Регион

Мафијаши со моторни пили: Пљачкосување на древните шуми во Албанија

Нескротливото бесправно влегување во најголемиот национален парк во Албанија ги уништува древните шума заштитени од УНЕСКО, открива истрагата на БИРН
Фото: Виктор Богдани

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Арлис Аликај | Рајце, Либражд, Елбасан, Струга

Возачот го стави во прва брзина камионот од советско производство додека се движеше по патеката засечена во планината. Возејќи преку големата карпа, возилото несигурно се навали кон работ од карпата. Надолу, море од облаци се протегаше на хоризонтот.

„Ако даде Алах, ќе успееме“, вели возачот. „Но, ако не даде Алах, ќе умреме“.

Неговиот фатализам не даваше многу утеха.

Камионот застана, се затресе, потоа повторно се врати во живот. Стискајќи го педалот за гас, тој ја заобиколи провалијата и продолжи по калливиот пат.

Тоа беше само уште еден ден, во кој камионот превезуваше дрва за црниот пазар од Националниот парк Шебеник-Јабланица во источна Албанија.

И покрај целосната забрана за влегување и регистрација во делови од Шебеник-Јабланица, локација заштитена како светско наследство на УНЕСКО, криминалните мрежи ги уништуваат овие древни шуми со цел да го снабдат домашниот пазар со огревно дрво, открива истрагата на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).

На повеќе од 2000 метри надморска височина, девствените букови шуми од најголемиот национален парк во Албанија се високи и широки, што ги прави погодни за сечење, во земјата која во последните педесет години изгуби најголем дел од шумската покривка.

Од мито и фалсификувани дозволи до цел возен парк од камиони опремени со сателитски уреди за следење, истрагата на БИРН открива до каде одат нелегалните дрвосечачи и ги уништуваат заштитените зони.

Исто така, доаѓа до израз културата на неказнивост во земјата-кандидатка за ЕУ ​​која се бори да го воведе владеењето на право за зачувување на природното наследство.

Во прашање е доведена одржливоста на еден екосистем кој служи како бели дробови на Албанија. Шумите на високите планини помагаат во стабилизирање на регионалната клима, регулирање на врнежите и овозможуваат циркулирање на воздухот, велат еколозите.

Протегајќи се долж македонската граница, паркот е, исто така, една од последните големи дивини во Југоисточна Европа, каде што виењето на сивите волци се слуша истовремено со зуењето на моторните пили.

Освен на девствените букови шуми, сечата им се заканува и на ретките растенија и животни, вклучувајќи ги и албанскиот крин, кафеавите мечки, златните орли и загрозениот рис познат како „тигар на Балканот“.

„Паркот Шебеник-Јабланица е еден од најубавите паркови на Балканот, но нанесени му се огромни штети во југоисточниот дел”, вели Ахмет Мехмети, раководител на Еколошкиот клуб од Елбасан и консултант на државното обвинителство во врска со криминалните активности во областа зачувување на природното наследство.

„Оние кои се одговорни за нелегалната трговија со огревно дрво, го кршат законот и го користат паркот за да заработат милиони”.

Еколошки масакр

Куп гранки од отсечени дрва за огрев расфрлани по падините на Шебеник-Јабланица | Фото: Арлис Аликај

Во 2016 година, Албанија воведе 10-годишен мораториум за сеча во сите свои шуми и го забрани извозот на дрва. Овој потег уследи по неколку децениската експлоатација која ги опустоши некогашните бујни падини во земјата и ја забрза ерозијата.

Властите сѐ уште можат да издаваат дозволи за сеча на дрва во одредени области за да ги задоволат потребите за огрев во зима на локалните жители, но националните паркови се строго забранети подрачја. Според казнениот закон на Албанија, сторителите можат да добијат осум години затвор за оштетување на заштитените подрачја.

Последните податоци од американското Глобално тело за следење на шумите (Global Forest Watch), покажуваат дека во 2010 година шумите покривале 17 отсто од Албанија.

Помеѓу 2001 и 2017 година, губењето на шумската покривка во земјата резултирала со ослободување на речиси три мегатони јаглерод диоксид, велат од Глобалното тело за следење на шумите.

Најголем дел од преостанатите шуми се наоѓа во Националниот парк Шебеник-Јабланица, што претставува 70 отсто од биолошката разновидност на Албанија, велат од албанскиот еколошки клуб, кој се грижи за зачувување на шумското богатство.

Паркот од 340 квадратни километри е дел од Европскиот зелен појас, мрежа од зони со еколошко значење за европската заедница. Античките букови шуми околу далечното село Рајце во југоисточниот агол на паркот добија заштита од УНЕСКО  во 2017 година.

Пељумб Ѓини, поранешен градоначалник на селото Стеблево, на северниот дел од паркот Шебеник-Јабланица, помогнал локалните старешини да лобираат за создавање на национален парк во 2008 година, откако дрвосечачите нанеле „немерливи“ штети.

„Но, иронично, ситуацијата не е подобрена и масакрот на животната средина продолжува“, изјави тој за БИРН. „Бизнисот што чини повеќе од милиони долари прави да се замижи пред она што се случува и областа и понатаму е без план за управување“.

Околу 80 отсто од локалното население се грее на дрва во текот на долгите зимски месеци, додава Ѓини.

„Бизнисот што чини повеќе од милиони долари прави да се замижи пред она што се случува“

Пељумб Ѓини, поранешен градоначалник на селото Стеблево

Од министерството за животна средина не одговорија на барањата за интервју ниту на прашањата пратени по писмен пат во врска со нелегалното сечење на шумите.

Но, Енвер Шкурти, директор на Инспекторатот за животна средина во Елбасан, телото одговорно за спроведување на законот во паркот, негираше дека има било каков проблем за време на интервјуто што го направивме во едно кафуле во Либражд, најблискиот град до паркот.

„Не е точно дека има нелегално сечење на дрва во паркот“, рече Шкурти, кој бил заменик-градоначалник на Либражд помеѓу 2015 и почетокот на 2018 година. „Нашата институција нема информации за каква било незаконска сеча во паркот, иако може да има изолирано случаи“.

Но, истрагата на БИРН откри друга слика.

На тајна еднодневна задача со дрвосечачите во зоната заштитена од УНЕСКО во близина на Рајце, БИРН виде како делови од девствената букова шума, се соголени. На падините високо над облаците, купишта свежо исечени дрва стоеја чекајќи да бидат собрани. Звукот на моторните пили одекнуваа во шумската тишина.

Влезот на БИРН во светот на црниот пазар почна едно летно утро во кафуле покрај патот во селото Хотолишт, неколку километри надвор од југозападниот крај на Шебеник-Јабланица.

Петмина возачи кои работат за „шефовите“ одговорни за сечата пушеа и пиеја кафе. Судејќи според нивните акценти, сите беа од различни делови на Албанија. Регистарските таблички на паркираните возила покажуваа дека возилата се регистрирани во далечни општини: Драч, Фиер, Корча и Берат.

Секој возач работеше за различна „компанија“. Нивната задача беше да се поврзат со тимовите со моторни пили во планините во Шебеник-Јабланица и да ги натоварат дрвата.

Возачите почнаа да се расправаат околу тоа кој ќе го земе најдоброто дрво од најголемите височини во паркот. Колку подобро дрво, толку поголем процент ќе земат.

На масата, пред нив имаа листови хартија што го носеа амблемот на општината Либражд. Изгледаше дека на нив има список на вработени полицајци, нивните смени и распоредот за празници, што е корисно за планирање на правецот на движење и избегнување на патролите.

Набрзо потоа  пристигна еден човек во кафеаната: старешината, одговорен за едно од десетиците села во близина на паркот.

