Скица за Блаже Конески

Покрај толку многу умни и значајни искажувања што деновиве се појавија по повод стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, овој текст секако чувствува извесна нелагода што како тема го зема нашиот великан. Особено затоа што неговиот автор е далеку од стручен во која било од областите каде што Конески ги искажуваше талентот, знаењето и генијалноста.

И, да, не можам да кажам дека го познавав Блаже Конески. Не ми беше професор. Всушност, и не можам да кажам дека во тоа време воопшто имав некаков афинитет кон македонската литература или кон јазичните прашања. Сепак, имав среќа да седам два или трипати на иста маса со него и неговото друштво во Клубот на пратениците во Скопје, но онака млад и несигурен немав никаква смелост да влезам во каков било дијалог, а камоли дискусија со величините што седеа околу мене.

И тогаш кога ќе разменевме по неколку збора, тие беа стриктно службени: барање изјава по некаков повод, некаков материјал или воопшто некакво мислење. Секако, недоволно за изнесување одредени впечатоци, а особено не за простирање релевантни тези и заклучоци. Но, секако доволно за да сметам дека и од тоа мое искуство нешто треба да остане запишано.

Политичките партии, без оглед од која провениенција се, знаат да истргнат некој негов цитат од неговиот природен контекст и да го стават во некоја нивна дневно-политичка агенда

Една од работите на која се сеќавам е една промоција во книжевниот салон на тогашна „Мисла“ наспроти Соборниот храм. Се промовираше една монографија, мислам за Кузман Шапкарев (сега не можам да се сетам), чиј автор беше Конески, а „Мисла“ ја објави во едицијата „Матица македонска“. Знам дека тогаш од книжарницата украдов една книга. По случаен избор, што би се рекло. Практично не стануваше збор за никаков мој избор, туку тоа беше првата книга што ми се најде под рака и која заврши во мојата чанта без воопшто да го погледнам насловот. Дури подоцна видов дека станува збор за „Земјата на снегот“ од Јасунари Кавабата, лектирно издание што и онака го имав дома. Воден од грижата на совест се вратив во книжарница и посрамено објаснив дека книгата на некој волшебен и за мене непознат начин се нашла во мојата чанта. Книжарката благо се насмевна (на што сум ѝ и денес благодарен) и ја врати книгата на полиците.

Но, она на што навистина се сеќавам е дека промотивната беседа ја држеше Гане Тодоровски. Беше тоа навистина извонреден говор и знам дека помислив дека ништо поубаво немам слушнато на македонски јазик. Потоа стана Блаже Конески да каже неколку збора. И наместо вообичаените благодарници што следат во таа пригода, на мое големо изненадување, Конески почна да ја критикува сопствената книга. Отприлика рече дека се спротивставувал таа книга да се објави; дека тоа, впрочем, не е ниту книга, туку собрани реферати и текстови што тој по разни поводи и пригоди ги пишувал; дека немал време да ја вообличи итн. Ама дека на инсистирање на Божин Павловски и некои други личности, ете, сепак попуштил и се согласил. И на крајот додаде дека сега сфаќа дека оваа книга, сепак, има смисла. Имено, ако не била таа, немаше ни Гане Тодоровски да напише толку убав и толку добар текст. И заклучи дека тоа е доволна причина за да се појави една книга.

Оваа навидум ефемерна анегдота ми ја поби дотогаш за мене важечката максима дека човекот е составен од 90 проценти вода и десет проценти суета. Целосното отсуство на суетност и во однос на сопственото дело, а уште повеќе во однос на радоста искажана за добро завршената работа на неговиот колега само ми покажа дека колку е човек поголем, толку е поскромен. Се разбира дека Блаже Конески и во тој миг имаше „дебели“ причини да го истакнува сопствениот авторитет и да седи на престолот што заслужено му припаѓа, ама не, силен, сепак се клонеше на власта своја да се реши (ако смеам да го парафразирам од неговата песна „Нежност“).

Она што јас го помнам од оние ретки средби е дека секогаш беше отворен за сите разговори и сите идеи, а сведочев и на некои не баш паметни муабети од неговите соговорници. Секогаш имаше трпение за секого, со онаа негова блага, ама заразна насмевка.

Денес ми е жал што никогаш во животот не водев дневник, односно не сочував никакви записи од моите средби со луѓето што повеќе не се меѓу нас, а оставиле некаква трага врз мојот развој. Сеќавањата што ги носам во себе, повеќе не се авторитативен извор и бледнеат сѐ повеќе. Сепак, можам да посведочам дека, во една пригода, кога отидов кај него во МАНУ да земам некој текст, Конески ми рече: „Човек се учи дури е жив“. Тоа ми го кажа во контекст на некоја негова случка, каде што не се снашол најдобро, а решението буквално му било пред очите.

Ете, за жал, не се сеќавам за што точно стануваше збор, само се сеќавам дека помислив дека таа интелектуална планина пред мене признава дека сѐ уште учи, признава дека не знае некои можеби едноставни работи и дека е подготвена сѐ уште да работи на себе. Таа неверојатна отвореност кон сето она што го опкружуваше ми остана како еден од најсилните впечатоци што до денес ги носам за Конески.

Ефемерните политичари и денес знаат да го наречат „џуџето од Небрегово“, не сфаќајќи (или кристално јасно разбирајќи) дека ако ја отсечат таа гранка, едноставно ќе немаме за што да се фатиме

Го напаѓаа уште додека беше жив. Политички го употребуваа и злоупотребуваа. Се појавуваа цели трактати за наводната „србизација“ на македонската азбука; за изоставувањето од азбуката на таканареченото „големо ер“ што е наводно направено по диктат од Белград; му беше префрлано дека е белградски ученик (како божем да не беше и софиски) итн. Тие што го напаѓаа подоцна станаа министри, директори, писатели… со еден збор угледни членови на заедницата. Сакам да кажам дека не постоеше никаква одмаздољубивост во него, а секако имаше моќ да се одмазди.

Го употребуваат и злоупотребуваат и денес. Политичките партии, без оглед од која провениенција се, знаат да истргнат некој негов цитат од неговиот природен контекст и да го стават во некоја нивна дневно-политичка агенда. Ефемерните политичари и денес знаат да го наречат „џуџето од Небрегово“, не сфаќајќи (или кристално јасно разбирајќи) дека ако ја отсечат таа гранка, едноставно ќе немаме за што да се фатиме.

Без потценување на останатите македонски дејци, ама токму делото на Конески е она за што треба да се држиме и во овие турбулентни времиња на непризнавање на македонскиот идентитет.

Се разбира дека и овој текст можеше да биде преполн со цитати од Конески, но тоа не му беше намерата. Намерата беше да се истакне една негова особина, која малкумина ја споменуваат во овие денови на стогодишнината од неговото раѓање, а која мене ми беше многу важна, а тоа е дека овој великан, овој стамен столб на македонската куќа, првенствено беше – човек од крв и од месо. И без суета.