Главната цел на Протоколот на соработка кој бил потпишан со Маѓар Телеком во 2005 година била да се обезбеди дивиденда за државата, тврдел поранешниот премиер Владо Бучковски во своето сведочење пред американски власти кое се одржало на 7 февруари 2014 година во Вашингтон, САД.
Бучковски бил повикан како сведок во рамките на истрагата која Американската комисија за хартии од вредност ја води против поранешните водечки луѓе на Маѓар Телеком, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи. Тие се обвинети за поткупување на владини функционери во Македонија во периодот од 2004 до 2006 година.
Протоколот за соработка Бучковски го потпишал во холот на Домот на АРМ во Скопје. Во сведочењето вели дека не се сеќава точно на сите детаљи, ниту кој му го донел договорот на потпис. „Бевме на некој настан кога слушнавме дека двете преговарачки страни постигнале договор“, вели Бучковски.
Експремиерот знаел дека постои само една оригинална копија од Протоколот, но не знаел каде била чувана. На забелешката дали знае дека оригиналот бил однесен во Атина и ставен во сеф на грчкиот бизнисмен Димитриос Контоминас, Бучковски вели дека првпат слуша за такво нешто.
Протоколот никогаш не бил заведен во архивата на владата, затоа што се сметал за необврзувачки документ, но одлуката не била негова, туку така го советувале експертите кои биле вклучени во преговорите, изјавил во сведочењето Бучковски.
„Тоа ја ослободува владата од обврски доколку договорот не е исполнет. Затоа што беше јасно дека нема да може да се реализира сѐ што е наведено во него“.
На прашањето зошто Протоколот не бил објавен пред македонската јавност, поранешниот премиер вели дека „немало потреба“ за такво нешто.
„Невообичаено е нешто што било дискутирано меѓу нас да биде јавно објавено“.
На македонската јавност протоколот и бил „прераскажан, сумиран“, вели Бучковски.
За консултантски договори 24 милиона евра
Експремиерот Бучковски на американските иследници им открил и дека главниот проблем во преговорите со Маѓар Телеком било откритието за исплаќањето на консултантските договори на суми под еден милион евра (пракса која овозможувала договорите да не мораат да добиваат согласност од Бордот на директори на Македонски телекомуникации) кое се одвивало преку компанијата „Камени мост“, која во тој период е во целосна сопственост на Маѓар Телеком.
„Го видов Сендреи како вечера со лидерот на опозицијата и се заколнав дека никогаш нема да влезе во мојата канцеларија“, сведочи Бучковски
Се работи за серија договори кои Унгарците ги потпишуваат со фирмите на Контоминас. Тие биле откриени при инспекциска контрола која владата ја испратила во „Камени мост“. Од деловите на сведочењето на Бучковски кои се отворени за јавноста не е јасно за кои договори точно станува збор.
Реализацијата на консултантските договори кои досега и беа познати на македонската јавност, склучени со фирмите на Контоминас, најчесто фирмата „Чаптекс“, започнува во јули 2005 година, и тоа откако е заклучен Протоколот за соработка на почетокот на мај 2005. Познато е дека за овие договори вкупно се исплатени околу 4,8 милиони евра. (Повеќе на оваа тема во третиот дел од Досието Телеком)
Логично е да се претпостави дека Унгарците и нивните грчки партнери склучувале вакви договори и претходно, особено ако се има предвид заклучокот на интерната истрага во Маѓар Телеком која покажала дека во периодот од 2002 до 2006 година, од Македонски телекомуникации преку вакви договори се одлеале над 24 милиони евра.
Сендреи „персона нон-грата“ затоа што се дружел со Груевски
Во сведочењето Бучковски открива и дека „не го поднесувал“ тогашниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, а истото и му го кажал. Причината била што Бучковски, како што самиот вели, се сомневал дека Сендреи и помагал на опозицијата во 2005 година.
„Го видов Сендреи како вечера со лидерот на опозицијата (во тоа време Никола Груевски) и се заколнав дека никогаш нема да влезе во мојата канцеларија“, сведочи Бучковски.
Тоа му го кажал и на генералниот директор на Маѓар Телеком, Елек Штрауб при нивните средби во 2005 година, објаснувајќи му ги причините зошто не сака да контактира со луѓето на Маѓар Телеком во Македонија.
Бучковски на крајот на сведочењето им порачува на американските иследници дека сака „заедно со нив да се бори за правда“.
„Ви кажав дека пред два дена ме посетија адвокатите на другите клиенти и ми кажаа три збора: кажете ја вистината и само вистината, и јас ви ја кажав“ изјавил тој.