Групата почна да се расправа околу тоа во чиј камион ќе се вози старешината. Конечно, тој избра возач и сите влегоа во возилата и заминаа во конвој. БИРН придружуваше еден од другите возачи, нервозен човек на околу 40-годишна возраст.

„Тој го избра автомобилот и друштвото на момчето кое ќе му даде најголем поткуп“, рече возачот додека го палеше моторот, објаснувајќи дека кога го возите старешината во камионот имате помалку проблеми со властите или локалните жители.

Старешината, исто така, ги назначува местата за сеча, вели тој. Возачите знаат по кои патеки треба да се движат во паркот според бојата нанесена на карпите или гранките на дрвата каде се двојат нечистите патишта. Секоја компанија има своја одредена боја. Колку е поголем поткупот, толку е побогато местото каде што се врши сечата.

Пиштоли и моторни пили

Ланец од моторна пила на пресечено стебло од бука во националниот парк | Фото: Арлис Аликај

Додека се возеше во паркот, возачот се слушна со газдите, жонглираше со три мобилни телефони, секој со дополнителна батерија. Тој рече дека неговиот камион има сателитски уред за следење што им помага на работодавците да го следат неговото движење.

На една раскрсница, камионите се разделија.

Гледајќи ја бојата на неговата компанија на трупците, возачот почна да вози по стрмната патека која постепено стануваше покаллива и покриена со поголеми камења. Во следните 45 минути, возевме 10 метри напред, пет метри назад. Во еден момент, возачот излезе и стави стапови и камења под тркала за да помине низ калта.

Одвреме навреме, мажи со темни очила за сонце се појавуваа од шумата за да се осигурат дека камионот се движи по вистинскиот пат, за кој се чини дека беше пробиен од булдожер, паркиран настрана во калта.

Еден мускулест млад човек го поздрави возачот и му предаде два или три документи за кои возачот рече дека биле дозволи за сечење дрва во Дарде, околу 30 километри јужно од паркот.

„Овие документи ќе ме спасат од проблеми“, рече возачот.

Кога камионот конечно стигна до својата дестинација на планинскиот врв во близина на малото село Рајца-Скендербег, на над 2000 метри надморска височина, 10 локални жители почнаа да ги товарат огромните букови дрва на грб. Други пак со моторни пили беа зафатени со сеча на дрва. Пред нас се гледаа само купишта исечени дрва.

Неколкумина со пиштоли напикани во нивните ремени ја следеа работата. Еден вртеше пиштол на прстот.

„Тоа е за животните“, рече тој.

„Се срамам од тоа што го правиме, но што друго можам да сторам?“

Анонимен дрвосечач

Еден од работниците што ги товареа исечените стебла во камионот беше 20- годишник од соседното село во паркот. Внимавајќи да не го чујат оние со пиштолите, рече дека неговата единствена надеж за издржување на неговото семејство било да се нафати за тешката работа на сечење и товарење, понекогаш длабоко во ноќта.

„Не ми се допаѓа сечењето на шумата“, рече тој. „Се срамам од она што го правиме, но што друго можам да сторам?“

Како и сите луѓе кои се вклучени во бесправната сеча, кои разговараа со БИРН, тој одби да биде идентификуван.

Враќајќи се назад надолу по планината по нерамниот пат, додека трупците се удираа од страните на преоптоварениот камион, возачот неколку пати се јави кај шефовите за да добие новости во врска со полициските патроли – за да ги избегне непријатните средби.

Барањата на БИРН до локалната полиција да даде свој коментар околу сечењето на шумите останаа неодговорени, а државната полиција во Елбасан не одговори на барањата за пристап до информации од јавен интерес во врска со нејзините напори за спроведување на законите против сечата на дрва.

Возачот рече дека секогаш се обидува да земе повеќе дрва од она што е напишано во фалсификуваната дозвола, бидејќи за секое патување добивал само ситна пара. Доколку во документот било наведено пет кубни метри, тој земал 15.

„Едноставно, момците како мене се наоѓаат на дното од хиерархијата“, вели тој, објаснувајќи дека шефовите се бизнисмени со врски со „моќни луѓе” кои дозволуваат да се врши сечата.

Тој вели дека половина од готовината од продажбата на огревното дрво оди кај шефовите и нивните работници. Остатокот се дава како мито за владините претставници.

Проблеми и корупција

Националниот парк Шебеник-Јабланица во источна Албанија е дом на древнишуми и на ретки животни

Делегацијата на ЕУ во Албанија, која финансира проект за да помогне во управувањето со одржливото користење на заштитените шуми, наведе дека лошото управување и корупцијата се меѓу главните пречки за заштита на шумите.

„Заштитените подрачја се погодени од нелегално уништување на шумите, фрагментација на живеалиштата и деградација на екосистемите поради слаби административни капацитети, недостаток од технички вештини, недоволно финансирање и корупција во администрацијата“, изјави делегацијата за БИРН во е-маил.

Армандо Брахо, адвокат специјализиран за заштита на животната средина од Меѓународниот универзитет во Струга, град што се наоѓа преку границата со Албанија во Македонија, вели дека проблемот е „повеќе политички отколку правен“.

„Постојат политички интереси поврзани со заработувачката, кои овозможуваат овие активности да се случуваат“, вели тој.

Додека поголемиот дел од Шебеник-Јабланица е под управа на властите во градот Либражд, јужниот дел од паркот, вклучувајќи ги и заштитените подрачја на УНЕСКО околу Рајце, припаѓаат на општина Прењас.

„Нашето размислување е дека државата не реагирала доволно за да го блокира бесправното сечење“, изјави во интервјуто за БИРН градоначалничката на Прењас, Миранда Рира. „Мораториумот воведен во 2016 година не е спроведен и населението нема алтернативи за затоплување во зима, што го отежнува спречувањето на бесправната сеча“.

Таа рече дека општинската влада минатата зима набавила 3260 кубни метри огревно дрво од други извори за жителите, но со население од 25000, според пописот од 2011 година, дополнителните резерви не биле доволни.

„Ако државата не ја сфати сериозно потребата за алтернативен начин за затоплување на локалните жители, во блиска иднина нашите шуми ќе го изгубат статусот заштитени од УНЕСКО“, изјави Рира.

„Нашите шуми може да го изгубат статусот заштитени од УНЕСКО“

Градоначалничката на Прењас, Миранда Рира

Шумарите кои работат во Управата за заштитени подрачја на Елбасан, со седиште во Либражд, АПА Либражд, се одговорни за патролирање во паркот.

Бајрам Кулоли, кој неодамна стана втор командант на АПА Либражд по 25 години работа како шумар, рече дека 15-те шумари во управата биле преоптоварени и немале доволно ресурси.

„Државата треба… да ги зголеми платите, да обезбеди надоместоци за гориво [за патролните возила] и да ги зголеми човечките ресурси“, изјави тој за БИРН.

Делегацијата на ЕУ во Албанија го пофали АПА Либражд за напорите што ги вложува за контрола на бесправната сеча, но рече дека катастрофата продолжува поради „ограничените капацитети на управата“ и „недостатокот на сериозна посветеност од страна на Инспекторатот за животна средина“.

Кулоли вели дека неговата канцеларија неодамна испратила четири или пет случаи до полицијата и обвинителството, но за ниту еден од нив не било покренато обвинение. Освен бирократските одложувања, истрагите биле попречени заради техничките предизвици за докажување од каде доаѓа дрвото откако ќе се исуши, додаде тој.

Барањата упатени до главниот обвинител во Елбасан да ни ги достават најновите податоци во врска со обвинувањата не беа одговорени поради смената на регионалните обвинители како резултат на судските реформи заради кои голем дел од албанскиот правен систем е во неизвесност.

