Анализи

Како ЕУ го усложни процесот на отворање преговори

Преглед за тоа како се одвивале процесите во другите земји, и што тоа кажува за политичката состојба во двете организации, ЕУ и НАТО

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

По добивањето условен датум за преговори со ЕУ и појаснувања на Генералниот секретар на НАТО дека референдумот е неизбежен услов за членство во Алијансата и дека поканата е покана за преговори, се намножија паничните коментари во јавноста дека Македонија е изиграна и ништо не добила. Еден мал преглед во тоа како се одвивале процесите за претходните земји, и што тоа кажува за политичката состојба во двете организации.

Европска унија

Европска комисија | Фото: Shutterstock

Веста за почетокот на преговори со ЕУ во вторникот голем дел од јавноста во Македонија ја прими со доза разочараност. Додека во оваа група очекувано спаѓаат оние кои, што и да се случеше тој ден, ќе најдеа влакно во јајцето, дел од непартиските граѓани или оние кои не се мотивирани од идеолошки причини, исто така не најдоа што да слават на тој ден. За разлика од кандидатскиот статус, на пример. Ретки беа еуфоричните, а најбројни, се чини, беа и реалистите кои сметаат дека Македонија, по 11 години заробена држава, треба да биде задоволна што сѐ уште ѝ се поставуваат услови. Сите се во право, и никој не е, реалноста е некаде на полпат.

Од една страна, вистина е дека Македонија е земја кандидат за ЕУ од 2005, дека преговорите се препорачани од 2009, и дека последна пречка на патот беше решавањето на спорот со Грција. Вистина е и дека Франција и Холандија изиграа непринципиелно, опседнати исклучиво со домашната јавност и следниот изборен период. За крај, вистина е и дека Македонија беше жртва на Албанија и на агендата на Европската комисија (ЕК) која, и покрај политичките насоки на земјите членки, упорно се обидува да турка земји во пакет во процесот на проширување.

Но, мора да ѝ се забележи на Владата, со оглед на состојбата од една страна во земјата, а од друга во самата Европска унија, дека не успеа да ги „менеџира“ очекувањата и дозволи да се создаде нереална еуфорична атмосфера, во услови кога и самата не можеше со сигурност да знае во кој облик ќе бидат отворени тие преговори. Но, колку и да стана флоскула, непобитен факт е дека процесот на проширување, ако не е целосно замрзнат, е во најмала рака сериозно забавен и дека тоа се рефлектира во начинот на кој се отвораат преговори со земјите од Западниот Балкан.

Големото проширување од 2004, кое беше целосно политичка одлука, веќе во 2007 со Бугарија и Романија почна да се менува во многу подетален процес. Денеска Софија и Букурешт се третирани како земји членки од втор ред. Иако процесот на приклучување беше полесен за нив, отколку за нас, сепак секоја година, ЕК подготвува извештај за напредокот во областа на владеењето на правото и судските реформи во овие две земји, и поради тоа се спречени да се приклучат кон Шенген зоната.

Хрватска беше првата земја на која се примени таканаречениот „нов пристап“ во пристапните преговори, кој налага поглавјата 23 и 24 (судство/фундаментални права и правда/слобода/безбедност) од преговорите да бидат први отворени и последни затворени, што им овозоможува на ЕК и на земјите членки во текот на целиот процес да одржат мониторинг и да вршат притисок во оваа област сѐ до конечното приклучување на земјата.

Новиот пристап предвидува дека за секоја земја која преговара, ЕУ може во секој момент да го забави, па дури и да го суспендира процесот, доколку нема напредок во овие клучни области. Но, разликата со претходните проширувања не се состои само во тој нов преговарачки пристап, туку и во „креативното“ раситнување или преуредување на целиот процес кој води кон отворање преговори во сѐ повеќе мали чекори. Да погледнеме подетаљно.

Хрватска

Европскиот совет во јуни 2004, го одобрува кандидатскиот статус за Хрватска, а веќе во декември истата година ја повикува ЕК да презентира преговарачка рамка со Хрватска со цел отворање на преговорите на 17 март 2005, и под услов Хрватска да оствари целосна соработка со Хашкиот суд, односно да го уапси Анте Готовина. Услов кој Хрватска не го исполнува, и, по писмо на хашката обвинителка Карла Дел Понте, на 16 март, 21 земја членка од тогаш 25 се спротивставуваат на отворањето преговори со Загреб утредента.

На 3 октомври 2005, Хашкиот суд оценува дека соработката е задоволителна и дека во многу кус рок ќе биде уапсен Анте Готовина (што ќе се случи два месеца подоцна) и со тоа му дава зелено светло на Советот на ЕУ. На истиот ден ЕУ одобрува почеток на преговорите, и неколку дена подоцна започнува „скрининг“ процесот, прегледот на нивото на усогласеност на законодавството на земјата кандидат со она на ЕУ.

Треба исто така да се напомене дека иако процесот за Хрватска, во споредба со оние кои ќе дојдат по неа, одеше прилично брзо – со Меѓувладини конференции (МК) на кои некогаш се отвораа и по 11 поглавја, Хрватска беше блокирана од Словенија цела една година поради нивниот билатерален спор, што не ја спречи Хрватска да продоложи да си ги исполнува задачите поставени во преговарачкиот процес и да се фокусира на исполнување на одредниците (benchmarks) потребни за отворање на секое поглавје во процесот.

Црна Гора

Црна Гора е најмалку проблематичната земја и најнапредната во регионот моментално, и се очекува прва да стигне до крајната цел. Таа го добива кандидатскиот статус во декември 2010, а следната година Европскиот совет потврдува дека врз основа на извештај на Европската комисија во првата половина на 2012, и доколку има напредок во борбата против корупцијата, преговорите со Црна Гора ќе можат да започнат во јуни 2012.

За разлика од Македонија и тука Советот повикува ЕК да презентира преговарачка рамка која ќе го вклучи новиот пристап. Процесот на „скрининг“ за Подгорица започнува во март, три месеца пред почетокот на преговорите. На 26 јуни 2012, Советот го прифаќа извештајот на ЕК дека Подгорица е подготвена за преговори, а тие почнуваат три дена подоцна, на 29 јуни, кога се одржува и првата Меѓувладина конференција.

Во случајот на Црна Гора, ЕУ го повика и Европол да поднесе извештај за напредокот во борбата против корупцијата, и побара од ЕК тоа да биде земено предвид при претстојните извештаи за скрининг на поглавјата, а на Црна Гора ѝ беше посочено дека независноста на судството и борбата против корупцијата остануваат загрижувачки за ЕУ и дека земјата е должна, во текот на преговорите, да приложи солидни докази за напредок во овие области.

Црна Гора напредува исто така релативно брзо во отворањето на поглавјата, но побавно во нивното затворање. Досега Подгорица има привремено три затворени поглавја, а 31 отворено, процес кој драстично се разликува од оној со Србија, каде што процесот веќе значајно се компликува.

Србија

Со Србија е најзабележливо ситнењето на чекорите во преговарачкиот процес, што всушност го навестуваше усложнувањето на процесот кој ќе го доживеат во 2018 Македонија и Албанија. Ситуацијата со Србија е толку посебна што ЕУ применува специфичен пристап, и за прв пат наместо да се отворат поглавјата 23 и 24 како што налага новиот пристап, ќе се отворат оние поврзани за односите со Косово.

Србија аплицираше за кандидатски статус во 2009, а статусот ѝ беше доделен во 2012. На јунскиот Совет на ЕУ 2013 беше препорачано да се отворат преговори со Србија, а во јануари 2014 да се одржи првата Меѓувладина конференција ЕУ-Србија, но првите преговарачки поглавја Белград ќе ги отвори речиси две години подоцна, на 14 декември 2015. До тогаш беше невидено да помине толку време помеѓу првата Меѓувладина конференција и отворањето на првите поглавја, што сведочи за тоа како ЕУ сѐ повеќе го „сецка“ преговарачкиот процес на повеќе мали чекори за да го забави.

Добивањето датум за преговори не значеше и започнување на преговорите. Главната пречка за тоа беше дијалогот со Косово, иако тој не беше експлицитно наведен во заклучоците. Србија, како што напоменавме погоре, не ги отвори ниту фундаменталните поглавја прво, туку поглавјата 32 и 35, првото за финансиска контрола, а второто насловено „други теми“ каде што спаѓа нормализацијата на односите со Косово. Притоа, од 35 поглавја Србија до сега има отворено 14, но само две има затворено, и тоа двете поглавја кои сите земји ги отвораат и ги затвораат истиот ден, бидејќи не постои усогласување со европското законодавство во тие области, а тоа се образованието и науката.

Србија напредува релативно бавно во преговарачкиот процес. Со 14 отворени поглавја просекот за Белград е отворање на две поглавја на секои шест месеци, односно четири годишно, што во споредба со другите кандидатки претставува низок просек. Треба да се истакне и дека неретките се критиките упатени до ЕУ оти во процесот со Србија таа е премногу фокусирана на нормализацијата на односите со Косово, на штета на другите области. Како за Македонија, скринингот на српското законодавство започна пред одржувањето на преговорите, со таа разлика што во заклучоците за Србија, Советот одобри да се усвои преговарачката рамка, додека за Македонија едноставно се забележува дека ЕК ќе го започне процесот со „подготвителната работа“, но не повикува да се етаблира преговарачката рамка. Тоа ќе се случи идната година кога Советот конечно ќе го одобри започнувањето на преговорите, меѓутоа не треба да се потцени користа од процесот на скрининг, кој за Македонија треба да започне на 17 јули годинава, бидејќи тој несомнено ќе ѝ заштеди време на Македонија откако и реално ќе почне да се преговара и усогласува законодавството.

За секое поглавје Европската комисија објавува извештај во кој го проценува степенот на подготвеност на земјата во одредена област од законодавството кое треба да се усогласи со ЕУ (познати во жаргонот како acquis communautaire). Процесот на скрининг трае во просек околу една година, за некои неколку месеци помалку или повеќе, зависно од подготвеноста. Процесот на скрининг може да тече паралелно и со отворањето на поглавјата. Кликнете тука за пример на скрининг извештајот за Србија во делот на животната средина.

НАТО

Македонската делегација во седиштето на НАТО | Фото: Влада на РМ

Процесот во НАТО е поедноставен, но и пополитички. Како што објасни Генералниот секретар на НАТО по средбата со премиерот Зоран Заев во Брисел, на земјата кандидати ѝ се доделува покана за почеток на преговори, тие преговори можат да траат по неколку месеци, и се заокружуваат со ратификацијата на членството на земјата кандидат од страна на парламентите на земјите членки. Процес кој може да потрае, зависно од домашните правни процедури на тие земји.

Велика Британија, на пример, побрзо ратификува од Холандија, која има покомплексни процедури. Секако основни начела како владеењето на правото и независноста на судството се фундаментални, но реформите можат да продолжат и по пристапувањето во Алијансата. Впрочем, некои земји членки на НАТО имаат сериозни проблеми во тој поглед, како Турција. Албанија и Хрватска процедурите ги завршија за една година. Поканата ја добија во април 2008, а станаа полноправни членки во април 2009, додека на Црна Гора ѝ беа потребни година и половина. Поканата ѝ беше издадена во декември 2015, преговорите биле финализирани три месеца подоцна, но ратификациите завршиле дури во јуни 2017.