Имаме ли избор

Колумна на Ирена Цветковиќ

За 2024 година велат дека е изборна година. Глобално, во оваа година, како во ниедна досега, најголем број граѓани ќе гласаат на избори, кои ќе се одржуваат во најмалку 64 земји, дополнително и во Европскиот парламент. Гледано во рамки на комбинирана популација, тоа значи дека околу 49 проценти од луѓето во светот треба или можат да направат политички избор, кој ќе ги дефинира политичките односи, и кон внатре, и кон надвор.

Во овој глобален процес се наоѓа и Македонија, со закажани избори некаде на средината на годината и со предизборие, кое веќе го чувствуваме и сведочиме. Настрана техничките и правните принципи врз кои ќе се одвиваат овие избори, она што е интересно за промислување е врз какви платформи, вредности и идеи луѓето избираат денес.

Да не се гласа, исто така, не претставува вистински избор. Да не се учествува во изборот, а тоа да нема никакви импликации врз резултатите и врз можноста за формирање власт, може да биде само гест, но не и стратегија

Она што многумина го чувствуваат или го забележуваат е дека денешните генерации се сведоци на крајот на светот што го познавале. Можеби поточно, почетокот на еден веројатно долг крај на „западната“ хегемонија и клучните принципи што ја одредуваат, како идејата за мултикултурализам, (нео)либерална демократија, глобален пазар и човекови права. Истрошеноста на овие концепти, нивната недоволност вистински да уредат правични системи, како и растечката одбивност кон нив, која произлегува од оваа нивна неуспешност, е клучна одлика на денешниот свет. 

На либералната демократија денес можеме да гледаме како на изгубен хоризонт. Доколку во 2024 година треба да се усвојува универзална декларација за човекови права, таа не би била изгласана од членките на Обединетите нации. 

Ако прифатиме дека оваа декларација е една од најважните политички платформи на 20 век, која доаѓа како одговор на разорноста и комплетната девастација од Втората светска војна, тогаш на овој глобален политички процес можеме да гледаме како на една иницијатива на оптимизам. Со други зборови, ужасите, хоророт и војните, особено нивниот крај, се карактеризира со зајакнато визионерство, оптимизам и верба во просперитет.

За разлика од ова, првиот квартал на 21 век е период на падот на клучните политички концепти на минатиот век и токму со спротивни идеи. Па така, визионерството е заменето со носталгија по минатото, оптимизмот е заменет со песимизам, очај и апатичност, а вербата во просперитет со недоверба во најважните постулати на модернизмот, системите и науката. 

Воопшто не е моја интенција да кажам дека поранешниот свет е подобар од сегашниот. Таа замка одлично ја злоупотребуваат политичките популисти за своите лукративни цели. Она што го забележувам јас е дека критиката на „западната хегемонија“ е оправдана, но решенијата понудени денес не се само лоши, туку и опасни. Нема ништо успешно во концептот на мултикултурализам, кога тој во реалноста значи бегалци во кампови, мигранти задушени во камиони и емигранти во гетоа.

Нема ништо корисно од глобален пазар кога тој во реалноста значи експлоатација на луѓе и земји и енормно богатење на мала класа капиталисти. Па така, нема ни многу добро од концептите на либерализам и човекови права, кои се основа на системот, кој го овозможува функционирањето на оваа нееднаквост и страдање. Отпорот не е проблематичен. Кои сили и врз какви идеи го градат и оформуваат отпорот е нешто што треба да нè плаши.

Па, кои се платформите за донесување политички избори што ни се достапни во денешниот свет? Какви политички стратегии ќе преферираме во состојби на страв од иднината, песимизам и недоверба? Општествата и културите изградени во вакви структури, всушност, и немаат избор. Па сепак, да не се гласа, за мене, исто така, не претставува вистински избор. Да не се учествува во изборот, а тоа да нема никакви импликации врз резултатите и врз можноста за формирање власт, може да биде само гест, но не и стратегија. Оттука, верувам дека изборот е нужен, но парадоксот се состои во тоа што за кого и да се одлучиме, повторно ќе згрешиме. Не мора да одиме подалеку од Македонија за да го потврдиме тоа.

Ни останува препознавањето дека политиката е можна и надвор од партиите. Изборите се само првиот чекор во преземањето некаква одговорност кон времето и просторот во кое живееме

Не е само моја перцепцијата дека во македонската политика, Левица претставува една од најбрзорастечките политички партии со прилично автентичен раст и мобилизација. Тоа што е поразително во овој случај е што Левица не успева да понуди никаков суштински и сериозен политички одговор на лошите и погрешни политики на доминантните партии. Успешнота на Левица лежи во нивната мудра систематска окупација на еден заборавен политички простор, просторот на разочараните и гневните. Воопшто не е мал бројот на луѓето, чија политичка афилијација може да се сублимира во ставот „јас не верувам никому“ или „јас сум против сите“.

Челниците на Левица покажаа капацитет да препознаат дека ова социјално место не е празно, туку политички и тоа како потентно и успешно да го мобилизираат во свои цели. Така, денес, оваа маса на разочарани луѓе конечно има своја опција. Проблемот е што и оваа опција, иако бројна според припадниците, е политички празна. Па така, навидум имаме трета опција со навидум нова понуда, која во реалноста не значи ништо друго, освен десничарски концепти, популизам, перформанси на непослушност и храброст, и сето тоа набилдано со стероиди. Оттука изборите се повеќе спектакл и манифестација отколку сериозен процес на одлучување за иднината. 

Па, што ни останува нам што веруваме дека нов свет е возможен, ама и дека се нужни нови политички стратегии? Ни останува препознавањето дека политиката е можна и надвор од партиите. Дека изборите се само првиот чекор во преземањето некаква одговорност кон времето и просторот во кое живееме. Ни останува да не се откажуваме во заедничката потрага по различни стратегии и пракси додека свесно ги демонтираме нормативните, насилни и хегемониски упоришта на еден свет, кој и онака умира. Со други зборови, ни останува празниот простор на политичката левица, кој мора да се освои, пополни и дефинира свој нов политички хоризонт отаде идеите на капитализмот.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија