Амбицијата на Македонија да профитира од „зеленото злато“, како што се нарекува доходовниот бизнис со канабис за медицински цели, што се мери во милиони евра, резултира со чести заплени на огромни количества марихуана.
Eдна таква заплена беше меѓу последните акции од април годинава, кога полицијата се пофали дека, во соработка со Американската агенција за сузбивање наркотици (ДЕА), одзела 200 килограми марихуана, проценета на над 800 илјади евра.
По трагата на тоа како завршуваат овие бомбастични акции, се навративме точно една година наназад. Истражувавме што сè се случуваше со заплената на 1,2 тони марихуана складирана во магацин за сладолед во Бутел.
Наодите на БИРН покажаа дека за една година, случајот го отвора едно, па го презема друго обвинителство. Заплената во една од најголемите полициски акции, од марихуана станува коноп, а истрагата завршува со обвинение поради немање дозвола за одгледување.
Една вонредна вест среде пандемија
22 април, 2020. Пандемијата со корона вирусот е во полн ек, со над илјада заболени дневно. Состојбата и натаму е вонредна. Топ-вест во домашните медиуми е олабавувањето на полицискиот час. Се разговара и за можно свикување на Собранието.
Шаблонизираниот тек на информирање за корона вирусот го „пресече“ спектакуларна вест што доцна вечерта ја објавија медиумите. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски објави оти полицијата одзела oгромно количество марихуана во скопски Бутел. Еден тон и 240 килограми.
Информацијата се „продаваше“ и како вонредна вест, која беше фото-документирана со слика од Тасевски, кој е во магацинот и со ракавици вади ќеса од кутија полна со скапата билка.
Вечерта, медиумите објавија видеа на кои се гледаат специјалци од ЕБР како го обезбедуваат магацинот. МВР со фотографии и видео следниот ден информира што пронашле, не само на официјалниот веб-сајт, туку и на страницата на Министерството на Фејсбук.
Покрај кутиите за сладолед, во кутии, поставени на палети се гледаат вакуумирани ќеси во кои има дршки со цветови.
Случајот беше актуелен и следниот ден, кога полициските наоди одекнаа во сите медиуми. Една недела по полициската акција, локалните медиуми престанаа да информираат за случајот, но таму каде што тие запреа, продолжија странските.
Тие објавија дека Македонија со потерница го бара Израелецот Менахем Коен, извршен директор на израелскиот гигант за одгледување медицински канабис „Медиви терапеутик“, како осомничен во акцијата.
Истрага за организиран криминал
„Географијата“ на случајот МВР ја лоцира на стотина километри од Скопје. Од крајот на јуни до октомври 2019 година, на парцела од околу 30 хектари во кавадаречкото село Сопот, скопска фирма, заедно со други фирми, саделе „индустриски коноп, без дозвола, односно одобрение“ – соопшти лани МВР.
Но, инспектори се посомневале дека засаденото не е индустриски коноп, туку наркотична дрога, па во октомври 2019 од повеќе места скршиле гранчиња од посевите и ги дале на вештачење. Додека се чекале резултатите, билката била обрана и пренесена првин во складот на „Макошпед“ во Шуто Оризари, па во магацинот на „Цермат“ во скопски Бутел.
На форензичката лабораторија при МВР ѝ била потребна речиси половина година да ги достави резултатите, кои потврдиле дека засадениот канабис е марихуана, односно дека ја содржи психотропната супстанција ТХЦ.
Сепак, Обвинителството сакало да исклучи секаква грешка, па инспектори повторно зеле примероци за испитување. Овојпат од магацинот, а резултатите стигнале веднаш.
„Повторно на 22 и на 23.4.2020 година се извршени дополнителни две вештачења, при што произлезе дека материјалот одземен за вештачење претставува опојна дрога марихуана со вршунки, цвет, семе и присуство на ТХЦ материја, која е забранета според Законот за контрола на опојни дроги“, пишува во соопштението на полицијата од 23 април.
На крајот од оваа, само навидум рутинска акција, МВР извести дека против менаџерот на фирмата, Ненад Јованов, и против фирмата „Канатек“ ќе поднесат кривична пријава за „неовластено производство, пуштање во промет психотропни супстанции и прекурсори“, за што се пропишани високи затворски казни.
Строго контролирана процедура
„Контрола“ во Законот за контрола на опојни дроги се споменува речиси 50 пати. Пропишани се детални процедури: Oд набавката на семето, до бербата и пакувањето. Неколку институции се обврзани да го контролираат овој процес: Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, Агенцијата за лекови, МВР, Царина…
За целосно да се расчисти случајот, на разговор бил повикан и сопственикот на земјиштето во Сопот каде што се одгледувал канабисот.
Се испоставило дека во приказната има најмалку тројца, па предметот доби димензии на организиран криминал. Истрагата се проширила кон нарачателот на бизнисот, Израелецот Коен. Затоа од кавадаречкото, случајот доцна вечерта на 23 април стигнал во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Јованов завршил во притвор, сопственикот на земјиштето каде што растел канабисот останал без пасош, на третиот, Израелецот Коен, му бил определен притвор, кој „ќе биде извршен по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“.
За полицијата – дрога, за Обвинителството само канабис
Но, нецели два месеца по акцијата, за која спектакуларно објави полицијата, обвинителката Милица Гаврилова ја запрела истрагата за неовластено производство на дрога. Притворот бил укинат, а пасошот на концесионерот на земјиштето му бил вратен. На страницата на МВР за меѓународни потерници никогаш не се најде името на осомничениот Израелец.
БИРН доби и потврда од Обвинителството дека Коен никогаш не бил повикан на распит, односно за него никогаш не била распишана потерница.
