Истражувањa

Дискриминација: Печат за враќање на македонските Роми

Додека лицата кои го злоупотребуваат визниот режим и изнаоѓаат нови начини со цел илегално дастигнат до земјите на Европската унија, македонската гранична полиција ги враќа Ромите со уредна документација само поради предрасудите, сметајќи дека тие можат да бидат лажни азиланти

Деновиве, кога во јавноста силно одекна случајот на актерката на Театарот за деца и младинци Емра Куртишова, која на „Фејсбук“ јавно реагираше дека со уредни документи е вратена од граница со што се чувствува дискримирана, БИРН истражуваше и утврди дека тоа е само еден од низата случаи.

Јавноста и граѓанскиот сектор се ангажираа и застанаа зад младата актерка, но во изјава дадена за една национална телевизија на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска демантираше каква било дискриминација и рече дека граничните служби на скопскиот аеродром не и дозволиле на Куртишова да отпатува за Германија, бидејќи таа не ги исполнувала во целост условите предвидени во шенгенскиот код и рече дека Министерството уште еднаш ќе го разгледа случајот. Министерката додаде дека: „МВР не само што не прави дискриминација по ниту една основа, туку напротив – ги штити граѓаните кога се жртви на дискриминација“.

Строгата контрола на граничниот премин меѓу Македонија и Србија го вознемири и Ахмет Јашаревски од Центарот на ромската заедница „Дром“ од Куманово. Заедно со неколку ромски активисти тој беше поканет во Суботица, Србија, да учествува на регионалната конференција во врска со прашањата кои ја засегаат ромската заедница. По пристигнувањето на граничниот премин, службениците на српската полиција го сопреле автобусот и побарале од нив да се вратат. Како причина за таквото постапување беше наведена неуредната документација.

Меѓутоа, Јашаревски и целата група имаа добиено покани за учество на споменатата конференција и ги поседуваа сите потребни документи.

„Конференцијата беше во организација на донатор од Соединетите Американски Држави, а поканата беше напишана на англиски јазик. По многу интервенции и свртени телефони до разни службени лица во Скопје и во Куманово, по околу два часа чекање на граница, конечно ни дозволија да го продолжиме патувањето во Србија“, изјави Јашаревски. Тој со неверување зборува за можноста секој ромски граѓанин да се гледа со сомнеж за можен барател на азил во земјите на ЕУ.

„Видете, кога ова им се случува на активистите на ромската заедница, можете да замислите како поминуваат обичните ромски граѓани“, додава Јашаревски.

Визната либерализација за Македонија во 2009 година и нанесе големи главоболки на самата Европска унија, но и на месните институции. Изморени од сиромаштијата и од недостигот на перспектива во својата земја, полни автобуси со граѓани од Македонија ги преплавија европските метрополи. Во првиот бран на лажни азиланти, главно се најдоа граѓани од ромската и албанската заедница. Медиумите редовно известуваа за напливот на лажни азиланти, а самата Европска унија соочена со таквиот бран на илегални емигранти од Македонија, на земјата и препорача построги контроли на граничните премини. За кратко време сликите со полни автобуси со можни баратели на азил ги снема, но самиот проблем не исчезна бидејќи заминувањето кон западните земји во својство на баратели на азил продолжи, иако во подискретни форми и начини на патување. Од друга страна, строгите контроли на граничните премини ја извадија на виделина другата димензија на овој феномен, односно реалната можност за дискриминирање на патниците, главно патниците од ромската заедница од страна на граничните служби.

Според официјалните податоци, околу 90% или околу 50 илјади Роми, колку што живеат во земјава, се водат како невработени. Податоците од социјалните служби наведуваат дека воедно околу 90% од ромските семејства се корисници на социјална помош. Токму таквата состојба фактички ги мотивирала и шверцерите на барателите на азил кај ромската заедница да најдат погоден терен за вршење на мошне доходовниот бизнис

Извештаите на меѓународните организации во меѓувреме алармираа дека по визната либерализација за Македонија, постои дискриминаторска практика при преминувањето на државната граница кога станува збор за ромската етничка заедница. Според официјалниот извештај на Советот на Европа, од декември 2009 година до крај на 2012 година, околу седум илјади македонски граѓани, припадници на ромската заедница, се вратени од граничните премини или им се одземени патните документи од страна на македонските полициски служби. Главното образложение за таквото однесување се сомнежите за можни баратели на азил во земјите на Европската унија, а одлуката дали одредено лице може да ја премине државната граница ја донесува полицискиот службеник при соодветниот граничен премин. Ваквата практика, утврдена од комесарот за човекови права на Советот на Европа, ја смета како мерка која е во спротивност со правото на секој граѓанин за напуштање на земјата.

Иако се упатени голем број критики и апели од соодветните организации, извештаите од терен покажуваат дека старата практика продолжува и понатаму.

