Симболи на раздвојувањето

Не сум нешто премногу оптоварен, ниту воодушевен со националните симболи. Но, ги почитувам затоа што така наложува доброто воспитување, односно сфаќањето дека со нивното непочитување секако ќе ги навредите чувствата на оние што се идентификуваат со тие симболи. А тоа не го сакате. Или…?

Од друга страна, градењето култ околу некое парче ткаенина што по некој случај се промовирало во национално или државно знаме и вревењето што би требало да претставува пеење на извесна песна што е прогласена за државна химна, секогаш ми биле сомнителни манифестации на таканаречениот патриотизам.

Не значи дека ако се лигавиш бакнувајќи го знамето автоматски си ја сакаш и татковината. Или идејата. Или што и да е што таа ткаенина го претставува. На крајот на краиштата, премногу жртви и мртви помни историјата, кои изгинале токму понесени врз верноста кон симболичните значења на овие инсигнии.

Симболите играат важна улога во животот на човекот. Јас би рекол – преважна. Човекот е токму затоа „симболичко суштество“. Затоа што е подготвен да убие поради симболи, митови, претстави, традиции, знаци… И да биде убиен поради нив. Цел животински свет се убива меѓу себе. И китовите, и мачките, и бубачките, и рибите… Ама никој од нив не се убива поради симболи и метафори. Нивните причини се сосема конкретни – територија, плен, битка за женка…

Немам ништо против Адем Демачи да добие улица во Скопје. Ама, мораше ли да се смени името токму на улицата наречена Втора македонска ударна бригада?

Токму од овие причини и реков дека ги почитувам симболите што ги почитуваат луѓето. Не сакам, бре, да го изгубам животот за имагинација.

Од истите причини можам да кажам дека воопшто не ги почитувам оние симболи што го навредуваат другиот и што во себе носат сериозен потенцијал за судир. Национализмот воедно е и најевтината и најскапата причини за тензии и страдања. Велам најевтината, затоа што тензиите се постигнуваат со секому достапни средства: развеј некое знаме и отпеј некоја песна и тоа е доволно да се крене адреналинот кај човекот од „спротивниот табор“. Особено ако тоа се прави пред очите на претставниците на политичката власт.

Настаните во Тетово и во Скопје што ги предизвика неофицијалната посета на косовскиот премиер Албин Курти се токму еден вид катализатор за создавање нови тензии во кревкото македонско општество. Сосема непотребното виење на знамето на таканаречената Голема Албанија, величењето на оваа пропадната идеја, пеењето песни во нејзина чест, претставувањето на Курти како некаков месија на севкупниот албански народ, како и неистакнувањето на какво било македонско обележје секако се провокации наменети да се предизвикаат жестоки реакции и да се вжештат релативно стабилизираните меѓуетнички односи. И тоа во еден навистина осетлив момент за Македонија (уставните измени и бугарските притисоци).

На секој оној што може да види барем некакви контури од големата слика секако му е јасно дека прекумерното манифестирање на великоалбанскиот национализам е канче со однапред истурено млеко. Национализам заради национализам. И ништо повеќе. Ние сме членка на НАТО. Албанија е членка на НАТО. Косово е практично држава на НАТО и европски протекторат. И тука во догледно време нема никакво мрдање.

Она што мене многу повеќе ме загрижи од бадијалџиското „покажување сила“ и обиди за нечие понижување беше промената на името на улицата Втора македонска ударна бригада. Верувајте, немам ништо против Адем Демачи да добие улица во Скопје, инаку еден од коосновачите (токму со Албин Курти) на движењето „Самоопределување“, чиј лидер е токму Курти. Ама, мораше ли да се смени името токму на улицата наречена Втора македонска ударна бригада?

Релативизирањето на антифашистичката борба, би рекол единствената вистинска легитимација за македонската сегашна државност, не почна со промената на улицата. Почна многу порано

Нема сега тука да образложувам која била Втората македонска ударна бригада, колку борци имала, колку од нив загинале, дека учествувала во битките, не само за ослободување на Македонија, туку и на Југославија (Сремскиот фронт, воени дејствија во Хрватска и во Словенија). Сето тоа го имате на интернет и во историските учебници.

Ако ги сфатиме и имињата на улиците како симболи на идеи и идеали за кои се заложувало македонското општество, тогаш ќе заклучиме дека ова не е никаков удар врз македонскиот народ и македонската држава. И ова не е никаква манифестација на великоалбанскиот шовинизам или иредентизам. Ова е уште една релативизација на антифашизмот.

А, ако сакаме да бидеме искрени, тогаш мора да признаеме дека релативизирањето на антифашистичката борба, би рекол единствената вистинска легитимација за македонската сегашна државност, не почна со промената на улицата Втора македонска ударна бригада. Почна многу порано, со тивка, но ефикасна рехабилитација на луѓето, кои во пресудните моменти се одредиле на погрешната страна од историјата. И бришењето или анатемисувањето на антифашистите од и во колективната меморија.

Некој тука ќе ми забележи дека наспроти мојата прокламација за небитност на симболите и за залудните жртви, паднати во нивно име, тука покажувам сериозно уважување за луѓето што ги дале своите животи за извесни идеали. Навидум ќе бидат во право. Но, само навидум. Единствените идеали, според мене, за кои човек вреди да се бори и за кои се бори се: слободата, правдата и правата. Слободата што не ја загрозува слободата на другиот. Правдата што не ги загрозува другите. И правата што не загрозуваат никого. И за нив секогаш сум се залагал и борел. Барем во рамките на моите капацитети.

И што навистина направивме во овие три децении да ги прокламираме овие вредности? Што направивме да ја ревитализираме одамна мртвата политика на „братството и единството“ (денес би рекле „мултикултурализам“)?

Во моментот на посетата на косовскиот премиер Албин Курти, јас бев (и уште сум) на годишен одмор во Албанија. Со моите домаќини во Саранда, каде што летувам со години и со кои сме веќе практично домашни пријатели, вообичаено ги разврзуваме токму овие теми. Моите домаќини ги делат моите ставови, а јас нивните. Јас уживам во нивното море, тие се задоволни од моите пари. Нема никакви знамиња и никакви химни, нема националистички испади и жестења. Има само морска сол и морска храна.

Може ли секогаш да биде така? Може ли на сите да ни биде убаво? Може, се разбира. Ако го посакаме тоа. И ако поработиме малку на тоа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија