Регион

Белгија уапси поранешен припадник на ОВК

Амблем на ОВК. Фото: Википедија комонс/Aдам Џонс

Белгиските власти  го приведоа Пјетер Шала, поранешен припадник на ОВК, откако ССК побараа негово апсење, врз основа на обвинение за воени злосторства.

„Пјетер Шала ќе биде притворен во Белгија, сè додека не биде префрлен во единицата за притвор на ССК во Хаг“, се вели во соопштението на ССК.

Како што додаваат, обвинението ќе биде објавено „најдоцна до првото појавување на обвинетиот“ пред судот во Хаг.

Медиумите во Косово објавија дека за време на војната, Шала бил познат како командант Ујку (командант Волк) и дека тој дејствувал во зоната Дукаѓин, во западно Косово.

Обвинителите разговараа со Шала, во својство на осомничен, во февруари 2019 година.

ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-2000 година, кои вклучуваат убиства, тортура и незаконско притворање.

Меѓу оние кои веќе се во Хаг, поради обвинение за воени злосторства, се поранешниот претседател, Хашим Тачи, и поранешниот претседател на Собранието, Кадри Весели, поранешни високи членови на ОВК. И двајцата се изјаснија за невини.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од косовскиот судски систем, со седишта во Холандија, а екипирани се со меѓународен кадар.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои стравуваа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.