Регион

Косовските уметници ја користат културата, за да промовираат правда и мир

Уметниците и културните активисти од Косово, низ својата работа, се справуваат со траумата од военото минатото

Милица Ѓурѓевиќ, од српската десничарска организација Заветници, пред неколку месеци реагираше луто.

Целта на фестивалот „Мердита, Добар ден“ е да се прикаже косовската култура пред белградската публика.

Но, оваа манифестација, многу пати беше пропратена со протести, како, на пример, во 2014 година, (кога се одржа првиот фестивал), кога Рона Нишлиу, добро позната пејачка од Косово,  одржа концерт или кога поранешната косовска претседателка, Атифете Јахјага, најави обраќање на оваа манифестација.

Во 2018 година, српската полиција, на граничен премин при влез во Србија, на албанската уметница од Косово, Елиза Хоџа, ѝ одзеде три фотографии, кои требаше да бидат изложени на фестивалот.

На фотографиите беа прикажани симболи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), која српската власт ја смета за терористичка организација. Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, рече дека со конфискација на фотографиите, тој спречил „промовирање на терористичка организација, во име на културата“.

И покрај ваквите реакции, уметноста и културата сѐ повеќе се користат како алатка за разбирање и справување со минатото, како во Косово, така и во Србија, а пропратени се и со други методи за промовирање на постконфликтната правда и помирување.

Уметничките интервенции можат да создадат „неформални соработници, за најважните механизми на транзициската правда, како што се вистината и процесот на помирување, јавната лустрација, јавното извинување, психолошките репарации, барањата за јавен пристап до државните евиденции и друго“, сугерира, Сања Бахун, во поглавјето од нејзината книга објавена во 2015 година, „Теории на транзициската правда“.

Орли Фридман, вонреден професор на Универзитетот „Сингнидунум“ во Белград и директор на Центарот за компаративни студии за конфликти, вели дека фестивалот „Мердита, Добар ден“, е пример за иницијативата „луѓе на луѓето“, кој нуди алтернативни пристапи кон косовско-српскиот конфликт, од оние што ги нудат политичарите од обете страни.

„Покрај тоа, верувам дека таков фестивал нуди и алтернатива на секојдневниот национализам кој расте од горе надолу“, пишува таа, во претстојната статија за академскиот журнал „Нации и национализам“.

Сепак, сè уште, во значителна мера, е присутно спротивставувањето на напорите за унапредување на помирувањето меѓу Србите и косовските Албанци. Во март годинава, кога во Белград беше прикажан документарниот филм „Фердонија“, кој говори за животот на една жена од Косово, која во војната го загубила своето семејство, неколку стотици хулигани се обидоа да влезат на проекцијата и да ја прекинат.

Демонстранти во Белград, кои во мај годинава, се обидоа да го спречат одржувањето на фестивалот, „Мердита, Добар ден“. Фото: „Мердита, Добар ден“/Фејсбук

„Да се допре до младите“

Во Документацискиот центар на Косово во Приштина, основан од невладината организација, Фонд за хуманитарно право (ФХП), од самото основање во 2017 година, се одржуваат изложби и други уметнички поставки, поврзани со прашањата на транзициската правда.

Во овој центар, Вејд Годар, кој како хонорарен фотограф за Ројтерс, Њујорк Тајмс и Њусвик, ги покривал конфликтите во поранешна Југославија, има постојана изложба на фотографии, со кои тој ги забележал страдањата на жртвите од војната во Косово.

Втората постојана изложба се состои од девет кратки документарни филмови, кои говорат за начинот на кој злосторствата извршени во Косово, биле истражени и гонети пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

ФХП оваа година организираше и изложба под насловот „Некогаш одамна и никогаш повторно”, посветена на децата убиени во војната во Косово, 1998-2000 година, на која беа изложени лични предмети на деца, како училишни торби, играчки, фотографии и раскази.

„Дваесет години по војната во Косово, чувањето на сеќавањето преку различните форми на уметноста, е вистинскиот начин да се допре до младите луѓе, кои немаат извор на информации за војната“, вели, Деа Деди, од Документацискиот центар на Косово, која беше дел од тимот што ја организираше оваа изложба.

