Анализи

Груевски минатата година не бил во ниту една официјална посета

Двајцата луѓе на највисоките политички функции во државата, премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов, во 2015 година главно патувале во странство за да присуствуваат на бизнис и политички собири, каде што на маргините се среќавале со други државници.

Од средбата меѓу Груевски и израелскиот премиер Нетанјаху минатиот месец | Фото: МИА

Од средбата меѓу Груевски и израелскиот премиер Нетанјаху минатиот месец | Фото: МИА

Премиерот Никола Груевски не бил во ниту една официјална посета на странска држава минатата година, додека во дипломатскиот календар на претседателот Ѓорге Иванов се запишани четири официјални посети на Хрватска, Црна Гора, Албанија и Ватикан.

Поканата за официјална посета се смета за висок израз на пријателство во билатералните односи меѓу две земји која вклучува јавни церемонии, како интонирање на химните на двете држави, размена на подароци, итн., додека работната посета се смета за помалку формална. На официјална посета вообичаено присуствува и шефот на дипломатијата.

Двајцата луѓе на највисоките политички функции во државата, Иванов и Груевски, главно патувале во странство за да присуствуваат на бизнис и политички собири, каде што на маргините се среќавале со други државници.

Пред новогодишното обраќање на шефот на државата во Собранието, од неговиот кабинет соопштија дека Иванов имал една од најактивните години, реализирајќи 149 средби со странски државници и над десетина учества на меѓународни самити на кои ги реафирмирал заложбите на Република Македонија за брз прием во НАТО и во ЕУ.

„Во рамките на моите меѓународни активности, остварив бројни средби со европските лидери. Во секоја прилика инсистирав Република Македонија да биде на масата кога Европската унија ќе носи одлуки за мигрантската и бегалската криза“, кажа Иванов пред пратениците.

Средба на претседателот Ѓорге Иванов со генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер | Фото: МИА

Средба на претседателот Ѓорге Иванов со генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер | Фото: МИА

Фуснотата што недостасува кога претседателскиот кабинет на Иванов го опишува низ бројки дипломатскиот успех на Иванов е дека повеќето од 149-те средби се случиле на маргините на лидерски собири, каде што вообичаено разговорите се кратки и куртоазни.

Од вкупно 26 патувања во странство, Иванов бил гостин само во седум држави со цел да се сретне со домаќинот, а останатите 18 посети се реализирале поради присуство на форуми и на самити заедно со други лидери.

Кабинетот на Иванов има избројано неколку патувања повеќе, со оглед дека за посети ги сметаат активностите на претседателот како комеморацијата по повод годишнината од ослободувањето од Аушвиц, присуството на погребот на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев, инагурацијата на претседателот на Хрватска, Колинда Грабер-Китаровиќ и присуството на Светското првенство во ракомет во Катар на покана од катарскиот емир Шеик Хамад бин Калифа ал Тани.

Сепак, ако се направи паралела со бројот на пoсети на други земји на српскиот претседател Томислав Николиќ и на албанскиот претседател, Бујар Нишани, може да се забележи дека Иванов повеќе патувал во странство. Николиќ бил во посета на седум држави, додека Нишани во шест.

Во изминатите 12 месеци, Иванов при официјална или работна посета се сретнал со албанскиот колега Нишани, хрватската претседателка Колинда Грабер-Китаровиќ, со албанскиот претседател Филип Вујановиќ, како и со папата Франциск во Ватикан.

Премиерот Груевски во 2015 година, пак, бил на бизнис форуми во Будимпешта, Мадрид, Париз и во Индија, а два пати бил на настани организирани од Европската народна партија. Од вкупно 14 патувања на Груевски во странство во изминатите 12 месеци, премиерот бил во три работни посети во Израел, Кина и во Обединетите Арапски Емирати. Во септември годинава тој се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, а на приемот што беше организиран кај американскиот претседател Барак Обама, се сретна со грчкиот премиер Алексис Ципрас. При посетата на Израел, заедно со израелскиот колега Бенџамин Нетанјаху, потпишаа Декларација за пријателство меѓу двете земји. Премиерот во Брисел во март разговараше и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ако се разгледа владината интернет-страница, забележливо е дека активностите на премиерот повеќе биле насочени кон сечење ленти и фрлање лопати на спортски игралишта и базени, фабрики, пешачки патеки, па и кружен тек, отколку кон дипломатски средби.

Премиерот на отворање на фабрика за ориз | Фото: МИА

Премиерот на отворање на фабрика за ориз | Фото: МИА

Премиерот изминативе дванаесет месеци бил над 70 пати во македонски градови и села, каде што пред камерите се среќаваше со локални жители, понекогаш со прикачено микрофонче за да се слушнат неговите ветувања дека ќе им ги реши проблемите како асфалтирање на улиците, изградба на водовод…

Премиерот ставил камен-темелник или пресекол лента на 22 спортски игралишта и сали во земјата. Медиумите блиски до власта информираа за „набиената агенда“ на премиерот кој посетувал по пет села во еден ден за да ги слушнел проблемите на граѓаните.

Доколку се направи споредба со државите од регонот, заклучокот е дека албанскиот и српскиот премиер биле дипломатски поактивни од шефот на македонската влада кој 14 пати патувал во странство. Премиерот на Србија, Александар Вучиќ изминатата година бил во посета на вкупно 34 држави, меѓу кои Германија, Русија и во САД, каде што се сретна со американскиот потпреседател, Џо Бајден, додека албанскиот премиер Еди Рама изминатата година има остварено 15 посети од кои три се официјални: Италија, Романија и Франција.