Димна завеса

Ниедно прашање никогаш не треба да се игнорира. Легитимно е да се разговара за предлогот претседател на државата и негов заменик да се избираат во Собранието, а не на избори. Особено, ако предлогот доаѓа од повеќе партии на Албанците, и во власта, и во опозицијата.

Македонија имаше скромно искуство со избор во Собранието на претседател на државата и негов потпретседател. Тој избор на двоецот Киро ГлигоровЉубчо Георгиевски остана запаметен најмногу по несогласувањата по што Георгиевски, по неколку месеци поднесе оставка на потпретседателската функција. И двајцата, во 2000 година влегоа во Гинисовата книга на рекорди, ама не како двојка од тој период, туку како двојка од највозрасен претседател и најмлад премиер.

Поминаа години. Сите што сега ја ставија темата во изборниот барабан, во исто време и ја девалвираа. Зошто? Затоа што решија да ја шверцуваат предизборно, како услов за поддршка во вториот круг од претседателските избори, односно за разговори за идната влада. 

Случаен ли е овој редослед или јасно открива дека во приоритетите на ДУИ, изборот на претседател (Албанец) во Собранието предничи пред напорите за обезбедување мнозинство за уставните измени со кои е условен почетокот на преговорите со ЕУ? 

На тој начин, на предлогот му дадоа ореол на наметнато – подметнато, нешто што може да се користи како притисoк за комбинаторики. Нешто што ќе ги тестира партиите од македонскиот блок – дали ќе се фатат за оваа јадица ако се во тесно со изборните резултати, или за да им стане тесно на оние, кои поради подобар изборен скор, широкоградо ќе ја отфрлат. 

Така не се разговара. Така само се убива темата, која бара широка јавна и стручна дебата. Арбер Адеми дури и одржа прес-конференција пред канцеларијата на претседателот на Водно, небаре ја исцртува територијата на институцијата, која низ уставни измени треба да биде „ослободена“. Небаре стои пред портите на некој диктатор, а не пред портите на шефот на државата, кој беше избран со нивна консензуална поддршка.

Ако ДУИ го имале тој предлог во програмите од 2014, 2016 и од 2020 година, зошто досега не отворија дебата за него во неизборен период? Вака само ги предизвикуваат партиите од другите заедници и тие соодветно да парираат со нивни барања, па да се создаде една шума од услови, во која секој секого со нешто ќе го уценува и на крајот да дојдеме до уште една потврда на една позната изјава од 1990-тите години дека со ситни души не се прави држава. 

Ако не се гради атмосфера за изборно неоптоварен разговор на таа тема, ако не се гради стабилна внатрешна интеграција без продавање етнички триумфализам, тогаш како ќе стигнеме до европска интеграција? И ако ѓаволот се крие во деталите, не е на одмет да се забележи дека во говорот на Ахмети прво е посочена уставната измена за избор на претседател и заменик-претседател на државата во Собранието, а потоа уставната измена за вклучување на бугарската и другите заедници во Уставот. Случаен ли е овој редослед или јасно открива дека во приоритетите на ДУИ, изборот на претседател (Албанец) во Собранието предничи пред напорите за обезбедување мнозинство за уставните измени со кои е условен почетокот на преговорите со ЕУ? 

Иако Ахмети се препорача себеси како човек што е подготвен да ја води таа битка, потсетувајќи дека тој секогаш го исполнувал неговиот збор, тоа не кореспондира со вистината. На 19-от роденден на ДУИ и Светскиот ден на животната средина – 5 јуни 2021 година, исто така со љубопитност се чекаше Ахмети да соопшти голема вест. Тогаш тој соопшти дека партијата ја прифаќа зелената агенда како дел од Европскиот зелен договор и ја додава на нејзините програмски столбови како еден приоритет. Поетично нѐ потсети дека во неговата младост, реките биле толку чисти, што ја пиеле таа вода. А денес тие се загадени, планините напуштени, диви депонии растат на секој чекор.

Тенденцијата да се фрлат и да се глодаат етнички коски во изборниот период е наменета како димна завеса за да не се види колку од кадрите, искомпромитирани во изминатите мандати, повторно ќе се најдат на изборните листи

„Сите ние заедно имаме одговорности за местото каде што живееме, сите дишеме ист воздух, сите пиеме иста вода, сите нас нè грее истото сонце, сите ние се храниме од оваа земја. Затоа, почнуваме нова политика, нов начин на водење политика и директно дејствување, надвор од етничките права – политика за еколошка правда, квалитет на живот“, рече Ахмети.

Тогаш, за првпат ДУИ прозвучи како модерна партија. Ама тој имиџ кратко траеше. Таква битка не видовме ни како последно нешто, а камоли како еден од приоритетите. Сегашното враќање назад, кон етнички теми и поход кон етнички трофеи во нивоата на власта, говори дека партијата нема идеи соодветни за сегашноста и само се обидува од исушен лимон да исцеди уште некоја капка.

Реките и натаму се загадени, институциите балансерно обесмислени и неефикасни, општествениот простор контаминиран од поларизација и поделби. Успесите каде се? Вест на денот е дека дополнителниот заменик-министер во МВР на граничен премин го пречекал камионот со обрасци.

Актуелната понуда на партиите е под нивото на потребите на земјата и на внатрешен план, и во контекст на геополитичките случувања. Тенденцијата да се фрлат и да се глодаат етнички коски во изборниот период е наменета како димна завеса за да не се види колку од кадрите, искомпромитирани во изминатите мандати, повторно ќе се најдат на изборните листи. И токму затоа, во целиот процес најважни остануваат индивидуалните „рецептори“ на граѓаните – дали тие ќе успеат да ги препознаат и казнат импровизациите и манипулациите.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија