурални неправилности, и наложи повторно судење.

Сонмез сè уште е во бегство и по него и натаму се трага.

Полицијата упадна во клиниката во 2008 година, откако на приштинскиот аеродром беше пронајден турски државјанин, кој беше сериозно болен, а чии бубрези биле отстранети.