„Целта на изложбата е да се потсетиме на детствата кои беа прекинати поради војната во Косово. Преку приказните што се наоѓаат зад нив, и работите што им припаѓале, оваа изложба служи како повик за подигање на свеста во општеството, но и за изградба на колективно сеќавање“, додава Деди.

Една од најимпресивните употреби на уметноста во справувањето со некои од најчувствителните аспекти на конфликтот во 1990-тите, беше проектот на косовската уметница, Алкета Џафа Мрипа.

Имено, таа, во 2015 година, го искористи главниот фудбалски стадион во Приштина, како место на кое ја постави својата изложба „Мислам на тебе“, на која беа прикажани илјадници фустани и здолништа, донирани од луѓе ширум Косово. Со оваа изложба им беше оддадена почит на лицата што преживеале сексуално насилство, а целта беше да се пробие молкот што постои, кога станува збор за военото силување.

Првата личност што донираше фустан за изложбата, беше тогашната претседателка, Атифете Јахјага, која ја пофали солидарноста и поддршката што преку уметничките дела, им се пружа на жртвите, при што истакна дека сторителите се тие што треба да се срамат, а не жените што биле нападнати.

„Имаме морална обврска“

Фотографија од претставата „Прст“, на Дорутина Баша, прикажана во Босна и Херцеговина. Фото: Велија Хасанбеговиќ

По завршувањето на војната, Андреј Носов, кој во тоа време имал скоро 20 години, влегол во Косово преку граничниот премин Мердаре. Бидејќи немало автобус, тој влегол пеш.

Во тие времиња, вакво нешто беше навистина чудно – Србин да шета низ Косово и да зборува на српски јазик, се сеќава тој.

Носов, кој пораснал во Косово пред војната, денес е политички активист и уметник. Тој потенцира дека ситуацијата е сменета од неговата прва повоена посета на Косово, но не и реториката во однос на начинот на кој Србите и косовските Албанци се гледаат меѓусебе. Но, уметноста и културата можат и треба да играат улога во промената на нештата, посочува тој.

„Уметничката заедница мора да стори многу повеќе во иднина, затоа што никогаш не е доволно. Треба да се направат уште многу нешта, во однос на овие односи, и за разбирањето на овој комплексен и многу трагичен однос меѓу двата народа“, додава Носов, кој е и основач на невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права.

Сепак, тој нагласува дека е постигнат напредок: „Секако дека има големи и талентирани уметници, кои се обидуваат да ја разберат другата страна, имаме конкретни примери за важни изложби, театарски претстави и книги, кои отворија простор за премостување на јазот меѓу заедниците“.

Носов пишува и режира претстави, во кои се осврнува на прашањата како што се политиката на сеќавањето, постконфликтната правда и помирување, и правата на маргинализираните заедници.

„Уметниците се граѓани, а ние како граѓани имаме морална обврска да гледаме наоколу и да видиме кој е расист, а кој не е, и да ги поправиме работите“, вели тој.

„Важно е прашањето за одговорноста, што ни е упатено на сите нас“, додава тој.

Носов во моментов работи на театарска претстава за Косово, користејќи српски православни историски наративи.

„Дали имало позитивни делови од историјата меѓу Косово и Србија, дали имало периоди кога овие народи можеле да живеат заедно, дали е можно целата наша историја да е запишана на одреден начин?“, прашува тој.

„Косово е многу важно за мене, затоа што јас некако пораснав таму и Косово е важна тема во ова што го работам. На емотивно ниво, сакам да се осврнам на фактот дека се водеше војна, на фактот дека изгубивме нешто, дека ги расипавме односите и на исчезнатите“, нагласува Носов.

Носов е извршен директор на Хартефакт, невладина организација вклучена во поставување на политички свесни театарски претстави, која ја продуцираше претставата „Прст“, на Дортутина Баша, драматург и сценарист од Приштина, во Белград.

„Прст“ на оригинален начин се осврнува на исчезнатите лица во војната во Косово, од гледна точка на жените чии сопрузи исчезнале.

