Воен рок и зошто не?

Бев изненаден, иако не премногу, од неодамнешната изјава на министерката за одбрана Славјанка Петровска дека во Македонија нема потреба од воведување задолжителен воен рок. Се разбира, не бев изненаден од самата изјава, затоа што истото го мислам и јас, воведувањето задолжителен воен рок во нашите услови е – непотребно губење време, што, според мене, е сосема доволен аргумент ова прашање да се стави ад акта. 

Она што ме изненади е идејата воопшто да се постави прашањето за служење војска, бидејќи, дури и во овдешното предизборие, воведувањето задолжителен воен рок не е тема што е на агендата на политичките партии, а на јавноста уште помалку. 

И не само што тоа не е тема, туку ни многу поважни предизвици со кои се судира македонската (професионална) армија одат под радарот и на партиите и на јавноста. Но, велам, не бев премногу изненаден затоа што прашањето за воведување задолжителен рок е во фокусот на, би рекол, половина Европа, вклучувајќи го и нашето непосредно опкружување.

Воен рок

Ако, веќе, како што вели нашата министерка, Македонија не се наоѓа во непосредна воена опасност, дека задолжителниот воен рок е логистички скап проект, дека на младите луѓе им се одзема времето што можеле да го поминат на пазарот на трудот или во образовниот процес, зошто тогаш повеќето земји, кои, исто како и Македонија, ја суспендираа задолжителната воена обврска по завршувањето на Студената војна, сега повторно ја воведуваат?

Очигледно е дека по агресијата на Русија врз Украина, приказната за „вечниот мир“ во Европа полека го губи своето примарно значење, особено поради фактот дека европската и НАТО помошта на Украина е далеку од доволна за посакуваниот епилог од оваа војна. 

Во светлото на неодамнешната изјава на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека не е веќе прашање дали Украина ќе влезе во НАТО, туку кога ќе влезе, и во предизборната изјава на можниот иден претседател на САД Доналд Трамп дека неговата земја нема да реагира ако Русија нападне некоја НАТО-држава што не ги исполнила своите финансиски обврски кон Северноатлантскиот пакт, непосредната воена опасност за Европа влегува во зоната на реалноста.

Секако, тука се и воените конфликти на Блискиот Исток, пред сѐ војната меѓу Израел и Хамас, потоа меѓу Хутите од Јемен со САД и Велика Британија, можното вмешување на Иран во воените дејствија, но не треба да се заборави и „замрзнатиот“ конфликт меѓу Кина и Тајван, како и секогаш непредвидливата Северна Кореја. Во светот, се разбира, постојат и низа други воени конфликти и потенцијални жаришта, но ајде да кажеме дека тие се надвор од европските интереси и не претставуваат некаква посредна или непосредна опасност за европската стабилност.

Мојот покоен татко беше воено лице. Јас служев во ЈНА една година. Во Бања Лука. И токму затоа сметам дека имам право да кажам дека задолжителната воена обврска е една обична глупост

За волја на вистината, некои држави го вратија воениот рок уште пред да се појават погореспоменатите кризи. Родната земја на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, тоа го направи во 2016 година. Таму е задолжителна регрутацијата, не само на момчињата, туку и на девојките со наполнети 18 години. Една од најсреќните земји на светот и најновата членка на НАТО, Финска, никогаш и не го укинуваше воениот рок. Во Швајцарија и во Австрија, на одржаните референдуми во 2013 година беше одбиено да се укине задолжителниот воен рок. Во следната земја на НАТО, Шведска, воениот рок е вратен во 2017 година, со можност и жените да служат војска.

Украина ја воведе задолжителната воена обврска непосредно по руската анексија на Крим во 2014 година. Нешто слично направи и Литванија, која оваа обврска ја воведе во 2015 година. Во Данска, иако само формално, во сила е задолжителното служење војска. Во Летонија е воведено од 1 јануари годинава. Во Естонија, Грција, Турција, Белорусија, Кипар… воениот рок никогаш не е укинат. Последната земја на ЕУ и НАТО што воведе задолжителен воен рок е Хрватска. За волја на вистината, тоа еуфемистички се нарекува „темелно воено оспособување“, ќе трае три месеци и се очекува во една генерација да се регрутираат меѓу 15 и 17 илјади момчиња.

