Уште еден библиски дожд

„Вашата земја мора да е многу богата!“. Оваа констатација пред повеќе од две децении ја искажа газдата на куќата во Баку, Азербејџан, каде што престојував неколку дена. Човекот дојде до ваков заклучок по еден колоквијален муабет за климатските услови во нашите две земји и тоа по мојата констатација дека во Македонија во текот на годината температурата може да варира и цели 60 Целзиусови степени (од минус 20 до плус 40).

Кога го прашав од каде го извлече овој заклучок, тој ми одговори дека ние мора да имаме најмалку четири гардероби во една година, односно за секое годишно време, а гардеробата, нели е скапа работа. Тој ми објасни дека во Баку температурата варира за десет степени и дека плус 15 Целзиусови е студ, а плус 25 е лето. 

Со други зборови, доволна е една гардероба за да се истера годината.

И навистина Македонија, во таа некоја климатска смисла, е благословена земја. Ние, од една страна, ги чувствуваме благодатите на сите годишни времиња, а од друга страна поштедени сме од урагани, торнада, силни ветришта, долготрајни снегови, повеќедневни силни дождови, долготрајни високи речни водостои…

Последната скопска поплава е класичен резултат на „бетонирањето“ на Скопје. Едноставно, не остана ниту мало парче земја што може да впие дел од водата. Онаму каде што по некое чудо останало парче зеленило, таму – немаше поплава

Како потврда на оваа теза ќе наведам само еден факт: во Македонија, која е планинска и не може да се пофали со премногу плодна земја, никогаш во историјата не е забележено дека некој умрел од глад! Да се качите на планина ќе најдете костени, сливи, дудинки, печурки, разно-разни хранливи растенија…, доволно да се преживее.

Кога е веќе така, тогаш зошто, по ѓаволите, секој, дури и краткотраен пороен дожд предизвикува некаква поплава? 

Сега некој ќе спомне дека природни непогоди се случуваат секаде во светот. Се случуваат во земји што во овој поглед се многу посериозни од нашата (се сеќаваме на не толку дамнешните поплави во Германија), а се случуваат и во опкружувањето (поплавите во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска…).

Да, точно е тоа, но секогаш постои едно „но“. 

Ако веќе се сеќаваме барем на европските поплави, тогаш би требало да се присетиме дека без исклучок станува збор за надојдени реки по повеќедневни дождови. Би требало да ги помниме телевизиските снимки каде што е покажано како локалното население и надлежните служби се бранат од надојдената вода со полни вреќи песок. Дури, ако сакате, и големата поплава во Скопје од 1962 година беше резултат на излевањето на Вардар, а не само на дождовите што тогаш го зафатија главниот град.

Во трагичната поплава од август 2016, како и во оваа од минатата недела, ниту една река, не само што не се излеа, туку воопшто не постоеше таква опасност.

Втората теза, според која вината се префрла на Божјата волја (милениумски дождови, библиски невремиња итн.), исто така не држи вода, макар таа била и дождовница. Ниту тој неколкучасовен дожд од 2016 година, ниту овој получасовен скопски дожд не можат да се оквалификуваат како не знам какви катастрофи, затоа што тие тоа, едноставно, не се. (Погледнете што се случува во Пакистан и ќе сфатите што е катастрофа). 

Летните поројни дождови, проследени со град и грмотевици, ниту се нова појава, ниту се некаков редок природен феномен.

Зошто тогаш ни се случува ова што ни се случува?

Одговорот, се разбира, никогаш не е еднозначен, ама сепак може да се сведе на еден заеднички именител – целосна општествена некадарност за соочување со еден летен дожд.

Постојат три начини на кои современите општествени системи се соочуваат со природните и сличните катастрофи. Тоталитарните и авторитарните општества се обидуваат овие несреќи да ги турнат „под тепих“ и да ја минимализираат штетата преку сопствената пропагандна машинерија. На некогашниот Советски Сојуз тоа дури некое време и му успеваше со прикривањето на хаваријата во атомската централа во Чернобил. 

Вториот начин го применуваат таканаречените рационални држави. Тие не ја кријат катастрофата, не ја минимализираат и не ја зголемуваат, туку, едноставно, се трудат рационално да му пристапат на проблемот и да најдат соодветно решение.

И третиот начин го применуваме – ние!

Кај нас летните дождови, по правило, се прогласуваат за „незапамтени во поновата историја“, па дури и како резултат на некакви теории на заговор од типот на ХАРП системот и слични глупости. Важно, вината не е наша.

Веројатно нема никаква полза одново да се споменува проблемот со атмосферската канализација (само околу една третина од скопските улици е покриена со атмосферска канализација, а никој веќе не знае и таа во каква состојба е)

Македонија е сончева земја. И сушна. Жедна за вода. Не постојат дождови што оваа земја нема да ги впие. Освен, ако нема земја. Односно ако нема водата каде да истече. 

Веројатно нема никаква полза одново да се споменува проблемот со атмосферската канализација (само околу една третина од скопските улици е покриена со атмосферска канализација, а никој веќе не знае и таа во каква состојба е). 

Но, она што со сигурност може да се каже е дека последната скопска поплава е класичен резултат на „бетонирањето“ на Скопје. Едноставно, не остана ниту мало парче земја што може да впие дел од водата. Онаму каде што по некое чудо останало парче зеленило, таму – немаше поплава. Сѐ до оној момент кога и таму ќе никне некаков станбен или комерцијален комплекс, па и таму ќе има поплава.

И конечно, постои еден многу битен фактор што воопшто не се споменува. Или тоа се прави прилично срамежливо. А тоа се климатските промени, односно глобалното затоплување. И во овој случај Македонија е една од оние држави што ништо не презема на ова поле и за која светската тема број еден (по војната во Украина) е целосно небитна и неинтересна. 

И, ете, големата вода ќе ни се повторува циклично и сѐ почесто.

На крајот, морам да се согласам со мојот азербејџански соговорник. Да, Македонија е богата земја, но не затоа што тука луѓето ја менуваат гардеробата во согласност со годишното време, туку затоа што се подготвени одново и одново да ги плаќаат последиците на летните дождови, наместо да ги превенираат изнудените поплави или барем попаметно да си ги планираат градовите и станбените целини.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија