Како мал, се сеќавам дека често слушав како велат, „ајде, не прави се како да си паднат од небо“ или не биди „падобранец“! Ова „падобранец“ значеше дека некој се однесува чудно, дезориентирано во просторот и времето, како да го исфрлиле од авион, а тој заборавил да го отвори падобранот на време, на ориентациската височина, па имал поголем „слободен пад“.
Така некако можам да ги дефинирам и „одредените“ медиуми, заедно со Министерството за одбрана, кои придонесоа сторијата за приземјените хеликоптери на АРМ на БИРН објавена на „Призма“, да добие публицитет. Тие се однесуваа како „падобранци“, но со „спустот“ што го направија покажаа што значи добра реклама, па макар намерата била спротивна.
За што станува збор? На „Призма“ беше објавено истражувањето „АРМ ги приземји хеликоптерите – им истекоа дозволите за летање“, работено во рамки на повикот на БИРН и неговите партнери за поддршка на истражувачки стории.
Во истражувањето беа побарани одговори од Министерството за одбрана за бројот на приземјени хеликоптери, за чинењето за ремонтот за секој од нив, за судскиот процес кој се води за наводно раскрчмување на државниот буџет преку перење пари што биле исплаќани, иако сервисот чинел три пати помалку.
Министерството потврди дека хеликоптерите (од типот МИ-17/8, Ми-24) се на земја и дека е почната процедура за наоѓање овластен сервисер во странство, која би требало да заврши до крајот на 2015 година. Кога процедурата би завршила до крајот на оваа година, временскиот рок за сервис е дополнителни 6 до 8 месеци, па нашата проценка е дека најмалку уште една година, сега приземјените хеликоптери нема да бидат во употреба.
Сите одговори добиени од МО, вклучувајќи го и тој дека на 80% од прашањата не можат да одговорат, затоа што станува збор за „класифицирани информации“ се објавени во текстот, цитирани и поткрепени со скенирани делови од одговорот.
Во целиот текст постојано се тврди дека се приземјени „речиси сите“ хеликоптери од погоре спомнатите МИ17/8, и МИ-24. Но, по објавувањето, Министерството за одбрана, до „одредени медиуми“ испратило демант дека не се приземјени СИТЕ хеликоптери.
Ова соопштение брзоплето беше пренесено низ повеќе портали и весници, кои објавија дека „одредени медиуми тврделе дека се приземјени СИТЕ хеликоптери, а МО демантира“!
Но, никој, ниту Министерството за одбрана, ниту пренесувачите, не видоа дека „одредените медиуми“ кои се во еднина, со познат автор, не тврдат дека СИТЕ хеликоптери се приземјени. Па, оттука, човек да се чуди, што демантира Министерството, а што пренесуваат медиумите, кога, ај што не го цитираат медиумот кој ја објавил информацијата туку не ја читаат и изворната содржина, за да видат дека нема такво тврдење за кое објавиле демант.
Секако, јасно е потврдено за кои хеликоптери се мисли. Во истражувањето не ги споменуваме т.н. „трактори“ кои се користат за гаснење пожари туку само воените. Дел од медиумите пак си направиле свои стории, презеле речиси сѐ од текстот на БИРН, го вметнале одговорот од МО што е ист и во текстот и во т.н. демант и се потпишале како да составиле свое истражување на оваа тема!
Секако, поголем импакт од овој, човек не може ни да очекува! А, Министерството за одбрана, да покаже дека сите ДВА исправни хеликоптери летаат, од утрово дозволи хеликоптер од типот МИ-24 (воен) да го надлетува Скопје, веројатно и на самото место да потврдат дека „хеликоптерите летаат“.
Но, извори од АРМ, веднаш по објавување на сторијата ни потврдија дека не само што има исправни толку колку што тврдиме туку едниот од нив „потфрлил“ на минатонеделното одбележување на денот на единицата, па планираните падобранци останале на писта, изостанал ефектот од воздух кој требало да биде виден од гостите.
Затоа, демонстративното летање над Скопје, извор од АРМ го протолкува вака: „не помислувај да пишуваш дека нешто не е во ред и со артилериското вооружување, за да не реши АРМ да го изнесе на плоштад за да докаже дека не е целосно нефункционално“.
Затоа, толку е насфатлив односот на МО и АРМ, кои, наместо да извршат декласификација на документите, нѐ убедуваат на чесен збор дека не биле сите хеликоптери приземјени и бараат да им веруваме.
Но, гледано како се однесуваат „одредени“ медиуми не е ни чудно, јавноста да добие впечаток дека сите хеликоптери, собрани во ликот на еден МИ-24 кој леташе над Скопје се функционални и летаат, па да го занемарат и одговорот на МО дека бараат сервисер во странство.
Затоа, лесно е да се прават „падобранци“ и Министерството за одбрана и одредени медиуми, но тешко е да се одржат во воздух и да не дозволат да бидат одвеани подалеку од целта кон која тргнале.
Авторот е новинар