Но, истрагата на БИРН во 2017 година (текстот е на албански јазик) покажа дека од 26 случаи за незаконска сеча на шумите кои стигнале до обвинителството во текот на претходните две години, во 23 било покренато обвинение, но само едно лице било осудено – вели еден човек од Рајце, кој добил парична казна од 650 евра за сечење дрва без дозвола.

Солзи за дрвата

Пространите пејсажи на Шебеник-Јабланица, каде се прави бизнис со незаконско сечење дрва | Фото: Арлис Аликај

Еколозите велат дека исечените дрва од паркот завршуваат на пазарите за огрев низ целата земја, каде што се продаваат поскапо заради нивната дебелина, сувост и нивната карактеристика дека подолго горат во печките.

Во текот на неколкуте часа, БИРН виде четири големи камиони на дел од патот меѓу градовите Либражд и Прењас во округот Елбасан, кои се тетеравеа под тежината на трупците подготвени за пазар

Продавачите на огревно дрво во југоисточните градови Поградец и Корча и во областа околу Либражд одбија да коментираат од каде ги набавуваат трупците, но менаџерот на еден од пазарите во округот Елбасан, кој сакаше да остане анонимен, потврди дека неговото најдобро дрво доаѓа од Шебеник -Јабланница.

Тој рече дека неговите добавувачи користат лажни документи што укажуваат на тоа дека дрвото се собира во Дарде, општина надвор од паркот каде што властите можат да издадат дозволи за сеча за задоволување на потребите на локалните жители за огрев.

Во лето, дрвото што всушност е од Дарде се продава за околу 24 евра (3000 лека) за кубен метар, додека за најдоброто дрво од Шебеник-Јабланица се добива 32-35 евра (4000-4500 лека), вели тој. Во зима, дрвото од паркот се продава за околу 55 евра (7000 лека).

Запрашан во врска со тврдењата дека за дрвата од паркот се обезбедуваат документи како да се од области каде што е дозволена сеча, Шкурти од Инспекторатот за животна средина во Елбасан изјави: „Тоа воопшто не е точно. Тие проблеми се останати во минатото“.

Но, тој рече дека има одредена конфузија во врска со законитоста на сечата надвор од паркот поради доделените концесии пред да започне мораториумот во 2016 година.

„Некои концесии биле дадени во 2003 година и тие имаат важност до 2022 година“, рече тој. „Тоа ни дава лоша слика. Но, овие видови на отстапки не се наша одговорност“.

Мехмети, раководителот на Еколошкиот клуб Елбасан, рече: „Концесиите се злоупотребуваат со сечење на повеќе дрва отколку што е дозволено, сечење во области без дозвола и менување на документите за да се покаже дека дрвата се од различни зони“.

Кастриот Гура, градоначалникот на Либражд, беше запрашан за дупките во спроведувањето на мораториумот во едно неодамнешно телевизиско интервју  (на албански јазик).

„Ние немаме можност да ги прекинеме или поништуваме договорите, бидејќи тие беа потпишани од Министерството за животна средина уште во 2012 година“, изјави тој.

„Овие дрва растеа заедно со мене… Како (дрвосечачите) и мене да ме исекоа со нив“

Локален жител од едно од селата во центарот на бесправната сеча во националниот парк Шебеник-Јабланица

Брахо од Меѓународниот универзитет во Струга ја отфрли идејата дека старите концесии предизвикуваат законска конфузија или дека тие го попречуваат спроведувањето на законот.

„Дури и ако постои договор (пред да се случи мораториумот), владата може да најде решенија“, изјави тој за БИРН.

Локалните земјоделци околу селата Стеблев и Драгостуња, кои се наоѓаат во различни делови од паркот , велат дека уништувањето на шумите ги уништува нивните обработливи површини предизвикувајќи ерозија. Сточарите кои одгледуваат крави, овци и кози во карпестите висорамнини, исто така, велат дека ги губат пасиштата.

Во меѓувреме, луѓето околу Рајце жалат заради губењето на девствените букови шуми со кои многумина чувствуваат речиси духовна врска.