Во Германија, Франција, Романија и во Холандија се водат големи дебати околу можноста за враќање на задолжителниот воен рок и, како што сега стојат работите, тоа веројатно ќе се случи.

Од нашето непосредно опкружување, многу веројатно е дека Косово и Србија ќе ја вратат оваа обврска.

Освен Македонија, за воведување на задолжителниот воен рок не размислуваат уште Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Унгарија и Словенија. Од земјите во НАТО исклучиво на професионална војска се потпрени САД, Велика Британија и Канада.

И зошто не?

Секоја од наведените земји што имаат задолжителна воена обврска има свои модалитети на служењето на воениот рок. Тие се некаде полиберални, некаде построги, а некаде богами и ригидни. 

Ако се земат предвид аргументите на нашата министерка околу пазарот на трудот и образованието, тогаш ќе кажеме дека во некои држави, особено во скандинавските, оние што ќе го отслужат воениот рок добиваат низа бенефиции, првенствено при вработување, потоа стипендии за образование, како и можност да ја продолжат професионалната кариера во војската. Во некои држави, оние што задолжително служат војска добиваат паричен надомест, поголем од нивната просечна плата.

Македонија ја базира својата безбедност врз прокламираната солидарност на НАТО пактот. Ако една земја е нападната, тогаш сите се должни да ја бранат. Како што веќе рековме, овој принцип веќе го проблематизира Доналд Трамп, а прашање е дали уште некоја држава со значителна воена моќ нема да се сети да го следи овој пример. Зошто некој би издвојувал средства од буџетот за да ја брани безбедноста на некоја држава што не го прави тоа?

Сепак, ова е лажна дилема. Како прво, Македонија, според најавите, годинава ќе ги достигне фамозните два проценти од бруто домашниот производ за вложување во војската, што е условот на Трамп за ефикасно функционирање на НАТО. 

Задолжителната војска во мирнодопско време е само манипулативна играчка, на која целта ѝ е да создаде луѓе подложни на авторитети и научени да размислуваат со туѓа глава, каде што секогаш е во право оној што е за еден чин повисок

Натаму, општото расположение во Македонија не е наклонето кон задолжителното служење воен рок. И оние што се за оваа опција, главно ја правдаат со некакви воспитно-образовни методи („машките ќе научат да си го наместат креветот“), а не со кревањето на воената способност на земјата. На оваа констатација ѝ оди во прилог и фактот дека пријавувањето за доброволно служење на воениот рок е сведено на минимум. 

Од друга страна, според податоците, интересот за професионалната војска е повеќекратно поголем од капацитетите што ги има АРМ. Тоа значи дека во, не дај Боже, некаква потреба, секогаш може да се размислува за зголемување на професионалниот погон. 

На крајот на краиштата, денес војните се водат со висока технологија, а не со луѓе што главно служат како „топовско месо“.

На крајот, фер е да кажам нешто и за сопственото искуство. Јас сум роден, израснат и созреан во СФРЈ и врз мантрата: „Живееме како сто години да ќе има мир, а се спремаме како утре да ќе има војна“. Мојот покоен татко беше воено лице. Јас служев во ЈНА една година. Во Бања Лука. И токму затоа сметам дека имам право да кажам дека задолжителната воена обврска е една обична глупост. 

Тоа беше мојата најбескорисно и најглупаво потрошена година. А не дека не сум ги арчел и останатите години во некои бесцелности. Ниту научив да местам кревет, ниту знам да ракувам со оружје, ниту, пак, некој ме дисциплинирал.

Задолжителната војска во мирнодопско време е само манипулативна играчка, на која целта ѝ е да создаде луѓе подложни на авторитети и научени да размислуваат со туѓа глава, каде што секогаш е во право оној што е за еден чин повисок. Така што, апсолутно се согласувам со министерката.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија