Пребројување на прсти

Реакциите по објавените резултати од пописот потврдија со кoлкаво партиско лицемерие и фрапантна незрелост сме опкружени. Кажано со вистинските зборови – опкружени сме со инфантилност и неодговорност од библиски размери. Токму парламентарните партии и разни „патриотски“ здруженија, кои со месеци повикуваа на бојкот на пописот, сега се „најзагрижени“ за процентите на етничките Македонци.

А тоа што секој ден ги повикуваа луѓето да не им отвораат врата на попишувачите, нема врска, нели? И сега нервозно прашуваат каде се стопил процентот на Македонците, па уште и бесрамно обвинуваат за фингирање податоци, без никаква одговорност дека го жнееме и тоа што тие го посеаја. И кој е виновен? Единствено Апостол.

А овие „апостоли“ на задоцнетата памет, кои денес вреват за пописна виктимизација и креваат морална паника за партиски цели, да беа навистина загрижени за Македонија и да не беа заслепени од теснопартиски мотиви, најпрво ќе ја видеа страотната слика дека земјата забрзано старее – просечната возраст на населението е 40 години, а 207 населени места се целосно испразнети.

Дали слушнавте некој да говори за образовната и квалификациска структура на населението? Кај нас тоа не е важно. Битни се партиските „школи“

Домаќинствата одамна не се четиричлени, сега се тричлени, а бројот на жители од последниот попис е намален за 185.834 лица. Тоа е како да исчезнале два града со големина на Куманово, ако се земе предвид податокот дека оваа најголема општина има 98.104 жители. Ни збор за тоа од гласните партии. Дали слушнавте некој да говори за образовната и квалификациска структура на населението? Кај нас тоа не е важно. Битни се партиските „школи“.

А секој разумен човек, секоја искрена партија, без разлика на идеолошкиот или етничкиот предзнак, по вакви податоци најмалку што може да направи – е да повика на итна акција/стратегија за превенирање на погубните трендови на миграции село – град и особено надвор од земјата.

Зрели демократии не ги политизираат резултатите од пописот, туку ги користат за да ги лоцираат сферите каде што треба ургентно да се дејствува. Ние не сме зрела демократија. Ние сме „квотна демократија“, во вечна трка по проценти за формулата на поделба на колачот. А токму поради нејзината злоупотреба, многу млади видоа дека „нема математика“ да останат овде.

Заминаа барајќи подобар живот. Заминаа за да останат во други земји. Заминаа без да се свртат. Ги полнат статистичките графи во странство. Нашите источни соседи реагираат на ниската бројка на попишани Бугари (3.504) наспроти над 100.000 што поднеле документи за докажување бугарско потекло за да добијат бугарско државјанство. Оваа разлика некои ја толкуваат како репресија врз македонските Бугари.

Нема такво нешто. Зар во Бугарија навистина веруваат дека толку луѓе аплицирале само за да искажат бугарска самосвест, а не за да си обезбедат европски пасош и да фатат пат кон светот? Секако, во таа бројка има дел, кои без такви мотиви се изјасниле како Бугари, но мотивите на најголемиот дел воопшто не се национални, туку егзистенцијални.

Но, и на овој план кај нас има непотребно ликување. „Ете, се виде колку малку Бугари имало“. На другите податоци не им веруваат, ама податоците за Бугарите ги сметаат за точни. Уште едно големо лицемерие и уште еден непрепознаен пораз.

И Македонија, и Бугарија, која, исто така, се соочува со огромен демографски пад, не треба да спорат за овие бројки. Ниту македонските Бугари се спречени да се изјаснат како Бугари, ниту го зајакнуваат демографското конто на Македонија. Најголемиот дел од нив денес „македонствуваат“ или „бугарствуваат“ подалеку и од Македонија и од Бугарија.

Додека двете земји се расправаат за средниот или минатиот век, овие лица живеат во 21 век, во Германија, Австрија, Италија, Шпанија, Франција, Британија… И среќни се што избегале подалеку од споровите во балканските сокаци. Денес нивните деца се раѓаат во трети земји. Не во Македонија и не во Бугарија.

Ние сме „квотна демократија“, во вечна трка по проценти за формулата на поделба на колачот. А токму поради нејзината злоупотреба, многу млади видоа дека „нема математика“ да останат овде

Во тоа е заедничкиот пораз. Овде доаѓаат на одмор, кога им требаат поевтини здравствени услуги или да ги погребаат родителите. Сурово, ама вистинито. Животот не е во пописните графи, туку во реалноста. Македонија и Бугарија ги изгубија тие луѓе, бидејќи историјата не е поважна од егзистенцијата, економијата, стандардот и од иднината.

И додека се расправаме зошто 132.260 неизјаснети граѓани не се идентификувани според „светото тројство“ – националност, јазик, вероисповед (и дали и колку во таа бројка има и Бугари), додека сме длабоко занесени во таа типологија на етницитетот издигнат на трансцедентално ниво, пропуштаме да видиме уште колку луѓе во моментов си ги пакуваат куферите.

Пропуштаме да се соочиме со сознанието дека не е важно по кој метод ќе биде идниот попис, туку дали тогаш ќе има кого да попишеме, освен инвентарот на тие што заминале. Зашто ако продолжиме вака, за следниот електронски попис нема да ни бидат потребни ни регистри. Ќе може да си се преброиме на прсти.

П.С. Им посакувам добро здравје и многу пра/правнуци на 51-то лицe што дочекале да доживеат возраст од 100 години. Успеале да преживеат војни, но и многу повеќе од тоа: да го преживеат и нашиот „мир“ со децениски турбуленции и неизбежни дневни дози на стрес, што е и повеќе од херојски подвиг.