„Овие дрвја пораснаа со мене“, вели 35-годишен трговец кој сакаше да остане анонимен поради страв од одмазда од дрвосечачите. „Јас го врежав моето име на едно од дрвјата и отидов да кампувам таму со моето семејство. Денес, кога се вратив, сфатив дека дрвото го нема. Тие го исекле. Тоа е како и мене да ме пресекле“.

На една ледина во близина на селото Рајце-Скендербег, каде дрвосечачите беа зафатени со сечење дрва со моторни пили, една жена во нејзините 70-ти години качена на магаре носеше ручек за нејзиниот син, еден од дрвосечачите.

„Дали го гледате сокот од ова стебло?“, рече таа, покажувајќи на трупот од џиновската бука. „Ние тоа го нарекуваме солзи на дрвото, бидејќи дрвјата плачат кога се исечени“.

Box: Лекциите од Македонија

Жители на националниот парк се и златните орли и загрозениот рис | Фото: Еуронатур, Габриел Швадер

Националниот парк Шебеник-Јабланица се протега долж албанско-македонската граница. Еколозите велат дека начинот на кој властите во двете земји се справуваат со нелегалното сечење дрва е како ден и ноќ.

„Во нивната (македонска) култура гледаат на овој проблем како на заштита на нивното наследство“, вели Армандо Брахо, адвокат специјализиран за заштита на животната средина на Меѓународниот универзитет во Струга, во западна Македонија. „Постојат строги закони и патроли 24 часа на ден. Персоналот е добро обучен, а има и посебна шумарска единица за спроведување на законите“.

Спротивно на тоа, Албанија „има закони, но тие не се спроведуваат“, рече тој.

„Бесправната сеча се случува (и во Македонија), но дрвата се обновуваат. (Албанците) имаат култура на уништување на она што го имаат“.

Бајрам Кулоли, долгогодишен шумар во Шебеник-Јабланица, вели дека со македонската страна од паркот далеку подобро се управува.

„Македонците имаат повеќе правна култура и подобра комуникација“, вели тој. „Ние имавме неколку размени и соработка со нив, и тие изгледаат многу попрофесионално во смисла на достапните материјали и организација. Бевме малку засрамени, всушност, дека имаме толку многу да научиме од нив. Нам ни е потребна поддршка од државата за наше зајакнување како шумари ренџери“.

Ахмет Мехмети, шеф на Еколошкиот клуб во Елбасан, источна Албанија, вели дека Македонија ја зачувала праксата за грижа за шумите што датира од деновите кога била дел од Југославија. Денес, тоа се покажува преку високо-технолошки пристапи кон управување со шумите.

„Македонците имаат капацитети и технологија за заштита на шумите“, вели тој. „Тие развија технологија за следење со ГПС и набљудување со камери. Но, работата е исто така во спроведувањето, а ние немаме квалитетни кадри“.

Џех Неџа, директор на Управата за заштитени подрачја на Елбасан во Албанија, вели: „Постојат области за подобрување, но имаме инженери за шумарство и други обучени професионалци“.

Министерството за животна средина на Македонија има Сектор за природа  посветено на заштитата на природните ресурси на земјата. Должностите на секторот вклучуваат спроведување на планови за обезбедување на одржливост на заштитените подрачја.

Судејќи според пресудите за бесправно сечење, Македонија, исто така, сериозно го спроведува законот.

Во првите шест месеци од 2015 година, медиумите објавиле (на италијански) дека македонските судови изрекле 1227 пресуди за нелегално сечење, вклучувајќи и казни во висина од 1.7 милиони евра. Спротивно на тоа, албанските судови изрекле една глоба од 650 евра помеѓу 2015 и 2017 година, откри истражувањето на БИРН спроведена во 2017 година.

БИРН не беше во можност да добие коментар од македонското министерство за животна средина или локалните власти во близина на паркот.

Арлис Аликај е албански фриленс новинар. Уредено од Тимоти Ларџ. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.