Компаниите што обезбедуваат интернет-услуги, од хостинг сервисите до пребарувачите, како Гугл или социјалните мрежи како Мета и Твитер, ќе треба да го сменат начинот на кој работат на европскиот пазар кога ќе стапат во сила двете директиви што ги објави ЕУ во својот службен весник – за дигитални сервиси и за дигитални пазари.
Првата директива во суштина регулира како тие ќе ја менаџираат содржината што се објавува преку нив, а втората е повеќе фокусирана на тоа како се однесуваат на пазарот, со конкуренцијата, со корисниците, како и со оние што вршат бизнис преку нив.
Овие правила се подготвуваа и се преговараа долго време, но конечните верзии им се објавија на 27 октомври минатата, а нивното спроведување во пракса ќе почне фазно годинава и ќе трае околу една година. На компаниите им се дава време да се приспособат на новите правила.
„Станува збор за услуги што имаат сериозно влијание врз нашето живеење. Бидејќи сѐ е веќе дигитализирано, се променија начините на кои комуницираме меѓусебно, на кои работиме, купуваме, се едуцираме, се информираме, се забавуваме и, што е можеби најважно, се вклучуваме во јавната сфера за да влијаеме врз политичките и општествените процеси“, вели професорката Снежана Трпевска, истражувач од Институтот РЕСИС, која со години ги следи комуникациските и медиумските политики и пракси.
Кој сѐ ќе биде засегнат од директивите? Иако во суштина тие ќе важат за сите компании што обезбедуваат онлајн-услуги од тој тип – пребарувачи, социјални мрежи и други, со посебен сет правила ќе се регулира однесувањето на „многу големите“ онлајн-платформи и пребарувачи, како што се нарекуваат во текстот на директивите. За такви ќе се сметаат оние што имаат повеќе од 45 милиони активни корисници на месечно ниво, односно што опфаќаат најмалку 10 отсто од 450-милионскиот пазар на ЕУ.
„Се создаде ситуација во која неколку големи приватни платформи контролираат важни екосистеми во дигиталната економија и имаат улога на „чувари“ што ги диктираат условите на дигиталните пазари наметнувајќи свои правила. Тие правила, пак, создаваат нефер услови за бизнисите што ги користат платформите и им оставаат малку можности на избор на корисниците или потрошувачите“, додава Трпевска.
Според Трпевска, придобивките од овие услуги се неспорни поради можностите што ги отвораат, но истовремено тие можат да имаат бројни негативни последици врз економијата и врз општеството, поради можноста за манипулативна злоупотреба на алгоритмите за да се шират дезинформации или да се врши нелегална трговија.
Обврски за реакција и имунитет за содржините
Една од главните цели на новите директиви е да се зголеми безбедноста на интернет и да се ограничи ширењето на, како што се вели, „нелегални содржини“, односно опасни дезинформации, говор на омраза и слично.
Сите даватели на онлајн-услуги, без разлика на категоријата, ќе треба да исполнат неколку минимални обврски – да бидат транспарентни во известувањето, да ги почитуваат фундаменталните права на корисниците, да соработуваат со релевантните национални институции и да наведат лице за контакт или официјален правен застапник.
Големите онлајн-платформи, особено тие што ги користи над 10 отсто од вкупното население во Европската Унија, ќе бидат под директен надзор на Европската комисија, објаснува за БИРН Шарл Манури, прес-офицер за дигитална економија на комисијата.
„Откако комисијата ќе ги прогласи, големите платформи и пребарувачи ќе имаат четири месеци за да се приспособат на директивата. Прогласувањето ќе се врши според бројот на корисници што самите ќе го пријават“, вели тој.
Манури додава дека до почетокот на 2024 година властите на земјите-членки треба да воведат нови правила со кои што ќе ги регулираат помалите платформи и несистемските аспекти од работата на големите.
Според Трпевска, големите платформи и пребарувачи ќе бидат предмет на најстрог јавен надзор во поглед на почитувањето на овие правила.
„Таму постои најголем ризик за ширење дезинформации, говор на омраза и други штетни или нелегални содржини. Примарна улога во овој надзор ќе имаат земјите-членки на ЕУ, со поддршка на Европскиот одбор за дигитални услуги, а за најголемите платформи надзорот и примената на правилата ќе го врши Европската комисија“, додава таа.
Сепак, на платформите не им се наметнува обврска да вршат проверки на содржините пред објавување, ниту, пак, тие ќе имаат некаква одговорност за тоа што нивните корисници ќе подготват и ќе пуштат во јавноста. Главната обврска ќе им биде дека ќе треба веднаш да реагираат ако добијат пријава дека некоја содржина е нелегална.
„Факт е дека ширењето дезинформации е профитабилен бизнис за онлајн-платформите. Колку попровокативни и шокантни се содржините што се шират по платформите, толку подолго корисниците за задржуваат на нив. Освен тоа, автоматизираните „системи за препораки“ и алгоритмите што ги користат, на корисниците дополнително им нудат содржини слични на оние што претходно ги гледале“, објаснува Трпевска.
Таа потсетува дека за време на сослушувањето во Европскиот парламент, укажувач вработен во Мета, открил на кој начин оваа платформа, преку алгоритмите за препорачување содржини, го поттикнува ширењето дезинформации и содржини со насилство. Тој навел дека екстремните содржини и дезинформациите поставени на „фидот“ многу повеќе ги наведуваат корисниците да прелистуваат, а така остануваат подолго на платформата и генерираат повеќе приходи од реклами.
