Истражувањa

Функционери останале без фотелји, но ги чуваат службените станови

БИРН открива случаи на бесправно користење државен имот

Jа викаат „парламентарка“ или функционерска зграда.

Дванаесеткатницата во центарот на Скопје се наоѓа веднаш до меѓуградската автобуска станица на улицата што го носи името на писателот на „Крпен живот“, Стале Попов.

Зградата го доби епитетот поради тоа што во неа за симболични цени се издаваат службени станови, кои ги користат уште 33 функционери.

Објектот е меѓу првите висококатници во тој реон, изграден во 2000 година. Тогаш немаше други „бетонски“ соседи околу неа. Денес е поинаку. Околу се гради насекаде.

За речиси 24 години „центарски живот“, крие многу приказни.

Во неа, за локалните избори во 2013 беа регистрирани гласачи од албански Пустец и од внатрешноста на Македонија.

Сведочењето пред судот на инженерот во МВР, Звонко Костовски, во предметот „Таргет-Тврдина“, откри и дека во некој од становите токму во таа зграда биле репродуцирани и вадени транскрипти од прислушувањето.

Медиумите за таа зграда пишуваа дека била привремен дом на високи функционери, како на пример на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Во деловниот дел на зградата до декември 2023 година беше и седиштето на Демократскиот сојуз, партијата што ја напушти владејачката коалиција.

„Нѐ иселија“, ни рече претседателот на партијата, Павле Трајанов, откако Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор им побарале да се иселат по 16 години.

Едно друго сродно акционерско друштво, она за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП), или популарното ПУИК, пак, во истата зграда ги издава службените станови на функционерите.

Но, некои од „службените“ кираџии, иако им завршува мандатот, не ги враќаат клучевите од становите, покажува истражувањето на БИРН. И тоа е така со години.

Ексдиректор од службен стан чека одлука за амбасадор

Функционерска зграда

Функционерската зграда во скопски Центар | Фото: БИРН

Кога во 2022 година избувна скандалот со спорното државјанство за контроверзниот проруски бизнисмен под американски санкции, Олександар Онишченко, директор на тајната полиција (АНБ) беше битолчанецот, Виктор Димовски.

По скандалот, владата назначи нов директор на институцијата, Зарко Милошевски, а на Димовски му престана мандатот.

До тогаш беше речиси извесно дека Димовски ќе стане македонски амбасадор во Франција. Тој не замина во Париз, но не е именуван ниту на друга позиција, а сѐ уште го користи станот во т.н. функционерска зграда во скопски Центар, каде соседи му се уште 30-тина други функционери.

Димовски користи службен стан од 83 квадрати како функционер, кој, кога бил избран, пријавил дека не поседува куќа или стан во Скопје. Кога му престанала функцијата, тој требало станот да го напушти во рок од 15 дена, како што налага владината уредба од 2010 година.

„Не е одјавен, бидејќи постапката за именување во Париз сѐ уште не е затворена. Чекам да видам како ќе заврши. Претпоставувам дека негативно ќе заврши, така што потоа ќе го одјавам“, ни рече Димовски во телефонски разговор.

Кога поранешниот директор го прашавме зошто не го одјави станот, само кажа дека оттогаш не е на функција и оти бил на апанажа.

„Не мислам да правам никакви злоупотреби. Првиот ден кога ќе стане јасно, ќе го отстапам станот“.

Пензионерка чека закон за да си го откупи станот од државата

Функционерска зграда

Поранешни советници и ексначалник во МВР користат службени станови | Фото-колаж: БИРН

Во истата зграда и во истиот влез, неколку ката погоре од Димовски, стан користи пензионерката Љубица Јакимовска, која му беше советничка на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Од 2018 година таа има службен стан во функционерската зграда. Месечно плаќа по околу шест илјади денари закупнина.

Првично станот ѝ бил доделен бидејќи пријавила дека нејзиниот дом бил оштетен со скопската поплава во 2016 година.

Неколку месеци пред да се пензионира, во 2021 поднела ново барање до Комисијата за станбени прашања при владата да продолжи да го користи станот.

Со потпис на министерот Благој Бочварски, како претседател на владината комисија што доделува станови под закуп, во јули истата година ѝ било продолжено правото да го користи станот додека да ѝ заврши функцијата.

Во август потпишала договор за закуп, а веќе следниот месец се пензионирала.

Оттогаш поминале речиси две и пол години, а таа со сопругот уште го користат службениот стан.

Пишман функционери

Од 2017 до 2023 година, владата донела 34 решенија за доделување станови на функционери за службени потреби. Некои од нив, како кумановецот Митко Бојмацалиев, кој му беше шеф на кабинетот на Оливер Спасовски, и актуелен дополнителен заменик-министер во МВР, иако има решение за користење стан, не потпишал договор и не го користи доделениот стан.

Јакимовска во краткиот разговор за БИРН рече: „Што се секирате за мене кај ќе седам? Сите станови што ги добиле, сите ги користат и никој не е иселен“.