Печатот со две линии кој се добива во случај на одбивање на излез од државата | Фото: Беким Ајдини

Печатот со две линии кој се добива во случај на одбивање на излез од државата | Фото: Беким Ајдини

Јашаревски, кој раководи со Центарот „Дром“, кој директно се занимава со заштитата на правата и слободите на ромската заедница од кумановскиот регион, потврдува дека ваквото селективно враќање на неговите сограѓани продолжува и понатаму.

„Ние успеавме да евидентираме многу малку случаи, бидејќи поголемиот дел од Ромите се плашат да ги пријавуваат враќањата од граница“, изјави Јашаревски.

Нашиот соговорник, лицето Р.Ц. од Куманово, прифати да разговара под услов неговиот идентитет да остане анонимен. Тој во април годинава тргнал на пат кон Србија, со цел да ги посети своите роднини. При пристигнувањето на граничниот премин од него било побарано да излезе од автобусот при што бил испрашуван од граничните служби за целта на преминувањето на државната граница и неговата крајна дестинација. Тој вели дека му било наметнато да потврди дека тргнал кон некоја од земјите на Европската унија.

„Инсистираа да потврдам дека сум барател на азил а не гостин, иако им кажав дека мојата крајна дестинација е Србија, а не некоја од земјите на Европската унија. Ме вратија назад, а моја среќа е што не ми го одзедоа пасошот“, изјави младото лице од Куманово.

Законска иницијатива до Уставниот суд

Во врска со ваквата дискриминаторска практика, Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), со седиште во Будимпешта, изјави дека пред одредено време поднесе законска иницијатива при Уставниот суд. Според претставниците на овој Центар, таквото постапување е во спротивност со Уставот и со меѓународните инструменти за заштита на човековите права.

Граѓаните од ромската заедница се жртви на илегалните агенции, а воедно и жртви на дискриминација од страна на државните институции | Фото: Беким Ајдини

Граѓаните од ромската заедница се жртви на илегалните агенции, а воедно и жртви на дискриминација од страна на државните институции | Фото: Беким Ајдини

„Нашиот Центар има добиено многу известувања според кои претставници на ромската етничка заедница, односно граѓани на Република Македонија, биле предмет на дискриминаторските практики и несоодветното однесување на граничните служби“, изјави Синан Гокчен од Европскиот центар за правата на Ромите.

Според евиденциите на оваа организација, во периодот од 2011 до 2013 година се регистрирани 74 конкретни случаи на Роми запрени и вратени од граничните премини при обидот да ја напуштат државата и 24 случаи на одземање на патните исправи со образложение дека станува збор за можни баратели на азил.

„Од разговорите на нашите активисти со вратените Роми е утврдено дека во повеќе од 90% од таквите случаи од самите Роми е барано да ја докажат целта на патувањето“, изјави Гокчен.

Според истражувањата на Европскиот центар за правата на Ромите во 60% од таквите случаи граничните служби има навеле на патниците дека тие имаат упатства за такво постапување кои се однесуваат исклучиво за лицата од ромската заедница.

„Дури во 30% од случаите на овие лица им е јасно кажано дека тие не можат да ја преминат државната граница само затоа што се Роми“, нагласи Гокчен.

Нарушување на основното право на слобода на движење

Според Европскиот центар за правата на Ромите, правото за напуштање на државата е  загарантирано право во согласност со Европската конвенција за човекови права и со Универзалната декларација за човековите права.

Според евиденциите на Европскиот центар за правата на Ромите, во периодот од 2011 до 2013 година се регистрирани 74 конкретни случаи на Роми запрени и вратени од граничните премини при обидот да ја напуштат државата и 24 случаи на одземање на патните исправи со образложение дека станува збор за можни баратели на азил

Според претставниците на Центарот, цената за неспособноста на надлежните институции ја плаќаат Ромите како главни виновници за непочитувањето на визната либерализација за граѓаните на Македонија.

Меѓутоа, македонската полиција ги негира тврдењата дека од граница се враќаат само Ромите и дека ромската заедница е најпогодена од таквото однесување.

Портпаролот на МВР, Марија Јаковлевска, изјави дека во периодот од 2012 и 2013 година, од државната граница се вратени вкупно 15.590 граѓани, кои не успеале да го оправдаат преминувањето на државната граница во согласност со законот.

„Ние не правиме поделби по етничка основа и погрешно е тврдењето дека од граница се враќаат само лица од ромската заедница“, изјави Јаковлевска.

„Taxi all inclusive“ како замена за автобусите

Во меѓувреме, ромските организации наведуваат дека жртви се Ромите кои патуваат со уредна документација и без намера да побараат азил. Според нив, лицата кои имаат намера да не се вратат повеќе во Македонија патуваат со други превозни средства.

„Според нашите податоци добиени од терен, трендот на барање азил продолжува и понатаму. Наместо автобусите, сега се употребуваат приватни возила“, изјави Јашаревски од „Дром“.

Според него, никој не се охрабрува да ги пријави таквите случаи бидејќи постои опасност од соодветни последици.

„Јавна тајна е дека за 100-150 евра превозникот може да посредува при напуштање на државната граница и при влегувањето во Србија. За поголемиот број од барателите на азил граничниот премин со Србија е најтешкиот за поминување бидејќи при понатамошното патување кон земјите на ЕУ не се спроведуваат строги контроли“, истакна Јашаревски.