Ова ќе важи без разлика дали некоја од нив има или нема свој систем за проверка пред објавување. Некои платформи имале воведено активна контрола на содржините и можеле да одбијат некоја објава или да ги предупредат корисниците дека таа не е дозволена зашто ги прекршува правилата. Затоа досега беше нејасно дали тие имаат одговорност ако им се протне нешто, а со новата директива се дефинира дека и за нив важи имунитетот.
Освен да реагираат итно кога тоа ќе се побара од нив, големите интернет-компании ќе треба и да објавуваат извештаи за тоа како ја модерираат содржината, да ѝ обезбедат пристап на Европската комисија до податоците што се потребни за да се следи колку се придржуваат до директивите, по потреба да овозможуваат истраги и во нивните простории и во алгоритмите, како и да плаќаат надзорна такса до Европската комисија. За непочитувањето на Директивата за дигитални сервиси може да добијат казна до 6 отсто од вкупниот годишен приход што го оствариле на глобално ниво.
Компаниите како Мета и Гугл, на пример, имаат годишни приходи од 120 до 260 милијарди долари, што значи дека казната од шест проценти за нив би можела да изнесува десетина милијарди долари. Тоа е приближно колку годишниот бруто домашен производ (вредноста на целата економска активност) во земји како Македонија.
Кредибилни оценувачи
Во директивата се воведува и категоријата „кредибилни оценувачи“, односно субјекти што ја докажале својата експертиза во идентификувањето нелегални содржини и што се независни од која било онлајн-платформа што се регулира со неа. Нивните пријави ќе треба да добиваат приоритет, односно да се процесуираат без непотребни одолжувања.
Манури од ЕК објаснува дека националните координатори за дигитални сервиси во секоја земја-членка ќе треба да определат кои ќе бидат кредибилни оценувачи.
На давателите на онлајн-услуги, суд или друга надлежна институција може и да им нареди да симнат одредена содржина. Сепак, за тоа ќе треба да се исполнат неколку претходни услови.
На пример, со наредбата ќе треба да се дефинира на која територија таа содржина не смее да се прикажува, а во неа треба да има и јасни информации за компанијата да може да ја лоцира и да ја идентификува таа содржина, како УРЛ и други податоци.
Дополнително, платформите се обврзани да ги известат властите дали и кога постапиле по наредбите за отстранување.
Трпевска вели дека со директивите, освен што се воведуваат рестриктивните мерки, се поттикнува и поголема саморегулација, што според неа е подобар пристап за да не се загрози слободата на изразување на интернет.
„Не би било добро властите да се тие што ќе одлучуваат дали е некоја содржина дезинформација и да им упатуваат барања на Гугл и на Мета за отстранување. Тоа би било закана за демократијата. Рестриктивниот приод треба да се применува само за екстремни содржини“, додава професорката.
Поголеми проверки на трговците
Платформите што им овозможуваат на своите клиенти да стапат во контакт со трговци на разни стоки и услуги и да купуваат од нив, ќе мора да им наложат на трговските компании да ги обезбедат основните информации за себе пред да им дозволат пристап. Исто така, изгледот на нивните страници треба да биде дизајниран на начин што ќе ја засили нивната транспарентност, односно ќе му овозможи на корисникот да ги види сите неопходни податоци за трговецот.
Давателите на онлајн-услуги се обврзуваат и да ги информираат потрошувачите за кои имаат контакт податоци ако се утврди дека некој нелегален производ или услуга се нуделе преку нивните платформи, да го откријат идентитетот на трговецот што ги нудел и да им кажат на потрошувачите какви мерки им стојат на располагање за надомест на штетата.
Дополнително, компаниите мора да имаат високо ниво на безбедност за малолетниците и нема да смеат нив да ги профилираат како потенцијални потрошувачи и да им нудат реклами.
Трговијата преку овие платформи повеќе се регулира преку директивата за дигитални пазари отколку преку таа за дигитални сервиси. Со неа, на пример, ќе им се овозможи на корисниците да ја исклучат можноста за рекламирање, засновано врз нивниот личен профил.
Компаниите ќе бидат обврзани да овозможат интероперабилност со други системи, да дозволат алтернативни системи за плаќање и да им овозможат на бизнис-корисниците пристап до податоците за својата работа.
Европската комисија ќе воведе и посебни тимови што ќе го надгледуваат спроведувањето на директивите.
Подобрувања и за македонските корисници
Бидејќи директивите стануваат дел од европското законодавство, Македонија ќе треба да ги имплементира, особено Директивата за дигитални сервиси, вели Трпевска, но додава дека не може да се процени кога ќе се случи тоа. Претходно, објаснува професор Трпевска, ќе треба да се направи сеопфатна анализа и пошироки јавни консултации со различни тела и институции, како и со граѓанскиот сектор.
Земјите во ЕУ имаат рок до 2024 година да го приспособат националното законодавство на овие регулативи, но најголемите онлајн-платформи и пребарувачи, уште од средината на 2023 година ќе треба да ги применуваат строгите обврски што им се наметнуваат. Така, корисниците ќе ги видат ефектите веќе оваа година.
„И нашите корисници ќе можат да ги почувствуваат ефектите од примената на новите правила бидејќи онлајн-платформите работат глобално. Би требало да можеме да видиме помалку нелегални содржини и производи, едноставни објаснувања за тоа како функционираат алгоритмите, а секако и помал обем на дезинформации и манипулативни содржини“, вели Трпевска.