По овој неочекуван пресврт, од тројцата осомничени и две фирми, од првичната тенденција истрагата да се проширува, обвинети стануваат само двајца: Јованов и Коен и фирмата „Канатек“, но не затоа што неовластено произведувале дрога, туку оти немале одобрение за сеење и одгледување канабис (истото растение што содржи ниска концентрација на ТХЦ).
Судењето е закажано за крајот на септември, за судот да се обиде да го донесе Менахем во Македонија.
Осудени за само неколку саксии марихуана
Одгледувачи, произведувачи и продавачи на марихуана. Судската база е преполна со пресуди за ваков криминалитет. Обвинети стануваат осудени за одгледување само по неколку саксии марихуана.
Еден од клучните аргументи за овој епилог е тоа што наспроти трите вештачења на МВР, кои утврдиле присуство на психоактивната супстанција, ТХЦ, па заклучиле дека станува збор за дрога, Обвинителството тврди дека „запленетата растителна материја не е наркотична дрога – марихуана“.
Овој заклучок го извлекуваат од вештачење и мислење од Министерството за здравство.
Наодите до кои дојде БИРН во истражувањето покажаа дека семето што било засеано е од видот „cannabis sativa“, кое, всушност, било прекупено од скопската фирма „Евгени ДООЕЛ“ и претставува само дел од поголемо количество што требало да биде посеано. „Канатек“, според сознанијата на БИРН, преку лиценцираната фирма увезол точно тон и триста килограми семе.
Многу врева за една лиценца
Улицата Даме Груев е во строгиот центар на Скопје и е мошне фреквентна. Таму е регистрирано седиштето на скопската фирма „Канатек ДООЕЛ“. Основана е две години по озаконувањето на можноста за одгледување канабис за медицински цели во Македонија, во мај 2018 година.
Една година по основањето, во 2019, стопроцентен сопственик на „Канатек“ станала израелската фирма „Медиви терапеутик“, а управител, Израелецот Менахем Коен. Тогаш фирмата била мошне активна. За тоа сведочат и неколку огласи преку кои „Канатек“ бара техничка секретарка и контролор на квалитет.
Документ од израелската берза до кој дојде БИРН од август 2019 година покажа дека преземањето на македонската фирма се случувало во приближно исто време кога на парцелите во кавадаречко Сопот вносните билки почнувале да растат.
Итен извоз на цвет од канабис
Првиот Закон за контрола на опојни дроги е донесен во 2008 година. Изменет е шестпати. Клучна е 2016 година бидејќи оттогаш се дозволува одгледување канабис за медицински цели. Бизнисмените бараат да извезуваат сушен цвет од канабис, што на пaзарот е двојно побарана суровина од маслото од канабис. Владата даде зелено светло за толкување на постојниот закон, се чека Собранието да пресече.
Меѓутоа, во регистарот фирми што имаат одобрение за одгледување канабис за медицински цели што БИРН ја доби од Министерството за здравство, „Канатек“ ја нема. Истото е и со фирмата „Вино-рај“, што го издала земјиштето каде што растел канабисот.
На сите прашања до Министерството за здравство дали фирмата има добиено каква било дозвола, односно одобрение за одгледување канабис, одговорот беше негативен. Истото го одговорија и од Министерството за земјоделство.
БИРН го контактираше менаџерот Јованов, но тој не сакаше да говори за случајот за да не влијае врз постапката. Коен, пак, не одговори на ниту еден обид за контакт од БИРН. Одгледувачот на земјиштето, кој сега е сведок во постапката, само кратко ни рече дека за него „процесот завршил“.
Стрес на израелската берза и отворени дилеми
Компанијата со која управува Коен „Медиви терапеутик“ е една од поголемите на пазарот со суровини од канабис. Почнала како фирма за земјоделски култури, но во 2017 година, кога на нејзино чело застанува Коен, го менува „курсот“ и се фокусира кон полукративната култура – канабис.
На израелската берза „Медиви“ има проценета пазарна вредност од речиси 170 милиони израелски шекели, oдносно над четири милиони евра. Акциите на израелската компанија по истрагата во Македонија, според израелските медиуми, паднале за над три проценти.
Тоа е и причината што четири дена по акцијата, „Медиви“ испратила допис до инвеститорите, со што ги информира, но и ги уверува дека не станува збор за криминал, туку за недоразбирање. Тврдат дека сè што правела компанијата било во согласност со законите, a за тоа знаеле домашните институции, поточно дека на бербата на канабисот, по барање на фирмата, присуствувале претставници на полицијата и на Министерството за земјоделство.
Директорот на „Медиви“, во изјава за „Глобс“, вели дека македонската полиција згрешила со вештачењата и дека нивните растенија имаат незначителен процент на строго контролираната состојка ТХЦ.
Замолница до Израел
Кривичниот суд веќе испратил барање за замолница до Министерството за правда, да го информира Израел дека нивен државјанин го бара затоа што е обвинет.
„Ги имаме и сите документи што покажуваат дека работиме според македонските регулативи, вклучително со купувањето семе и полициското присуство на локацијата за време на бербата“, изјави Коен, оценувајќи го процесот како „Кафкијански“.
БИРН од адвокатите што ги застапуваат осомничените доби информација дека израелската фирма влегла во Македонија со амбиција да произведува канабис во медицински цели, но, наводно, поради „проблематичната регулатива“ се премислила, па решила да одгледува коноп и масло од коноп што се користи во индустријата.
И додека да се расчисти дилемата што всушност запленила полицијата, кутиите со одземените билки во скопски Бутел, повеќе од една година го чекаат исходот од судењето за Јованов, Коен и фирмата „Канатек“.