Таканаречените транспортери, според него, обезбедуваат лажни документи, како што се покани, резервации и парични средства. „Таквите лица ги имаат и потребните врски на граница и поради тоа успеваат да ја завршат работата без поголеми тешкотии“, додаде Јашаревски.

Од друга страна, портпаролот на МВР, Марија Јаковлевска, истакнува дека државните органи презеле неколку акции против т.н. туристички агенции кои вршеа превоз до Брисел или до другите европски центри.

„Бидејќи лицата сега се насочени кон индивидуалните патувања, нашите служби што се однесува до сомнежите за можни баратели на азил секогаш постапуваат во согласност со законот“, додаде Јаковлевска.

Хелсиншки комитет: Обележувањето на пасошите по волја на граничните службеници

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во 2013 и 2014 година добил голем број жалби од македонски граѓани, припадници на ромската етничка заедница, на кои не им било дозволено да ја напуштат државата. „Поголемиот број од овие жалби се однесуваат на лица кои патувале со автобуси кон некоја од земјите членки на Европската унија или во Република Србија. Поточно, само на припадниците на ромската заедница не им е дозволено да ја напуштат територијата на Република Македонија“, изјави Неда Чаловска од Хелсиншки комитет.

Неда Чаловска, Хелсиншки комитет за човекови права на Македонија

Неда Чаловска, Хелсиншки комитет за човекови права на Македонија

Според неа, заедно со таквите жалби до Хелсиншки комитет се доставувани и поплаки во врска со ограничувањето на правото на напуштање на државната територија, во случаите кога граѓаните сакале да патуваат со авион, а притоа ги обезбедиле потребните авионски билети со цел да стигнат до саканите дестинации.

„Карактеристично во таквите случаи е тоа што патните исправи на оваа категорија на граѓани се обележувани на посебен начин, и тоа со ставање на печат и поцртување на две линии, со што се комплицира секој понатамошен нивен обид да ја напуштат државата“, објасни Чаловска.

Според нејзиното објаснување, Хелсиншкиот комитет реагираше и до Народниот правобранител во врска со конкретните случаи на селективно враќање на Ромите, сметајќи го таквото постапување за системско дискриминирање, а не за поединечни случаи.

Меѓутоа, проблемот во овој контекст се појавува во недостигот на материјални докази за документирање на дискриминацијата, а поради тоа голем број случаи од страна на Комисијата за заштита од дискриминација не биле третирани како такви.

„Поради овие причини ние апелираме граѓаните да ги пријавуваат таквите случаи, со цел ние да ги анализираме и да изнајдеме соодветен начин за докажување на дискриминацијата која се врши врз оваа категорија на граѓани“, додаде Чаловска.

Народниот правобранител известен за дискриминацијата

Кон крајот на 2013 година и на почетокот на 2014 година до Канцеларијата на Народниот правобранител се упатени десетици претставки, со кои голем број граѓани побарале негова помош со цел да им биде овозможено правото да ја напуштат државната граница. Главно станува збор за случаи забележани на граничните премини Табановце и скопскиот аеродром, од каде на Ромите не им се дозволува да ја напуштаат државната граница, притоа обвинувајќи ги дека ќе им нанесат штета на Македонија со тоа што би барале лажен азил во европските земји.

Иџет Мемети

Иџет Мемети

Работата оди до таму што граничната полиција ги одбележува патните исправи со печат и две линии, со објаснувања за поништување на влезниот печат, што во суштина би можело да биде обележување на овие граѓани со цел тие полесно да се идентификуваат при идните обиди за напуштање на државната граница.

„На почетокот стануваше збор за изолирани случаи, но последните месеци од минатата година и на почетокот од оваа година таквите случаи се зголемија за многу краток период. Поради тоа утврдивме дека станува збор за појава, а не за поединечни случаи“, изјави Народниот правобранител Иџет Мехмети.

Воедно, Мехмети наведе дека упатил информација до македонската Влада со препорака да биде унапредена работната постапка што се однесува на утврдување на барателите на азил, и тоа со обучување на граничните службеници. Сето тоа би се презело со цел отстранување на сите можни сомнежи за можно дискриминирање на граѓаните на одредена етничка заедница при напуштање на државната граница.

Во време кога институциите и организациите за заштита на човековите права работат на изнаоѓање на решение за овој проблем, македонските Роми сè уште се третираат како најмаргинализирана заедница од етнички и социјален аспект.

Според официјалните податоци, околу 90% или околу 50 илјади Роми, колку што живеат во земјава, се водат како невработени. Податоците од социјалните служби наведуваат дека воедно околу 90% од ромските семејства се корисници на социјална помош. Токму таквата состојба фактички ги мотивирала и шверцерите на барателите на азил кај ромската заедница да најдат погоден терен за вршење на мошне доходовниот бизнис.

Меѓутоа, граѓаните од ромската заедница многу често се жртви на дискриминација на граничните премини само поради нивната боја на кожа.