„Во многу традиционални домови во Косово, и натаму се случува, жените, чии сопрузи исчезнале за време на војната, сè уште да живеат со семејството на нивниот сопруг, иако помина повеќе од една деценија од војната. Правото над нивните животи, кои некогаш им припаѓало на нивните сопрузи, сега им припаѓа на нивните семејства. Тие немаат „приватен“ живот“, вели Баша во синопсисот на претставата.

„Сакав да ѝ дадам глас на заедницата која живее живот во  тишина, на семејствата на оние што исчезнаа во војната во Косово. Нивниот број е голем, а нивните приказни се скоро непознати за нас. Фактот дека тие се безгласни, говори за тоа колку не сме успеале во процесирањето, разбирањето и надминувањето на нашето трауматско минато“, потенцира таа.

Оваа претстава на Баша беше поставена во Белград, Скопје, Сараево, Виена, Приштина и во Тирана. Таа потенцира дека верува оти уметноста и културата можат да играат единствена улога во справувањето со болните настани од минатото.

„Би било супер кога секој уметник кој живее во повоен контекст, би го користел своето лично ’оружје’, за да му помогне на општеството да го разбере, процесира и надмине трауматското искуство од војната. Уметноста ја има оваа уникатна предност- таа е отворена и достапна за секого, не исклучува никого и нема предрасуди“, објаснува таа.

„Затоа, тоа е една од најбезбедните платформи на кои може да се справиме со минатото – дијалог што ниту една друга платформа не го дозволува“, додава таа.

Сепак, уметниците треба да бидат внимателни кога се занимаваат со вакви теми, предупредува Баша: „Да се ​​работи со справувањето со минатото преку уметноста, е многу чувствително, секогаш постои ризик дека уметничките дела повторно ќе ја трауматизираат публиката“.

„Соработката не нуди амнестија“

Косовски Албанци и Срби на пионерската изложба „ПЕРТЕЈ“ во Белград, во 1997. Фотографија на Шкелзен Малиќи

Косовскиот писател, Шкелзен Малиќи, со децении е вклучен во иницијативите за уметничка соработка помеѓу Косово и Србија. Уште во 1997 година, тој учествувал на изложбата „ПЕРТЕЈ“, со која косовските уметници се претставиле пред публиката во Белград, поставена во Центарот за културна деконтаминација, простор за алтернативна уметност и идеи, кој беше на страната на противниците на режимот на Слободан Милошевиќ.

Во времето на изложбата, иако сè уште немаше војна во Косово, репресијата врз Албанците беше широко распространета.

„Во тоа време, многу луѓе (во Косово) ни велеа, што барате во Белград? Само ја легитимизирате сегашната состојба во Косово! Зошто треба да ја признаете супериорноста на Белград, и покрај фактот што Центарот за културна деконтаминација е против режимот на Милошевиќ?“, се сеќава Малиќи.

„Продолжив да го бранам фактот дека „ПЕРТЕЈ“ е иницијатива за уривање на границите и за создавање на комуникација помеѓу уметниците“, додава тој.

Во јуни 2018 година, Малиќи беше спречен да учествува на настанот „ПЕРТЕЈ /BEYOND/НАД 20 ГОДИНИ“ во Белград, на кој требаше да промовира книга која се осврнува на изложбата, бидејќи српската полиција го задржа на границата. Затоа, во знак на протест против неоправданото ограничување на слободата на движење на косовските уметници, организаторите го откажаа овој настан.

И покрај ова, Малиќи истакнува дека тој сепак верува оти соработката во областа на уметноста, меѓу косовските Албанци и Србите е важна, затоа што и на двата народа им е предодредено да бидат соседи.

„Сегашниот српски режим е продолжение на оној од 1990-тите години, но врската што ја имаме денес со српската култура не е заради нив, туку заради рационалните луѓе во Србија, кои сакаат мир. Денес се малкумина, но не можеме да ги игнорираме – да не заборавиме дека тие се луѓето кои бараат од државата официјално да се извини за сите злосторства“, објаснува тој.

„Соработката не нуди амнестија за злосторствата, туку создава простор за иднината, во која соседите се почитуваат и се развива нормална културна размена“, заклучува Малиќи.

Овој текст е дел од грантот на програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, поддржан од Европската комисија.