„Има закон за откуп на станови во собраниска процедура“, ни рече, алудирајќи на предложениот закон за продажба на станови во државна сопственост доделени на користење вработени во МВР и на вработени во безбедносно-разузнавачките служби. Законот е во парламентот од 2021 година и уште е во собраниска процедура.

Соседи на Димовски и на Јакимовска во истата зграда им и други ексфункционери: поранешниот советник на ексминистерот за здравство, Венко Филипче, Дритан Исмаили, кому на профилот на Линкедин му пишува дека работи во фармацевтска компанија, како и поранешниот началник во МВР, Бранко Трајановски, кој се пензионирал во aвгуст 2022 година.

За уште еден полицаец на функција во МВР добивме сознание дека му престанал мандатот, а користи службен стан, но Mинистерството не ни одговори дали функционерот уште е на функција.

Образложението беше дека систематизацијата на работните места во полицијата е класифициран податок.

Разрешениот правобранител и по мандатот – на државно

Службени станови

Извадок од договор за закуп на службен стан | Фото-колаж: БИРН

Од август 2018 до август 2022 година, Фехми Стафа беше државен правобранител.

Според последната промена на анкетниот лист што ја доставил до Антикорупциската комисија во 2019 година, додека бил на функција, Стафа поседува недвижен имот кој вреди околу 74 илјади евра. Податоците од Катастарот покажуваат дека поранешниот директор има стан во скопската населба Чаир.

Сепак, и тој од 2021 користи службен стан. И тој е во Чаир. Само што за разлика од неговиот, кој е 43 квадрати, службениот е 92, и за него месечно плаќа по 4.673 денари кирија.

Во решението од Комисијата за станбени прашања, за разлика од другите функционери во чии решенија БИРН имаше увид, кај Стафа, случајно или не, нема изјава заверена на нотар, во која тој потврдува дека не поседува недвижен имот во Скопје, и изјава дека не живее на место што е оддалечено 30 километри од главниот град.

Од август 2022 кога беше разрешен, до јануари 2024 година, помина речиси една и пол година, а, според евиденцијата на АДИССДП, тој уште не се иселил од службениот стан.

Стафа не беше достапен на барањата на БИРН за коментар.

Нема иселување – нема проблем

Функционерска зграда

Никој не е надлежен за иселувањето на функционерите | Фото: БИРН

Ниту владата, ниту акционерското друштво, ниту самите функционери не преземаат одговорност за иселување по престанокот на функционерскиот мандат. Додека институциите си ја префрлаат одговорноста кој треба да води сметка за државниот имот, некои функционери чекаат некој да се сети дека немаат право да бидат таму.

Од Владата, за БИРН, велат дека Комисијата за станбени прашања не прави проверки, освен што ги собира потребните документи од функционерите.

Благој Бочварски

Благој Бочварски – претседател на Комисијата за станбени прашања

„Друг вид проверка Комисијата не прави ниту е надлежна по законски пропис“, велат од Владата.

И од акционерското друштво, исто така, велат дека не се надлежни да проверуваат кога им завршува мандатот на функционерите.

„Нашето друштво не е давател на услугата, туку само извршител, односно нема увид, ниту сознание дали одреден закупец сè уште го има правото на користење службен стан“.

Нагласуваат дека договорот за закуп може да го раскине само Комисијата за станбени прашања.

Се соочиле со ситуации кога закупците одбивале да го вратат станот, и покрај поништеното решение за користење. За тоа, како што велат оттаму, се поведени постапки пред Државното правобранителство на РСМ. „Дел од нив се решени, односно становите се вратени“.

За останатите сѐ уште се водат постапки.

Од извори во акционерското друштво дознаваме и за случаи кога поранешни функционери одбиле да се иселат, но се жалеле до владината Комисија за станбени прашања, па барале да не бидат иселени додека не го решат станбеното прашање.

Правилникот наречен „желба“

Една година по смената на власта, во 2018, тогашниот владин портпарол Миле Бошњаковски најави дека ќе се прави анализа на Правилникот врз основа на кој им се делат службени станови на функционери. Но, договорите во последните години до кои имавме увид, покажуваат дека не се направени никакви суштински измени

Велат дека така и биднало.

И владата потврди дека секоја година добиваат барања за продолжување на правото на закуп од функционери додека да го решат станбеното прашање. „Шест барања во 2021 година, 13 барања во 2022 година, 3 барања и 1 позитивно решение за во 2023 година“.

Од акционерското друштво тврдат дека прават редовни теренски проверки и контроли во службените станови. Прописите налагаат најмалку трипати годишно. При вселувањето и иселувањето се составува и записник за состојбата во која се наоѓа станот.

Но, нагласија дека контролорот „нема увид, ниту право да бара информација дали на лицето закупец му е завршен (прекинат) мандатот“.

Покрај Бочварски како претседател, членови на владината комисија за станбени прашања се вицепремиерот Артан Груби и министрите Фатмир Битиќи, Фатмир Меџити, Ристо Пенов и Љупчо Николовски.